Природни начини на отстранување на флеки од облеката


Прекрасна вечера во друштво или со партнерот, свеќи, вино, вкусна храна и...упс по некоја мала флека на чаршафот за јадење, или пак уште полошо на омилената кошула. И тогаш што правиме? Посегнуваме по најприродните состојки кои за среќа сите горе доле ги имаме во нашите домови.

Во текот на изминативе години открив многу начини на отстранување на флеките, истражував по интернет и читав. Многу од тие природни методи лично ги пробав и затоа сакам да ги споделам со сите вас во оваа статија. Навистина се скономични и доста функционални и ќе заштедите пари на скапи хемиски производи кои во некои случаи и не функционираат добро. Во продолжение ќе ги разгледаме најчестите флеки и методите со кои може многу лесно да ги отстраниме. Природата има решение за сѐ.

1. Црвено вино


Доколку за време на вечерата дома со гости некој истури несакајќи малку црвено вино на вашиот нов бел чаршаф, најдобар метод е да сипете одозгора веднаш (додека флеката е мокра и тазе) бело вино. Белото вино го неутрализира црвеното и како што ќе испари алкохолот така со себе ќе го однесе и црвеното вино. Ќе остане само мала бледа трага која лесно се вади со перење.

Доколку флеката од црвено вино е стара и засушена, во тој случај врз неа најнапред ставете обична сол, па потоа оцет или сок од лимон (доколку материјалот е деликатен ви советувам оцет затоа што лимонот е многу агресивен) и оставете така да отстои околу саат време пред да преминете со перењето. Истово важи и доколку се искапете со црвено вино на облеката.


2. Кафе

Флеките од кафе може да ги отстраниме со оцет доколку се стари флеки. Врз флеката намачкајте малку оцет и оставете да стои така околу саат време пред да ја перете како што обично правите.

Во случај на свежа флека од кафе има еден метод со жешка вода, односно во едно ѓезве се загрева вода и кога ќе почне да врие се зема облеката или чаршафот и се става во мијалникот и од поголемо растојание се излива водата директно врз флеката. Овој метод е познат како жешка вода под притисок која моментално ќе ја отстрани флеката.

3. Доматен сос


Доколку сме дома и несакајќи на чаршафот или пак на кошулата ни капне малку сос од домати, може флеката многу лесно да ја отстраниме додавајќи врз неа (додека сеуште е свежа, значи не се исушила) малку минерална (односно кисела) вода. По една минута нежно поминете со една чиста крпа врз флеката за да ја отстраните и таа многу лесно ќе излезе. Ќе остане сосема бледа трага, која потполно ќе исчезне кога ќе ставиме чаршафот во машина за перење на алишта. Истава постапка може да се примени и доколку сме во ресторан и се искапеме врз нашата омилена кошула.

Доколку станува збор за стара флека од доматен сос која веќе се засушила, во тој случај пред да го ставите чаршафот или кошулата во машина за перење на алишта, ставете одозгора малку оцет и оставете да делува саат време. Потоа ставете ја да се пере и флеката потполно ќе исчезне.

4. Чоколадо

Знаеме дека децата обожаваат да јадат чоколадо и откако ќе го изедат обавезно се бришат од чаршафот или пак од сопствените маици. И што да правиме? Земаме една коцка лед и со неа ја поминуваме флеката се додека, под дејство на ладното, убаво не се заледи и потоа лесно ја отстрануваме гребејќи ја со ноктот.

5. Масло


Доколку чаршафот го искапете со масло, во тој слушај веднаш врз него ставете многу бебешка пудра. Оставете го чаршафот или облеката врз која сте истуриле масло заедно со пудрата од 8 до 10 часа. Потоа, со помош на една четка за облека полека отстранете ја пудрата (која веќе го впила маслото) и флеката ќе излезе заедно со неа. Потоа секако материјалот може да го исперете во машина или рачно, како што обично правите.

Се надевам дека советиве ви беа од корист. Следен пат кога ќе искапете некоја блуза или чаршаф со една од овие состојки, пред да истрчате во продавница да купите специјален производ за отстранување на флеки, пробајте со еден од горенаведените природни методи. Ќе бидете воодушевени од резултатот.

Дали и вие имате некој посебен природен начин на отстранување на флеките? Што е она што за вас фумкционира?

Поздрав и до скоро читање

Вики

Comments