Домашно суши (со она што го имаме во нашите кујни)


Здраво драги мои,

дефинитивно едно од моите омилени јадења, фантастично за секоја пригода, особено ако сакате да направите мал коктел од типот finger food со мали залчиња и за повеќе души. Повеќето од вас можеби сметаат дека е комплицирано за изработка. Епа денешнава статија има за цел да ви докаже дека суши може да го направиме со било која состојка која ја имаме дома, според наш вкус и дека подготовката е навистина многу лесна (откако ќе се навежбате).

Во насловот на оваа статија споменав “со она што го имаме во нашите кујни“ токму така драги мои. Знаеме дека за подготовка на овој специјалитет секако ни е потребен специјален ориз за суши, оцет од ориз, алга нори и состојки по наш избор за полнењето. Оригиналниот ориз за суши е насвистина одличен (тоа и му е намената мора да биде одличен :)), и е навистина тешко да се најде барем кај нас. Единствено место каде го има (барем јас таму сум го видела а може да го има и на други места) е супермаркетот Carrefour во т.ц. City Mall, меѓутоа проблемот е тоа што го нема секогаш. Трет пат како што го барам и го нема на лагер. Потоа оцетот од ориз може да биде доста скап. Го имам видено во Carrefour и во некои продавници за здрава исхрана, меѓутоа многумина не би го земале затоа што е нешто што не го употребуваат често или пак затоа што е потешко да се најде.


Меѓутоа не се грижете, најдов одлична “домашна“ алтернатива за овие состојки и со оглед на тоа што јас суши правам многу често, може да ви кажам дека вкусот е многу сличен, ако не и ист како оној направен со оригиналните материјали.

Да не ве држам во неизвесност затоа ајде да започнеме.

За моето домашно суши потребно ви е:

- 150 гр. бел ситен ориз
- 3 парчиња алга нори
- јаболков оцет
- сол
- шеќер (јас користев интегрален)
- лосос (јас користев пушен лосос)
- краставичка (или било кој друг зеленчук како морков, целер)

Што се однесува до оризот кој го користев во рецептот, навистина не ја знам марката, меѓутоа важно е да е ситен. Јаболковиот оцет ќе го користиме како замена за оцетот од ориз и тоа помешан со шеќер и сол. Верувјте ми ја има истата функција на оцетот од ориз, а и вкусот е доста сличен во крајниот производ.


Најнапред оризот измијте го многу убаво со ладна вода, се додека водата не стане бистра (на почетокот додека го миете водата ќе биде бела ама инсистирајте, потребно е трпение). Откако убаво го измивте оризот ставете го во едно тенџерче и додадете вода за да го покриете (малку над оризот). Ставете го да се вари (покриено со капак) на многу ниска температура околу 15 мин. За време на варењето никако не го кревајте капакот. Пожелно е да ставите проѕирен капак за да може да го надгледувате оризот. Откако ќе поминат 15 мин. тргнете го тенџерето од рингла и оставете го така да стои уште 10 мин.


Во едно ѓезве загрејте го оцетот заедно со шеќерот и солта. За количината на ориз која ја користев доволно ми беше околу четвртина шоља за кафе оцет (малку повеќе од четврт) во која ќе растворите половина лажичка шеќер и малку сол (на врвот на лажичката). Откако смесата ќе се олади сипете ја врз оризот и убаво помешајте. Секако вие експериментирајте со количините и откако ќе го најдете вкусот што ви се допаѓа така и правете го.

Оставете го оризот на страна додека убаво не се олади и потоа ставете го во фрижидер во еден сад (јас користев порцелански) со капак да отстои цела ноќ. Може да се запрашате зошто цела ноќ? Затоа што од искуство ви велам дека е многу подобар ден потоа отколку истиот ден.

Изутрина, извадете го оризот од фрижидер, земете ја алгата и ставете врз неа убава количина од оризот. Намокрете ги рацете да спречите оризот да ви се лепи на нив.


Оставете простор на едниот крај од алгата за да можете полесно да ја затворите. Врз оризот ставете го она полнење кое ви се допаѓа. Јас направив два вида: со пушен лосос и пушен лосос со краставица.


Полека почнете да виткате внимателно и накрај спојте ги краевите премачкувакќи ги со малку вода.


Ете вашето суши/маки е готово.

Доколку немате алга или пак не ви се допаѓа не очајувајте. Може да направите сашими. Едноставно земете мал дел од оризот, формирајте го како издолжена топка, и врз него одозгора ставете го парчето пушен лосос.



Откако ќе ги направите сите ролни со суши/маки, земете убав остар нож и сечете ги на парчиња со средна дебелина и сервирајте ги онака како што вам ви се допаѓа.



 Ете драги мои, не е потребно да купувате специјални производи. Пробајте ја мојава домашна варијанта и оценете сами дали вкусот е добар како и оригиналните.


Доколку сакате ставете малку соја сос во едно чинивче на страна и макајте ги секој од овие суши маки пред да ги изедете. Овој сос им дава навистина прекрасен вкус и мирис. При изборот на соја сосот ве молам земајте секогаш органски, затоа што сме сигурни дека во него нема ГМО (со оглед на тоа што е забранет во органската култура).

Секако ви благодарам многу на вниманието и се надевам дека некој од вас ќе се обиде да ги направи. А доколку е тоа така, слободно пишете ми импресии под текстот.

До следната статија.

Вики

Comments