Здрава и урамнотежена исхрана: моето лично искуство



Откако почнав да говорам за здрава исхрана и да објавувам рецепти кои го прочистуваат организмот како детокс водите од малина и краставица, добив навистина многу барања да напишам една статија за сите состојки кои ќе ви помогнат да ја намалите телесната тежина, на кој начин може секогаш да се оддржите во форма и каква храна да се конзумира.

Со оглед на тоа што не сакав да напишам статија која ќе биде еден вид на предавање од типот јадете ова...правете она...избегнувајте ова...(а немам ни право да ви кажувам што да правите во животот и како да се исхранувате), се решив да ви го откријам мојот личен метод на оддржување на формата и телесната тежина. Така да во денешнава статија ќе ви ја напишам мојата приказна што се однесува до исхраната, крајностите во кои одев во одредени периоди во животот и како конечно го пронајдов одличниот баланс.

Најнапред важно е да напоменам дека не сум нутриционист по професија и ова што ќе го прочитате во продолжение е она што за мене лично функционира. А верувајте додека стигнав до еден стадиум каде пронајдов рамнотежа во исхраната, спортот и добросостојбата, поминав низ милион различни фази одејќи од една крајност во друга. Секако ова се само совети кои може да ви ги дадам, и кои доколку ви се допаѓаат може да ги вметнете во сопствениот животен стил без драстично да ја промените вашата секојдневна рутина. За било што, секако консултирајте се со вашите нутриционисти или матични лекари.

Јас и исхраната- мојата лична приказна


Храната може да биде лек и отров... ах колку е само вистинита оваа реченица...златно правило. Ние сме она што го јадеме и храната не само што влијае врз нашиот организам, убавина, кожа и коса, туку и врз нашето однесување. Од дебелко детенце, до претерано слаба тинејџерка, па се до конечно избалансирана, здрава и доста добро оддржана 37 годишна, верувајте ми скоро цел живот талкав од една крајност до друга, се додека конечно не ја пронајдов сопствената рамнотежа во поглед на исхраната. Извесен период од животот одбивав да јадам благо, потоа претерував со благото, го исфрлив лебот за повторно да го внесам, избегнував млечни производи, за потоа да претерувам со кашкавалот и.т.н., се додека не сфатив дека урамнотеженоста е златно правило во животот. Верувајте ми правев такви претерувања што неможев ни на раат да излезам со луѓе во ресторан, затоа што беше трагедија ако храната содржи ова или она, ако случајно се најде мало делче од некоја состојка која не ја конзумирам, па дури и панично избегнував одредени намирници. Зошто се решив да го напишам сево ова? Затоа што претпоставувам и знам дека ме читаат разни генерации, а меѓу вас и многу млади девојчиња кои сеуште талкаат во потрага по вистинскиот метод преку кој ќе имаат совршена линија. Јас бев една од нив, читав пробував различни режими, и доколку оваа моја исповест и совет помогне на некој друг да многу порано го пронајде сопствениот баланс би била пресреќна. Тоа е мојата желба и целта на ова што го правам.

Значи по долги години талкање пред околу 3 години (што да кажам никогаш не е доцна), за среќа и конечно го пронајдов она што одлично одговара за мене и што ми дозволува да на храната гледам со други очи и секако да ја конзумирам со сласт и уживање.

Најнапред да кажам дека сѐ започнува во главата. Да, токму така преку мислата, преку нашиот став, страв или доверба ние го контролираме нашиот ум, а тој ги контролира сите останати работи во животот. Затоа најважно е внатре во себе да се помирите со одредени ставови, стравови и сфаќања, и да почнете работите да ги гледате со поинакви очи. Важно е да изградите убав однос со храната, да сфатите дека таа може да биде и вашиот најдобар пријател, дека се е добро и потребно за организмот доколку се конзумира во умерени дози. Секако предност треба да се даде на свежата храна како зеленчукот и овошјето кои се од огромна важност за внесување на витамини и минерали во организмот, на житариците, легумите и рибата, меѓутоа верувајте, ако изедете една пица еднаш во неделата ништо нема да се случи. 

Знам дека сте нетрпеливи, така да еве веднаш преминувам на сѐ она што за мене функционира и од кое не само што гледам резултати, туку се чувствувам одлично и во форма.

- Конзумирам навистина многу течносту во текот на денот. Никогаш не сум под 3 литри дневно. Може да станува збор за чаеви, чиста вода или пак детокс вода. Најважна работа е да се оддржува правилна хидратација на телото за да може целиот организам правилно да функционира. Од време на време правам и третмани на прочистување (најчесто пролетно време), каде конзумирам специјални течности или чаеви за детоксификација на организмот.


- Обожавам да јадам риба и ја јадам два пати неделно. Понекогаш јадам и месо меѓутоа многу ретко затоа што самиот организам не ми бара. Конзумирам многу овошје и зеленчук (по можност сирови) и јаткасти плодови. Конзумирам и доста житарици и никогаш не сум била согласна на диетите каде една група на јадење треба да се исфрли за да се ослабне. Тоа е мое лично мислење. Се водам според златното правило богат доручек, добар ручек и сиромашна вечера (доколку има интерес ќе ви пишам и пример за оброци и здрави намирници, вие само оставете коментар под текстот). Една од работите кои за мене одлично функционира и дава екстра резултати е честото јадење. Можеби ќе ви звучи чудно меѓутоа јадам и до 6-7 пати дневно, на секои 3 саати, меѓутоа по малку. Од она што кај себе лично го забележав е доколку го правам ова, метаболизмот го оддржувам секогаш активен, а тој и кога работи троши. Важно е да се јаде по малку и квалитетно (овошје, шака јаткасти плодови, две три коцки темно чоколадо, салата од зеленчук итн.).


- Секојдневно конзумирам една лажичка кокосово масло на ден. Најчесто тоа го правам во чај, кој не само што дава одличен вкус на чајот, туку и дава неверојатна енергија во текот на денот. Кокосовото масло е добро затоа што ја регулира работата на метаболизмот и на некој начин помага во слабеењето. Внимавајте да не претерувате со количината, секое претерување дава контра ефект. Исто така е важно да не го користите ова масло како замена за маслиновото или сончогледовото (во зависност какво масло користите за готвење и зачинување), туку да биде дополнување во исхраната.


- Конзумирам исклучиво интегрални житарици (леб, тестенини, ориз и др.), кои содржат доста влакна кои се од огромна важност за правилно функционирање на метаболизмот. Исто така белиот шеќер го имам заменето со мед, малтекс и кафеав шеќер. 

- Обожавам слатки и по долга борба со нив (вечната дилема да или не на благите работи), сепак се дел од мојата исхрана. Кога лично си ги правам дома, иако не сум веган, гледам рецептите да ги поедноставам во веган варијанта, без млеко и јајца и обавезно со кафеав шеќер, малтекс или мед. Меѓутоа кога одам на гости или пак со друштво на сладолед, јадам сѐ. Сигурно кафичите и рестораните за мене специјално нема да прават сладолед со кафеав шеќер или пак да им солам памет на луѓето кај кои одам на гости, како да готват.


- Едно од најдобрите совети кои можам да ви ги дадам е честете се себе си. Кога сте излезени надвор, дозволете си сѐ во умерени количини, меѓутоа дома внесувајте само здрава храна. Многу луѓе секогаш кога ќе излезат во град или кога ќе отидат на гости се устручаваат да јадат велејќи “не благодарам на диета сум“, а дома фрижидерот полн со нездрава храна. Не е толку страшно ако кога излеземе се почастиме себе си со сладолед, изедеме парче пица или пак сендвич. На крајот на краиштата човечки суштества сме не роботи. Она што е важно е што внесуваме секојдневно во сопствените домови. Еве јас на пример фрижидерот и креденецот го полнам со здрава храна (житарици, јатксти плодови, овошје, зеленчук, природни засладувачи и.т.н.). Значи не дозволувам дома да внесувам секојдневно нездрава храна па да паѓам во искушение, или да мора да ја конзумирам за да не се расипе, меѓутоа кога излегувам надвор и тоа како ќе се почастам себе си со сѐ она од кое моето тело има потреба во моментот и кое ете ми се јаде во одредена прилика. И верувајте ми ова функционира, затоа што од голема важност е она што го конзумираме редовно на секојдневна база, а не она што еднаш неделно ќе се почастиме и ќе се засладиме. Секако нели умерено и со усул, што би се рекло.


- Друг многу важен совет е: секогаш слушајте го вашето тело. Слушајте се себе си, она од кое имате потреба. Гледајте што е она што ви прави добро или лошо, што е она што за вас лично функционира. Убавината е во тоа што секој организам е различен и она што функционира за мене не секогаш е функционално и за останатите.

- Ве молам избегнувајте ги драстичните диети, оние кои ветуваат чуда за еден месец и преку кои се губат и до 5 килограми. Подобро е постепено, меѓутоа сигурно. Подобро е да губите и по два грама месечно и за една година да го достигнете својот идеал, отколку за два месеци убавата линија да ја платите со сопственото здравје. 

Ете, драги мои, се надевам дека ви се допадна ова што го прочитавте и најважно од се дека ќе извлечете некаква корист од него. Како што веќе напоменав целта не ми е да ви кажувам што да правите, ниту пак да ве убедувам дека ова што јас го правам е најдобро. Треба секојдневно да се чувствуваме добро сами со себе си и на некој начин она што го конзумираме да не прави среќни. Ако јас се лишам од многу работи и држам строги диети поради кои сум заборавила да се смеам, не сум направила ништо. Напротив ги влошувам работите.

Секако доколку има интерес во некоја од наредните статии ќе говорам и за спортот и неговиот удел за здравиот организам и пред се кондицијата и добросостојбата на телото, а дотогаш ве гушкам сите и ви благодарам за вниманието.

Вики

Comments