Многу вкусни интегрални лајт мафин


Одличен за појадок или ужинка, мафиниот е едно многу вкусно слатко задоволство кое може да биде и навистина многу здраво. Се зависи од начинот на подготовката. Токму затоа во продолжение на оваа статија, со вас ќе споделам еден фантастичен рецепт за лајт верзија на традиционалните мафини. Овој рецепт е со интегрално брашно, не содржи јајца, млеко и путер, ниту пак квасец. Одлични се и за веганите.

Се што ви е потребно да го подготвите овој навистина делициозен рецепт е:

- 280 гр. брашно (јас користев мешавина од интегрални брашна од ориз, пченица, камут и хељда);
- 150 гр. мед (јаворов или агаве сируп)
- две лажички сода бикарбона (јас ја користам пекарската сода на биокосмос);
- 250 мл. вода
- 2 супени лажици оцет
- 100 мл. кокосово масло (или масло од сончоглед за неутрален вкус)
- 100 гр. полнење по ваша желба (јас користев 50 гр. капини и 50 гр. темно чоколадо)


Е сега, сигурно која ја читавте листата се запрашавте...оцет??? Да не полудела Вики??? Оцетот во комбинација со содата е всушност природна замена за квасец. Ќе му помогне на тестото да нарасне, а воопшто нема да се почувствува ни мирисот ни вкусот во финалниот производ. Јас имам една листа на природни состојки кои се всушност одлична замена на индустрискиот квaсец (ќе ви ја објавам во некоја од следните статии), и секогаш ги употребувам кога правам слатки или солени работи.

Ајде да започнеме со подготовката. Најнапред со помош на едно сито просејте го брашното заедно со двете кафени лажички сода во еден длабок сад, со цел да ја спречите формацијата на грутки. Потоа тргнете го садот на страна.

На друго место ставете ја најнапред водата, медот, потоа двете супени лажици оцет и на крај маслото и убаво измешајте. Помешајте ја течната со сувата смеса.


Не мешајте многу затоа што сепак смесата треба да остане потечна, и на крај во неа додадете го вашето полнење. Може тоа да бидат малини, боровници, ореви, чоколадо...по ваш избор. Јас лично смесата ја поделив на два дела и во едниот ставив 50 гр. капини, а во другиот 50 гр. темно чоколадо. Вака добиената смеса излијте ја во калапи за мафин каде претходно имате ставено украсна хартија за мафин, и одозгора украсете со она полнење кое сте го ставиле внатре.

Е сега еден мал трик како успешно да ја излиете смесата без да направите лом насекаде. Префрлете ја смесата во едно поголемо ѓезве (она за чај или кафе) и на тој начин излејте ја во калапот. Мене вака ми беше најлесно и веднаш ги наполнив сите калапи за мафин,.

Вака подготвената смеса ставете ја во загреана рерна на 180 степени.


Доколку имате послаба рерна како мојата може и на повисока температура. Сепак раководете се според вашите рерни. Исто така и времето на печење не е исто за сите рерни. Секако во модерните рерни ќе бидат готови за 18 мин., додека во мојата беа потребни 25. Така да тоа е индивидуално, без да ви кажувам колку минути да ги печете, сепак готови се кога ќе поруменат убаво. Направете тест со чачкалица за да се осигурате дека се добро печени.

По истекот на времето, извадете ги од рерната и оставете да се оладат. Ете вашите здрави и вкусни мафини се готови и чекаат на вас да ги конзумирате како што сакате.


Верувајте ми според мене одлични се за доручек со чај или јогурт, или пак за ужинка. Навистина здраво и слатко задоволство кое дефинитивно треба да го пробате.


Да напоменам дека со горенаведените количини се добиваат 12  големи мафини.

Се надевам дека уживавте и во овој рецепт и дека ќе се обидете да го направите. Ако тоа е така, не ми преостанува ништо друго туку да ви посакам пријатен апетит.

Се читаме наскоро.

Вики

Comments