На која возраст да се почне со кремите анти ејџ?


Во изминатиов период најголем број на прашања добив токму за оваа тема: кога е вистинско време да се почне со третмани анти ејџ? Каква крема да се одбере? Долго време се подготвувам да напишам нешто токму на оваа тема, поради многубројните прашања, но и поради фактот што кога шетам низ продавници во потрага по нови препарати, гледам многу млади девојчиња кои се двоумат каква крема да изберат, дали уште од сега да започнат со производите кои содржат Q10, колаген и други активни состојки против брчки. Еве, се надевам дека ова што ќе го прочитате на некој начин ќе ви помогне во изборот на вистинскиот производ, и ќе ве насочи во правилна насока.

Најнапред да одговорам на прашањето на која возраст треба да се започне со анти ејџ кремите:  не можам да одредам одредена возраст. Сѐ зависи од начинот на живеење, исхраната, генетската предиспозиција, дали пушите или не, видот на кожата и секако негата која ја посветувате на самата кожа. Меѓутоа ова не значи дека уште на 20 години треба да се користи крема со колаген и Q10, туку дека треба да се направат некои промени и подобрувања во начинот на живеење.

Нашата кожа има способност за константна регенерација и старите клетки изумираат и се заменуваат со нови. Овој процес е поактивен во помладите години, додека со текот на времето се забавува, под дејство на слободните радикали, што допринесува до појава на брчки и стареење на кожата. За да ја спасиме кожата и да го забавиме овој процес и да и помогнеме на кожата во својата обнова,  од голема важност е да на некој начин им се спротивставиме на слободните радикали.

1. Чистење на кожата


Загадениот воздух во поголемиоте градови многу влијае врз предвремено стареење на кожата, и затоа од огромна важност е правилната нега на кожата. Сѐ започнува од доброто чистење на кожата со благ производ кој има за цел да ја исчисти, меѓутоа да не ја обезмасти, туку напротив да ја нахрани и на некој начин да ја задржи влагата и еластичноста на кожата. Чистењето на кожата е важен предуслов за било која возраст, само чистата кожа е здрава кожа. Исто така, од огромна важност е да ја вадите комплетно вашата шминка пред да одите на спиење. Без разлика колку и да сте уморни, ве молам сторете го тоа. Кожата навечер е најактивна и кога ние спиеме, таа всушност се буди. Активно прима се она што сме нанеле пред да си легнеме и доколку легнеме со нечиста кожа со шминка, таа кутрата ќе ги впие сите нечистотии.


2. Заштита на кожата

Од огромна важност е адекватна заштита од сончевите зраци во текот на целиот летен период, и тоа не само на плажа, туку и кога шетаме по улица во нашиот град. Сонцето не бира дали сме на плажа или на улица, како и да е ќе го направи своето. Неконтролираното и неправилното изложување на сончевите зраци и тоа како придонесува за предвремено стареење на кожата. Затоа ви препорачувам добра заштитна крема со висок фактор, по можност органска и со физички филтри. Сонцето е од огромна корист за нашиот организам и расположение, ама не треба да се претерува. Исто така, немојте никако да одите во солариум. Верувајте  ми нема ништо полошо за кожата од ова. Знам дека повеќето од вас сакаат убав потемнет тен, ама скапо ќе го платите со предвремено остарена кожа.


3. Правилен производ за нега на кожата

Многу е важен и производот кој ќе го нанесеме на кожата кој треба да одговара на нашиот вид на кожа и да содржи одредени состојки кои имаат ефект во борбата против слободните радикали. Ова секако не подразбира дека веднаш треба да нанесеме крема со  Q10. Чистите масла (арганово, кокосово, јојоба) и шеа путерот претставуваат одличен производ за нега на кожата и кремите кои ги содржат се од огромна помош. Длабински ја хранат кожата, ја навлажнуваат и ја оддржуваат еластичноста на самата кожа, а со самото тоа го спречуваат и предвременото стареење. Потоа, кремите богати со витамин Ц и витамин Е, може да бидат од огромна корист. Помладата кожа има потреба од едноставни креми без многу анти ејџ состојки, кои сепак се прикладни за видот на кожата и имаат за цел да ја оддржат влажноста и да ја хидрираат самата кожа. Позрелата кожа има потреба од повеќе активни состојки како на пример колагенот или коензимот Q10 кој помага во оддржување на еластичноста на кожата.


4. Правилна исхрана

Како што напоменав на почетокот, кожата старее не само од неправилна нега, туку и од лош начин на живот (цигари, алкохол) и неправилна исхрана. Од голема важност е да се конзумира што повеќе свежа и сирова храна како зеленчук и овошје, потоа гоџи бобинки кои се богати со антиоксиданси и витамин Ц, јаткасто овошје, риба и интегрални житарици. Исхраната мора да биде избалансирана и разновидна.

5. Пилинг и маска за лице

Од време на време пожелно е да се направи благ пилинг и маска на лицето (во зависност од видот на кожата), со цел да се отстранат мртвите клетки од кожата и убаво да се нахрани. Секако не треба да се претерува и да се прави често затоа што може да се постигне спротивен ефект.


Драги мои, следен пат пред да истрчате во продавница за да купите некоја моќна анти ејџ крема, пробајте да примените некои од овие совети. Ќе видите дека полека состојбата на вашата кожа ќе се подобрува и ќе видите прекрасни резултати. Секако предност дајте им на органските производи со убаво избалансирани формули, без штетни состојки и со благи измивачи во својот состав.

Голем поздрав и до скоро читање.

Вики

Comments