Киноа: мајка на сите зрна
Киноата води потекло од Јужна Африка и многу често се смета како житарица што е погрешно. Без разлика на изгледот и вкусот, киноата всушност е дел од фамилијата на спанаќ. Нејзините лисја може да се прогитват на истиот начин како спанаќот и го имаат истиот вкус. Станува збор за една навистина многу античка билка одгледувана од страна на Инките кои ја нарекувале “мајка на сите зрна“. Киноата не може да се одгледува насекаде и најголеми производители се: Боливија, Чиле, Еквадор и Перу.
Киноата е многу сиромашна со глутен затоа е одлична храна и за оние кои страдаат од целијакија (нетолеранција на глутен). Многу е богата со јаглени хидрати (55% ) кои во поголемиот дел се хранливи влакна, потоа протеини (12%) поради кои претставува одлична замена за животинските протеини кај веганите . Во нејзиниот состав се присутни две многу важни аминокиселини кои се од особено значење за организмот односно: лизин и метионин. Понатаму, содржи добро количество на витамини и минерали особено магнезиум, витамин Ц и витамин Е. Во 100 гр. киноиа има 64 гр. јаглени хидрати, 14 гр. протеини и 6 гр. масти, со калориска вредност од 370 kcal.
Нејзините зрна се покриени со една горчлива состојка која се нарекува сапонин која ја штити киноата од уништување од птиците. Оваа состојка може да биде токсична за нашиот организам, затоа при подготовката на јадења, треба најнапред да се стави да кисне во вода околу саат време, а потоа убаво да се измие пред да се почне со термичката обработка. Постојат повеќе видови на киноа, меѓутоа основните се разликуваат според бојата на зрното и тоа: црвена, жолта и црна киноа.
Откако ги разгледавме потеклото и хранливите вредности на киноата, би сакала да ви предложам еден навистина лесен, здрав и многу вкусен рецепт, погоден за сите со црвена киноа која е моја омилена.
За подготовката на овој рецепт потребни ви се:
- киноа (количината изберете ја сами во зависност од тоа за колку души ја подготвувате, меѓутоа имајте на ум дека со варењето нејзината маса се зголемува),
- зеленчук по ваш избор (јас одбрав бамја, пиперки, морков, кромид, домат и тиквички),
- вегета или зачини по ваш избор
- вода
Ова е мојот начин на подготовка на киноа со зеленчук: во едно поголемо тенџере на малку маслиново масло со сол зачини или веѓета, ставете ги кромидот, пиперката, доматот, морковот и бамјата и пропржете ги додека да пуштат од својот вкус и додека да омекне кромидот.
Потоа додадете ја киноата и додадете два пати повеàе вода (на пример ако користите 70 гр. киноа ставете 150 гр. вода). Варете на ниска температура околу 20 мин. Некаде околу 3 мин. пред крајот додадете ги и тиквичките. Откако ќе помине времето потрбно за подготовка, тргнете го тенџерето на страна и оставете малку да се олади.
Ете вашиот здрав оброк со киноа е готов. Многумина киноата ја варат посебно од зеленчукот па дури потоа ја зачинуваат, меѓутоа мене лично повеќе ми се допаѓа вака, затоа што на некој начин при варењето ги впива вкусовите од зеленчукот.
Вкусот на киноата е фантастичен, мене лично ме потсетува на сусам. Според мене дефинитивно треба да стане дел од вашата секојдневна исхрана, со оглед на тоа што вашиот организам ќе извлече милион бенефиции.
Сервирајте ја онака како што вие сакате и збогатете ја со малку магдонос, соја сос или пак гомасио (по ваш избор).
На крај ми останува да ви препорачам пријатен апетит и да ви закажам следна средба многу наскоро.
Вики
Comments
Post a Comment