Органски зеленчук и овошје BeOrg e Fresh


Пред околу две недели напишав една статија за органскиот базар во City Mall, каде секој четврток може да најдете органски производи како зеленчук, овошје и козметика. Кога убаво се распрашав кој всушност го носи сето тоа во City Mall, одговорот беше BeOrg e Fresh, така да решив да ги посетам во нивната продавница, со цел да ви покажам каде може да купите свежи органски производи, со оглед на тоа што не се наоѓаат многу лесно.

Продавницата се наоѓа во една куќа позади здравствениот дом Млин Балкан. Самата продавница е навистина прекрасно уредена и едноставна каде може да најдете свеж органски и сезонски зеленчук и овошје, кој прекрасно изгледа и мириса, а верувајте ми вкусот е незаменлив. На некој начин се чувствува природата.


Изборот понекогаш е ограничен и се зависи од она што го донеле производителите, меѓутоа барем сте сигурни дека она што сте го купиле, внимателно е избрано за вас од страна на BeOrg e Fresh. За секој од производите тие поседуваат органски сертификат, преку кој гарантираат за автентичноста и квалитетот на своите производи. Со оглед на тоа што околните згради веќе добро ја познаваат оваа прекрасна мала природна продавничка, треба да бидете брзи доколку сакате да најдете што повеќе производи, затоа што верувајте ми, ако дојдете подоцна од 13 часот, поголемиот дел од нив се веќе земени.


Во оваа продавница, освен органскиот зеленчук и овошје, може да најдете и органска козметика, чаеви, мед, житарици и мешунки. Навистина се на едно место.


Цените на овошјето и зеленчукот се движат од 10 денари до 280 за кило во зависност од видот на производот. Една важна работа која сакам да ви ја кажам е дека доколку немате време да појдете во нивната продавница, или доколку живеете подалеку, BeOrg e Fresh прават и испорака на домашна адреса носејќи ги нивните производи директно во вашите домови. За повеќе информации посетете ја нивната фб страница https://www.facebook.com/beorg.mk/timeline


Како за на крај би сакала да ви претставам еден интересен рецепт со дел од производите кои ги земав од кај нив и дел кој веќе го имав дома. Станува збор за еден навистина многу лесен, а сепак вкусен летен рецепт од зеленчук со ѓумбир. не знам како да го наречам затоа што рецептов се роди еднаш кога не знаев што да готвам, а имав само зеленчук на располагање во фрижидерот. Така да еве да го крстиме зеленчук со ѓумбир.

За подготовката на овој рецепт потребни ви се:

- тиквичка
- блитва
- младо кромитче или лукче
- ѓумбир
- домашна веѓета (види го рецептот на http://biodevojka.blogspot.com/2015/03/blog-post_9.html)

Секако ова беше она што јас го употребив, а вие може да додадете и друг зеленчук по ваш избор како брокула, морков итн.


Најнапред убаво исецкајте го младото кромитче или лукче и заедно со наренданиот ѓумбир пропржете го на маслиново масло. Потоа додадете малку од природната веѓета и продолжете да мешате. Додадете ја исецканата тиквичка и исецканата блитва и ептен малку вода. Намалете го огинот и варете го додека зеленчукот не омекне. Не е потребно многу време, затоа што овие зеленчуци кои ги одбрав брзо се варат. Откако ќе видите дека се омекнати, тргнете го тенџерето од рингла, додадете уште малку свеж нарендан ѓумбир за вкус, и доколку сакате малку куркума или гомасио. Јадењето може да го збогатите со неколку парчиња сирење, или пак да му додадете веќе сварен наут. Се зависи од вашиот вкус. За на крај додадете некој лист од магдонос, или како во мојот случај свежо нане. Во рецептот не споменав воопшто сол, затоа што природната веѓета која ја користам е доста солена.
Еве го крајниот резултат.


Навистина толку брзо, лесно, а сепак многу вкусно и здраво јадење кое може да го користите и како прилог кон главното јадење. Идеално за летно време кога е жешко и телото има потреба од хранливи состојки, меѓутоа лесни за варење и обработка.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ќе се одлучите да ја посетите продавницата на BeOrg e Fresh или пак, да ги посетите на органскиот базар, секој четврток во City Mall.

Благодарам за вниманието и поздрав.

Вики





Comments