Направи сам: природен пилинг за тело со лаванда


Лавандата е дефинитивно мојата најомилена билка, просто го обожавам нејзиниот мирис кој освежува, смирува и релаксира. Се чувствувам прекрасно кога во домот се чувствува мирис на лаванда, затоа и најчесто во рецептите кои сама ги правам го користам токму етеричното масло од лаванда.

Денешниот предлог за еден фантастичен пилинг за тело е токму од лаванда. Овој пилинг не само што прекрасно ќе ја омекне вашата кожа, туку потполно ќе ги релаксира вашите сетила и ќе ве опушти после напорен ден. Навистина е многу лесен за подготовка, освен етеричното масло ќе користиме и суви цветови од лаванда за екстра природен мирис. Ајде да започнеме.


Се што ќе ви треба за реализација на овој пилинг е:

- шеќер
- суви цветови од лаванда
- масло по ваш избор
- етерично масло од лаванда
- интересни теглички


Најнапред со помош на електрична машинка за кафе, сомелете ги сувите цветови од лаванда. Она што го гледате на лажицата на сликата е токму мелената лаванда. За овој рецепт користев прочистена лаванда (онаа за внатрешна употреба), која ја купив во продавницата на Ани Биомаркет во Козле. Земете една чиста и стерилизирана тегличка и во неа наизменично ставајте малку шеќер, малку лаванда и мешајте. Полнете ја тегличката се додека не стигнете до крај (не баш ептен до крај сепак оставете маслку место за маслото).
Е сега, изборот на маслото комплетно зависи од вас и вашиот личен вкус. Јас употребив ладно цедено сончогледово масло, кое малку го утнав затоа што имаше малку потежок мирис. Затоа би ви советувала да земете некое неутрално масло како на пример она од ориз (може да го најдете во поголемите супермаркети), или пак некое друго масло без мирис. Малото од ориз е доста издржливо како масло. Маслиновото не би ви го препорачала затоа што има тежок мирис, а бадемовото како масло не е најиздржливо. Значи може да користите јојоба, оризово масло, сончогледово (без мирис). Откако ќе го одберете маслото, сипете го внимателно во тегличката и мешајте додека целата течност не го впие добро. на крајот додадете уште масло за да ја покриете смесата. Додадете најмногу до 10 капки етерично масло од лаванда и убаво промешајте.

Затворете ја тегличката и оставете околу 2 до 3 дена се додека смесата убаво не ги впие маслата. Потоа може слободно да го користите.
Верувајте ми овој пилинг кожата ја остава супер мазна, перфектно исчистена, а маслото во неа одлично ја негува кожата. По употребата кожата е мека и што е најважно прекрасно мириса.


Се надевам дека овој рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите. Какви пилинзи за тело најчесто користите? Дали сами ги подготвувате дома или купувате веќе готови? Вашите коментари се повеќе од добредојдени.

Поздрав
Вики

Comments