Природни анти ејџ состојки за нега на нашата кожа


Со текот на годините кожата постепено ја губи способноста за регенерација, се намалува производството на колаген и еластин како и циркулацијата на самата кожа која веќе не е во можност да носи хранливи состојки во клетките на епидемот. Стареењето е секако природен процес и зависи пред сѐ од генетски фактори (кои за жал не може да ги смениме), меѓутоа и од надворешни фактори и влијанија кои не зависат од годините туку од начинот на живот, исхрана и она што го нанесуваме на самата кожа.

Најнапред сакам да ве потсетам на златното правило дека подобро е да спречиме, отколку да лечиме и дека процесот на стареење може да се ублажи доколку правилно ја негуваме нашата кожа уште од 30-тата година, со соодветни производи за таа намена. Од 30-та година се намалува способноста на кожата да ја задржува водата како резултат на губитокот на хијалуронската киселина природно присутна во нашиот организам, па затоа се препорачуваат производи за нега кои содржат токму хијалуронска киселина. Од 40-та година се намалува производството на колаген и еластин и кожата почнува полека да ја губи еластичноста. По 50-та година се случуваат повеќе промени и кожата почнува полека да се опушта. Ова секако не значи дека уште на 30 години треба да започнеме со јаки анти ејџ креми и состојки кои би ги користеле на 50 години, туку дека треба со соодветен производ наменет за нашот тип на кожа да ја храниме и хидрираме кожата и на тој начин да се обидеме што повеќе да ја оддржиме нејзината еластичност.


Анти ејџ производите не се сите исти и зависат пред сѐ од текстурата, состојките и секако формулацијата. Кога бирате производи за нега на возрасната кожа, најдобро е истите да содржат витамини како А, Ф и Б5 како и хијалуронска киселина која одлично ја задржува влагата во кожата . Овие витамини се од огромна важност во задржувањето на еластичноста на кожата. Исто така и состојката Q10 е од огромна важност кога станува збор за возрасната кожа. Оваа состојка е навистина доста скапа, така да производите кои ја содржат (кои се убаво формулирани) имаат повисока цена. Во едно истражување имам прочитано дека од бојата на кремот може да се препознае во колкав процент е ставена оваа состојка. Со оглед на тоа што состојката Q10 има природно портокалова боја кремите кои ја содржат во поголем процент треба да имаат жолтеникава боја. Оние кои се комплетно бели имаат мал процент на оваа состојка.


Секако, во продажба се нудат голем број на производи меѓутоа голем број од нив содржат состојки кои не се дермокомпатибилни како на пример нафтените деривати и силиконите, кои даваат лажен ефект на мазна и негувана кожа, а всушност воопшто немаат никаква улога во негата на кожата. Доколку сакате да дознаете кои состојки треба апсолутно да ги избегнувате во еден производ прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_35.html

Шеа путерот е одлична состојка за нега на возрасната кожа бидејќи е богат со сите витамини кои ви ги набројав претходно, односно  А, Б, Е и Ф. Овој путер одлично ја оддржува еластичноста на кожата. Може да го нанесете во комбинација со алое вера гел (доколку сакате и избелувачки ефект), или пак на благо навлажнета кожа, на пример по нанесувањето на тоникот.

Може и сами да направите природно масло/серум за нега на кожата како на пример следново кое ќе ви го предложам:

- две кафени лажички масло од пченични никулци;
- две кафени лажички масло од арган;
- две кафени лажички масло од авокадо;
- половина кафена лажичка масло вит. Е (или две ампули);
- 7 капки етерично масло од лаванда

Овој серум е комбинација од три многу ефикасни масла за нега на возрасната кожа кои во комбинација со витаминот Е одлично ја оддржуваат еластичноста на кожата. Етеричното масло од лаванда има смирувачки ефект. Нанесувајте го секогаш на благо навлажнето лице.


Како што веќе напоменав, генетските предиспозиции не може да ги промениме, меѓутоа може многу да делуваме кога станува збор за надворешните фактори кои предизвикуваат предвремено стареење. Стресот, цигарите, злоупотребата на алкохолот и прекумерното изложување на сончевите зраци без соодветна заштита, го зголемуваат бројот на слободните радикали во нашето тело. Доколку тој број е поголем од она што нашето тело може да контрастира, во тој случај слободноте радикали се во можност да ја оштетат структурата на клетките и да ја модифицираат нивната структура, со што предизвикуваат предвремено стареење. Клучна состојка во овој контекст се антиоксидансите.

Како што кажува и самиот збор, антиоксидансите се всушност состојки кои ја спречуваат оксидацијата и ги контрастираат слободните радикали, а како две најпознати антиоксидантни состојки од кои возрасната кожа навистина има потреба се: витаминот Ц (ascorbic acid) и витаминот Е (tocopherol).

 Витаминот Ц е многу моќен антиоксиданс и го спречува дејството на слободните радикали, а со тоа го спречува и предвременото стареење на кожата. Го стимулира производството на колаген, ги намалува црвенилата и иритациите на кожата, одлично ги избелува дамките на лицето и го изедначува тенот на кожата. Витаминот Ц е многу нестабилен како состојка и во контакт со воздух, светлина итн. навистина многу брзо оксидира и го губи дејството. Негова постабилна варијанта која обично се користи во производите за нега на лицето е Ascorbyl palmitate.

Овој витамин е растворлив во вода, така да доколку сакате максимално да ги искоритите неговите бенефиции, во тој случај направете си домашен третман кој освен анти ејџ ефект, ке има и избелувачки ефект на кожата. Кога за прв пат прочитав за овој третман и го применив, бев воодушевена од резултатите. Во два прста деминерализирана вода растворете четвртина таблетка вит. Ц од 500 мг. и нанесете го на лицето навечер. Почекајте околу 15 до 20 мин. и потоа нанесете го вашиот крем за лице. Течноста што ќе ви остане фрлете ја, затоа што ќе оксидира. Овој третман може да го правите само одреден период, не постојано, и како кожата ќе се навикнува така постепено може да стигнете до количината од половина таблетка витамин Ц во два прста деминерализирана вода. За повеќе информации околу овој третман и неговото дејство прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2016/03/blog-post_4.html.


Витаминот Е е природно присутен во голем број на масла за лице како масло од пченични никулци и масло од авокадо. Некои масла во продажба го имаат додадено во својот состав (контролирајте ја декларацијата во која освен ботаничкото име на маслото треба да стои и зборот tocopherol или  tocopheryl acetate). За да извлечеме максимум од овој витамин, најдобро е ако го купиме од аптека (го има во форма на масло каде во декларацијата пишува tocopheryl acetate или во форма на ампули) и го додадеме на маслата за лице или пак го збогатиме кремот за лице. Јас секогаш го додавам овој витамин кога за себе подготвувам некое масло или домашен крем, затоа што доколку се додаде во маслото спречува истото да ужегне.

Доколку сакате да знаете кои масла одговараат за вашиот тип на кожа и какво влијание имаат ви советувам да прочитате овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/03/blog-post_46.html

Освен надворешна употреба на овие витамини директно врз кожата, од огромна важност е истите да му ги даваме и на организмот внатрешно, преку конзумирање на храна која ги содржи во голем процент, или во одредени случаеви преку додатоци во исхраната во согласност со мислењето на вашиот лекар.

За на крај би сакала да ви дадам неколку совети  за нега на кожата:

1. Секогаш темелно отстранувајте ја вашата шминка навечер пред да си легнете. Најдобар производ за отстранување на шминката од повозрасната кожа се маслените производи или богатите млека кои одлично ја отстрануваат шминката и притоа ја негуваат кожата. За оваа намена може да користите било кое масло како кокосово, бадемово, маслиново. Доволно е да навлажните едно памукче или дискета за отстранување на шминка со малку вода и врз неа да ставите маслку масло. Поминете со памукчето низ целото лице. Потоа убаво измијте го лицето со соодветен нежен гел (да ги отстраните трагите од масло и нечистотија од лицето) и на крај нанесете тоник и крем за лице.


2. Внимавајте на изложувањето на сончевите зраци и секогаш користете соодветна зашита со висок фактор. Моја лична препорака ви е секогаш да бирате производи со физички филтри, наместо оние со хемиски филтри. Повеќе совети за производите за заштита од сонцето прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/04/k.html

3. Убавината пред сѐ доаѓа од внатре, така да производите за нега на кожата треба да бидат потпомогнати со што е можно поздрав живот, балансирана исхрана, умерена физичка активност и конзумирање на многу вода.

 


Comments