Веган алтернативи за состојките од животинско потекло во рецептите за убавина


 Здраво драги мои,

во скоро сите домашни рецепти кои ги објавувам за кожа и коса, се наоѓа по некоја состојка од животинско потекло која, секако оние кои се веган ја избегнуваат, и честопати добивам прашања како истата да ја заменат или веганизираат во рецептот. Оваа статија е за сите читатели кои се веган, а кои сепак сакаат да ги прават домашните рецепти и маски, меѓутоа со мали замени или веган алтернативи.

Најчесто употребуваните состојки од животинско потекло во моите рецепти се: млако, јогурт, јајце и мед. Овие најчесто ги користам и јас самата (особено медот), па токму затоа денес ќе ви дадам неколку веган алтернативи токму на овие состојки.


1. Млеко


Кравјото млеко може многу лесно да се замени со некое од растителните млека како: оризово, соја, бадемово, кокосово итн. Овие млека може да ги најдете во сите продавници за здрава храна или во одделите за здрава храна во поголемите супермаркети. Секако може и сами да ги направите дома, а за таа цел ви оставам неколку статии за домашно приготвени растителни млека:

- оризово http://biodevojka.blogspot.mk/2015/03/blog-post_30.html
- бадемово http://biodevojka.blogspot.mk/2015/05/blog-post_99.html

2. Јогурт

Мислам дека во некоја од продавниците за здрава храна имам видено и јогурт од соја, меѓутоа, доколку не можете да најдете во тој случај земете го густиот дел од кокосовото млеко (она што се формира како путер) и користете го наместо јогурт во рецептите за убавина за кожа и коса. Кокосовото млеко има одлични бенефиции врз кожата и косата, ја храни и омекнува. За подготовка на ова млеко во домашни услови прочитајте ја статијата http://biodevojka.blogspot.mk/2016/02/blog-post.html

3. Мед


Медот навистина многу го користам во скоро сите рецепти затоа што има одлично влијание врз кожата и косата. Како замена за медот, односно како негова веган варијанта, би можела да наведам две состојки и тоа: малтекс и маџун (гроздов слад). Малтексот е богат со витамини и минерали како калциум, калиум и железо, а гроздовиот слад изобилува со калиум, калциум, фосфор, железо и витамини Б1, Б2, Б3, Б6, Ц, Д, А.

4. Јајце


Во моите рецепти јас најчесто ја користам жолчката од јајцето која, за жал, не успеав да ја заменам со ниеден веган производ. Се мислев со што би можела да се замени, ама за жал не најдов одговор. Доколку правите маски за коса, еве може да ви предложам да ја замените со малку маслиново масло (иако не е исто), меѓутоа подобро отколку ништо, секако.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и ви беше од корист.
Поздрав и до скоро читање

Вики

Comments