Масло од јојоба: вистински дар од природата


Маслото од јојоба претставува едно од најдобрите состојки за нега на кожата, косата и ноктите. Неговите корисни својства биле добро познати уште одамна, од времето на старите племиња во Северна Америка. Според хемиската структура маслото од јојоба всушност претставува “восок“, меѓутоа се нарекува масло затоа што за разлика од останатите природни восоци, јојобата е течна на собна температура и се добива од семките на билката Simmondsia chinensis на сличен начин како и другите растителни масла.

Маслото од јојоба е едно од најотпорните масла на оксидација, може да издржи до девет ипол часа на температура од 130С° без никаква промена во структурата. Богато е со витамини како Е, Б2 и Б3 и претставува одлична состојка за ублажување на било каков проблем со кожата. Во продолжение на оваа статија ќе разгледаме на кој начин и во кои случаи може да го користиме маслото од јојоба.

ДАР ОД ПРИРОДАТА ЗА КОЖАТА


Маслото од јојоба е едно од ретките масла кое има огромен позитивен ефект во третманите против акни, со оглед на тоа што го регулира производството на себум и ги чисти порите кај масната кожа. Себумот претставува масен микс кој е производ на лојните жлезди во самата кожа. Тој претставува дел од хидролипидниот филм на кожата кој има за цел да ја заштити кожата од надворешните влијанија.

Структурата на маслото од јојоба е многу слична на оваа на себумот и благодарение на ова кожата одлично го апсорбира ова масло, а притоа не настанува никаква алтерација на основните својства на хидролипидниот филм. Маслото од јојоба од една страна и помага на кожата да ја задржи водата присутна во самата кожа, меѓутоа од друга страна и дозволува да дише и не доаѓа до запушување на порите. Затоа ова масло масивно се користи во добро формулираните органски креми за масна кожа.

Како што веќе напоменав, кожата одлично го апсорбира ова масло и не свети. Истовремено маслото од јојоба има својство да ја чисти масната кожа, со оглед на тоа што го регулира производството на себум. Ова масло е одлично и во комбинација со зелена глина. Во 2012 година беа објавени резултати од едно испитување на ефектот на маслото од јојоба во комбинација со зелената глина (како маска) на 194 пациенти. Забележано е намалување на 54% на акните кај пациентите по 6 недели третман. Повеќе може да прочитате овде http://www.karger.com/Article/Abstract/338076


Маслото од јојоба исто така го забавува стареењето на кожата благодарение на големото антиоксидантно дејство. Кожата делува покомпактна, посјајна и позатегната. Одлично е како средство за нега на кожата околу очите со оглед на тоа што ја затега кожата и помага во измазнувањето на брчките. Нанесете ја на благо навлажнета кожа по тоникот или помешајте ја со малку алое вера гел за уште подобар ефект.

Ова масло може слободно да го користат и мажите пред и после бричењето со оглед на тоа што ја заштитува кожата и ја оддржува хидратацијата. Пред бричењето нанесете поголема количина и убаво втријте ја во кожата, додека после бричењето доволни се неколку капки на благо навлажнето лице. Ја оддржува кожата перфектно мека, хидрирана и сјајна.

За време на летниот период, за да го зголемите хидратантното дејство на кремите за сончање пред да ја нанесете заштитната крема нанесете малку масло од јојоба под неа. Добро нешто е што ова масло може да го нанесувате и зимно и летно време како заштита на кожата со оглед на тоа што не масти и лицето не свети.

ПРЕКРАСНА И ЗДРАВА КОСА


Маслото од јојоба е одлично и како третман за косата, особено доколку е сува и безживотна. Ја заштитува косата, го враќа нејзиниот сјај и има голем хранлив ефект.  Јас би ви препорачала да го користите наместо силиконски капки за коса на сува коса само на врвовите, или по должината на косата по миењето и пред сушењето на косата. Доколку сакате рецепт за домашни природни силиконски капки прочитајте ја оваа статија http://biodevojka.blogspot.mk/2015/10/blog-post_25.html


Доколку имате проблем со масна коса и себореичен дерматит, во тој случај маслото од јојоба може да биде од огромна корист. Сѐ што треба да направите е да нанесете малку масло од јојоба само на коренот на косата со блага масажа, и да го оставите околу 30 мин. Потоа измијте ја косата со благ добро формулиран шампон. На овој начин го спречува и опаѓањето на косата, секако доколку не постојат други хормонски проблеми за оваа појава.

СРЕДСТВО ПРОТИВ СТРИИ

Маслото од јојоба е одлично средство во спречување на стриите на кожата. Доколку редовно се аплицира на местата каде најчесто се појавуваат стрии како стомакот и градите, помага во намалувањето на веќе постоечките и секако ја спречува појавата на новите. Ја оддржува кожата еластична и хидрирана.

ЗДРАВИ И ЈАКИ НОКТИ


Маслото од јојоба има огромно позитивно дејство во негата на ноктите со оглед на тоа што ги зајакнува и ги прави поиздржливи. Исто така, доколку редовно се користи, ја омекнува и кожичката околу ноктите.

Се надевам дека информациите кои ги прочитавте без доволни да ве убедат во безбројте корисни својства на ова масло за секој вид на кожа и коса. Се надевам дека ќе му дадете можност и ќе се уверите во неговите бенефиции.

Вики

Comments