Најдобрите етерични масла со антицелулитно дејство


Антицелулитните третмани пожелно е да се прават во текот на целата година, меѓутоа за време на зимскиот период некако сме помалку активни, покриени со еден куп облека и најчесто на оваа тема размислуваме со појавата на првите сончеви денови. Тогаш почнуваме со антицелулитни третмани, масажи, купуваме масла, креми и какви сѐ не производи за домашни третмани. Јас лично ги обожавам маслата како производ за третирање на оваа проблематика со оглед на тоа што при нивното нанесување се прави и кратка масажа, која го зголемува дејството на главните компоненти и секако ја поттикнува циркулацијата.

Голем број на антицелулитни масла содржат или екстракти или етерични масла кои се наменети за оваа проблематика, и токму во оваа статија ќе ги разгледаме најдобрите  антицелулитни етерични масла, и оваа година порано ќе се подготвиме за летниот период.


Етеричните масла се корисни во антицелулитните третмани затоа што ги содржат најдобрите активни состојки од растенијата од кои се извлечени. Без нив базното масло, преку кое истиве се аплицираат, не би имало толкаво дејство само по себе. Постојат поголем број на етерични масла кои се одлични како антицелулитен третман, со оглед на тоа што постојат голем број на билки богати со корисни состојки од овој вид, меѓутоа во продолжение ќе ви ги наведам оние најефикасните кои лесно може да се најдат и кај нас.

1. Етерично масло од рузмарин

Според мене, ова етерично масло е едно од најдобрите кога станува збор за антицелулитните третмани. Негово основно дејство е да ја подобри микроциркулацијата, а со самото тоа и да го спречува задржувањето на течности. Што помалку течности се задржуваат во организмот, толку помалку целулит се формира. Ова масло исто така има и липолитична активност, односно го помага топењето на мастите. Одлично е во комбинација со некое од цитрусните масла како портокал, лимон, мандарина или цитрон.



 2. Етерично масло од лимон

Етеричното масло од лимон е исто така одлично како антицелулитен третман со оглед на тоа што ја стимулира лимфната циркулацијата и помага во исфрлувањето на токсините од организмот. Сличен ефект има и етеричното масло од грејпфрут.


3. Етерично масло од горчлив портокал

Иако целулитот се нарекува кора од портокал и на сите слики е претставен токму со кора од портокал, малкумина знаат дека токму портокалот (односно етеричното масло) е голем алеат во антицелулитните третмани. Ова етерично масло ја прави кожата позатегната, покомпактна и помазна. Одлично се комбинира со скоро сите останати етерични масла кои служат за оваа намена.

4. Eтерично масло од лаванда

Освен атицелулитните бенефиции, ова етерично масло е од огромна корист и во третманите против стрии. Одлично ја измазнува и затега кожата, ја враќа еластичноста и има смирувачки ефект. Кожата е посвиленкаста и помека.



5. Етерично масло од цимет

Ова етерично масло има затоплувачко дејство врз кожата, ја подобрува крвната циркулација и го помага исфрлувањето на токсините.

6.  Етерично масло од мента

 За разлика од многу етерични антицелулитни масла кои згреваат, ова етерично масло дава разладувачки ефект врз кожата. Одлично е доколку страдате од подуеност во нозете со оглед на тоа што веднаш дава чувство на олеснување.



Секако постојат и многу други ефикасни етерични масла како: чемпрес, гераниум, ќедар, ѓумбир и др., меѓутоа потешко се наоѓаат кај нас, а мојата цел е да ви предложам нешто што лесно ќе го најдете во продавниците за здрава храна и аптеките низ републикава.

Одберете си едно или повеќе од горе предложените масла, затоа што во една од следните статии ќе ви предложам едно фантастично домашно антицелулитно масло, кое има огромен ефект.

Запомнете дека етеричните масла не се нанесуваат чисти на кожата туку растворени во некое базно масло во различна пропорција во зависност од намената. Доколку сакате да се информирате повеќе околу етеричните масла, ви советувам да ја прочитате и следнава статија http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_16.html.

Доколку сте бремени, не е препорачливо да се прават антицелулитни масажи со оглед на тоа што голем дел од етеричните масла кои имаат токму антицелулитно дејство не се дозволени за време на бременоста.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист, а како што нагласив во една од следните статии заедно ќе направиме прекрасно антицелулитно масло кое дава одлични резултати во комбинација со умерена исхрана, многу течности и блага масажа.

Поздрав
Вики



Comments