Најефикасен и најевтин третман за избелување на дамки на кожата


Здраво драги мои,

во една од минатите статии говорев за природните состојки кои помагаат во избелувањето на дамките на кожата http://biodevojka.blogspot.mk/2015/04/blog-post_49.html. Денес сакам да говорам подетално за една од тие состојки, односно витаминот Ц, и да ви предложам еден фантастичен третман кој дава неверојатни резултати, не само како избелувач на флеките (без разлика дали се од сонцето или флеки пост акни), туку и како анти ејџ третман со оглед на тоа што витаминот Ц има способност да го регенерира ткивото и да го помогне обновувањето на клетките. Резултатите од овој вид на третман се видливи веќе по неколку апликаци.

Витаминот Ц е многу моќен антиоксиданс и го спречува дејството на слободните радикали, а со тоа го спречува и предвременото стареење на кожата. Го стимулира производството на колаген, ги намалува црвенилата и иритациите на кожата, одлично ги избелува дамките на лицето и го изедначува тенот на кожата. Во денешни услови на живот со стрес, смог и лош начин на исхрана, овој витамин и те како е од огромна важност не само за нашиот организам (внесен орално), туку и за нашата кожа (користен локално).


Овој третман го имам веќе пробано пред неколку години и најискрено веќе подолго време се мислев дали да ви го предложам или не, со оглед на тоа што витаминот Ц тешко се наоѓа кај нас во онаа форма во која јас го користев (чист во прав), меѓутоа со оглед на тоа што со малку пари добивате фантастични резултати во третманите на флеки и лузнички на кожата, не можев а да не споделам со сите вас нешто олку едноставно а сепак многу моќно. Токму затоа се решив да експериментирам со сите видови на витамин Ц кои се достапни кај нас и да ви кажам какви резултати добивате.

Најнапред само едно појаснување: станува сепак збор за киселина со која треба да бидеме навистина внимателни. Во третманите со витамин Ц важи правилото помалку е повеќе, затоа што различно реагира кај сите видови на кожа. Меѓутоа како што ќе ве водам во статијава за третманот, секако ќе ви кажам и како да ја бирате дозата во зависност од вашиот вид на кожа, а секако после самите вие во зависност од ефектот кој го дава лично кај вас ќе си ја одредите вистинската доза која одговара токму за вашиот тип на кожа.

Витаминот Ц (ascorbic acid) е многу нестабилен како состојка и во контакт со воздух, светлина итн. навистина многу брзо оксидира и го губи дејството. Негова постабилна варијанта која обично се користи во производите за нега на лицето е Ascorbyl palmitate. Како што веќе напоменав направив проба со разни форми на витaмин Ц кои лесно може да се најдат кај нас и тоа:


- обична таблетка на витамин Ц од 500 мг.
- ампула вит. Ц од 500 мг.
- шумлива таблетка вит. Ц
- капки вит. Ц

Најнапред ампулата со вит. Ц освен витаминот содржи и вода и додатни состојки за прочистување, меѓутоа од декларацијата воопшто не успеав да сфатам во колкав процент е растворена. Наменета е за внатрешна употреба, меѓутоа со оглед на тоа што овде станува збор за локално нанесување ја користев со тоа што мокрев едно памукче па ставав мал дел од течноста. Чувствував мало пецкање на лицето, најверојатно како резултат од некоја од пропратните компоненти. Со оглед на тоа што е течност и сепак не се користи цела одеднаш, не ми изгледаше многу комотна, затоа што во рок од два дена не може да се искористи цела, а потоа оксидира. Според мене не е многу практична за употреба.

Шумливата таблетка исто така освен вит. Ц содржи и други состојки, меѓу кои и лимонска киселина која може да ви создаде проблем особено ако имате чувствителна кожа. Процентот на вит. Ц во една таблетка е многу мал, така да и оваа не ми се допадна како метод.

Она што кај мене најдобро функционираше е најобичната таблетка вит. Ц од 500 мг (ова е сосема доволно не земајте од 1000 мг.). Јас ја користев на следниов начин: таблетката прво ја делев на два дела а потоа и на четири, една четвртинка ја дробев додека да се претвори во прав, па додавав малку деминерализирана вода (околу 2 прста) и мешав додека убаво да се раствори. Со помош на едно памукче го мачкав лицето не само каде што имам дамки туку комплетно целото лице. Оваа доза ви ја препорачувам како почетен третман.


Капките вит. Ц не успеав да ги пробам, меѓутоа доколку ги имате може да намокрите едно памукче со вода (најдобро деминерализирана) и да капнете три капки. Со ова памукче исчистете го лицето.

Доколку живеете во друга земја (знам дека има голем број на девојки кои ме следат од други земји), во тој случај од аптека купете чист вит. Ц во прав кој е најдобар, и растворете мала количина (на врвот на едно мало лажиче) во два прста деминерализирана вода. За жал во оваа форма го нема во Македонија, барем не во Скопје.

Еве како да извлечете максимум од овој третман и како правилно да го изведувате за да нема несакани последици:

- како што реков, според мене најдобро е да купите обична таблетка Ц витамин од 500 мг. и да почнете да ја користите најнапред една четвртина од таблетката во два прста деминерализирана вода. Користете ја секоја вечер откако убаво ќе го исчистите лицето. Откако ќе ја нанесете течноста почекајте најмалку 15 до 20 мин. пред да го нанесете кремот за лице. Доколку имате чувствителна кожа и почувствувате пецкање од оваа доза, во тој случај нанесете ја на секои три дена, меѓутоа доколку вашата кожа навистина негативно реагира не го правете воопшто третманов. Во наредните статии ќе пишувам и за други третмани за избелување кои функционираат.

- фреквенцијата со која треба да се прави е следнава: правете го третманов еднаш дневно (најдобро навечер) во рок од недела дена, направете пауза недела дена па повторно продолжете уште две недели со третманот. Повторно направете пауза од недела па користете го три недели по ред. Ќе видите дека уште од првата недела ќе имате првични резултати во избелувањето на дамките. Овој третман секако не треба да се прави постојано, само одредени периоди, односно додека имате потреба од него.

- што се однесува до дозата почнете со онаа што ви ја препорачав и забележувајте како вашето лице реагира на неа. Кај мене, идеалната доза е половина таблетка во еден ипол прст вода, меѓутоа постепено стигнав до оваа доза. Кај секоја кожа дозата е индивидуална и треба сами да ја пронајдете, меѓутоа внимавајте да не претерате, сепак станува збор за киселина и во случајов помалку е повеќе, не претерувајте со дозите. Максимум може да растворите половина таблетка во два прсти вода, откако веќе сте го направиле овој третман двапати по ред.


- најдобри резултати овој третман дава ако вит. Ц се користи во комбинација со витаминот Е или кај повозрасната кожа делува комбинацијата А+Ц+Е. Откако ќе го нанесете растворот на вит. Ц (овој раствор сам по себе нема никакво хидратантно дејство, целта му е да го нанесеме вит. Ц на кожата) почекајте 15 до 20 мин. па потоа нанесете убав крем за лице богат со вит. Е или пак мешавина на алое вера гел о некое масло богато со вит. Е како: масло од арган, масло од авокадо, масло од пченични никулци, рицинусово масло итн. Запомнете маслата да ги нанесувате со алое вера гел или пак да го навлажните лицето со малку вода пред да го нанесете самото масло.

- за да биде успешен овој третман сетете се да го правите “свеж“ пред секоја употреба, а течноста што ќе ви остане фрлете ја затоа што ќе оксидира.

Навистина резултатите од овој третман се фантастични, а со малку пари (60 денари за целиот третман) ќе добиете резултати кои ќе ве остават без зборови.

Поздрав
Вики






Comments