Како до подолги и погусти трепки


 Важен дел за заводлив и подлабок поглед се секако долги и густи трепки кои се сон на секоја од нас. Како што многу работи зависат пред сѐ од генетските фактори, така и трепките се различни кај секоја од нас. Кај некои од нас се погусти, кај други убаво обликувани, или пак кај трети подолги. Како и да е, генетиката не може да ја промениме, меѓутоа со помош на мали природни методи и третмани, може да ги зацврснеме и многу да придонесеме за нивното здравје, а со тоа и убавина. Затоа во продолжение на овој текст ќе ви дадам мали совети како најдобро да ги негувате вашите трепки со цел истите од ден на ден да бидат сѐ поубави.


1. Темелно остранувајте ја шминката од трепките

Многупати имам напоменато колку е важно секоја вечер пред спиење темелно да се отстрани шминката од целото лице, па и трепките секако не треба да бидат исклучок. Доколку отидете на спиење со маскара (без разлика дали имате нанесено мала или голема количина) истата ги суши трепките и ги прави покршливи и послаби. Во зависност од видот на шминката која ја користите изберете отстранувач на шминка кој ви е најпогоден (бифазен, маслен или мицеларен раствор). Ставете го на едно памукче и допрете го до окото околу 5 до 6 секунди. Потоа со благи движења (без многу притискање) отстранете ја маскарата и шминката од окото. Доколку сакате да бидете сигурни дека темелно сте ја отстраниле шминката, со помош на едно стапче за чепкање на уши, на кое претходно сте нанеле отстранувач за шминка, нежно поминете низ трепките.


2. Маслен или бифазен отстранувач на шминка

Доколку сакате отстранувач за маскара кој има двојно дејство, односно ја вади шминката и истовремено ги негува трепките, тогаш ви препорачувам маслен или бифазен отстранувач за шминка. И двата отстранувачи може да ги направите сами дома без да потрошите цело богатство за скапи производи од овој вид. Како маслен отстранувач може да користите било кое масло како бадемово, кокосово, маслиново и.т.н. Сѐ што треба да направите е да земете едно памукче или дискета и да ја намокрите со маслку водичка. Врз него ставете го маслото што се го одбрале и нежно отстранете ја маскарата.

И двофазниот отстранувач на шминка може многу лесно да го направите сами. За сите инструкции како да го направите во домашни услови прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/02/blog-post_14.html


И во двата случаи следете го упатството за отстранување на шминка кое ви го дадов погоре.

3. Избор на маскара

Многу е важен и изборот на маскара со оглед на тоа што голем број на маскари содржат и штетни состојки како нафтени деривати и силикони. Моја препорака ви е да бирате што поприродни маскари, по можност органски, и да ги избегнувате оние водоотпорните, или да ги користите во посебни пригоди. Водоотпорните маскари тешко се отстрануваат од трепките и потребно е повеќе притискање и триење кое претставува стрес за самите трепки и ги ослабнува.


4. Третман со масла за погусти трепки

Не постои производ кој сите мора да го имаме, меѓутоа секоја од нас пронаоѓа барем едно нешто без кое не може повеќе. Ете за мене тоа нешто е рицинусовото масло. Откако почнав да го користам не можам да замислам една вечер а да не го нанесам на трепките. Како што нашата коса има потреба од специфични третмани за зајкнување и сјај, истата потреба ја имаат и нашите трепки. Ви препорачувам секоја вечер да нанесете некое масло како рицинусово, маслиново или арганово (бирајте секогаш чисти масла без парафински или силиконски додатоци) и оставете да делува преку ноќ. Може да го нанесете со помош на чепкалка за уши, или пак чиста четка од стара маскара. Со редовна употреба на маслата, од ден на ден ќе гледате како вашите трепки стануваат сѐ поздрави и посјајни.


Како вие се грижите за вашите трепки и дали користите природни масла како третман?

Вики

Comments