Направи сам: домашни масла од невен и лаванда


Маслата кои се добиваат со потопување на одредени билки и растенија во базно масло се природни производи кои освен бенефициите од базното масло, ги земаат сите бенефиции од билката која сме ја користеле за нивната подготовка.

Во зависност од билката и базното масло, овие масла имаат најразлична примена во козметиката, може да се користат како отстранувачи на шминка, како масла за масажа, или да се користат во подготовката на најразлични креми и производи за нега на кожата и косата.

Подготовката е навистина многу едноставна, сѐ што ви треба е добро масло, билка по ваш избор и најважно многу трпение!!! Пред да ви кажам како да ги подготвите во домашни услови, да проговориме малку за изборот на базното масло како и за изборот на билката која ќе ја користиме во рецептот.
.

Маслото кое ќе го користиме за подготовката на овие билни масла (ако може така да ги наречам) е од огромна важност и како најпогодни за овој вид на производ би ги издвоила:

- маслиново: многу хранливо, богато со витамин Е и има доста јак мирис;
- сончогледово: многу богато со вит. Е, издржливо на оксидација и економично;
- масло од ориз: многу издржливо и лесно масло, меѓутоа тешко се наоѓа кај нас.

За подготовката на моите две масла (невен и лаванда) лично користев ладно цедено сончогледово масло, кое се покажа како одлично.

Изборот на билката која ќе ја користиме за подготовката на овој вид на масла е од основна важност, со оглед на тоа што маслото ќе ги земе карактеристиките на самата билка како на пример мирисот, како и лековитите својства на истата.


Како што веќе прочитавте од насловот, јас користев две билки и тоа:

- невен поради омекнувачките својства, намалува црвенила и иритации на кожата и ја штити чувствителната кожа, особено онаа детската;
- лаванда: поради смирувачките својства, а најмногу поради мирисот кој едноставно го обожавам, дефинитивно зависник сум од лаванда.

Маслата може да се подготват на два начина со ладен или топол метод. Јас го користев ладниот метод и токму сега ќе ви ја опишам процедурата.

За ладниот метод потребно е билката да биде добро исушена (доколку ја купите свежа, убаво исушете ја), затоа што и најмалото присуство на вода во билката може да предизвика проблеми на конзервирање на финалниот производ.


Во една празна и перфектно чиста тегла (мора ди биде апсолутно сува без ниедна капка вода) најнапред ставете ја билката, а потоа додадете го маслото. Според мене не постои точна пропорција затоа што најважно е кога ќе ја наполните теглата билката убаво да ја покриете со масло (да нема делови кои не се покриени затоа што ќе се расипе). Јас лично користев 80 гр. невен, а кога ја наполнив тегличката додадов 250 мл. масло. Маслото кое го добив е фантастично со прекрасен мирис на невен и доста концентрирано. Истата количина ја направив и кај маслото од лаванда.

Тегличките се ставаат на темно место (на пример во креденец во кујната) и се чуваат така од 30 до 40 дена. Во текот на тие 40 дена потребно е барем еднаш во два дена убаво да ја протресете тегличката.


По истекот на времето се филтрира маслото и тоа потребно е да се направат две филтрации. Првата е да се извади комплетно целото масло од билката. За ова ви е потребна цедилка (онаа најобична за чај) и една газа. При цедењето убаво притискајте ја билката со лажичка, или завиткајте ја во газата и убаво цедете, затоа што токму тука се наоѓа најконцентрираниот дел од маслото и сите својства на самата билка.



Откако ќе го направите првото процедување, вратете го маслото во истата тегличка (секако без билката) и вратете го во креденецот уште еден ден.


Утредента со помош на една газа повторно процедете го маслото (да се одлободите од малите парченца од билка кои останале во него), и вашето масло е готово за употреба. Најдобро е доколку го ставите во темно стаклено шише, меѓутоа доколку немате може и во обично стаклено шише, меѓутоа чувајте го на темно и суво место.



Не е потребен кознерванс со оглед на тоа што станува збор за масла, меѓутоа доколку имате пожелно е да ставите антиоксиданс како на пример витамин Е, за да ја здржите што подолго трајноста на маслото и да го спречите неговото ужегнување односно оксидација, а одлично е и за нашата кожа. Доколку користите вит. Е во формата tocopherol (на пример ампули) ставете една до две ампули (повеќе секако нема да нашкоди, ќе ви биде од корист). Доколку користите масло вит. Е кое најчесто е tocopheryl acetate ставете малку повеќе од токоферолот.


Овој вид на масла може слободно да се користат за масажа директно на кожата, со оглед на тоа што не се етерични масла, туку масла кои ги извлекле сите бенефиции од билката.

Ова е дефинитивно најекономичниот начин на подготовка на вакви прекрасни билни масла, кои знаеме дека се 100% природни и чисти и кои може да ги користиме за многу работи.

Дали и вие некогаш сте направиле природно домашно масло? Секое ваше искуство и коментар се добредојдени под самиот текст.

Вики



Comments

  1. Пофалби за трудот и за статиите а и за мислењата на Фемина форум. Често те следам и навистина има многу корисно да се научи. Може веројатно вакви масла да се направат и од камилица? Или ружа? Колкав им е рокот на траење на овие домашни масла?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво, благодарам многу за убавите зборови. Секако може да се направат и други масла на пример камилица, смиљ, кантарион итн. Рокот на траење им е година до две доколку се правени со маслиново или сончогледово масло (ладно цедени) кои имаат висок процент на вит. Е. Исто така од огромна важност е и правилно да се чуваат доколку се чуваат во темно стаклено шишенце на темно и суво место (на пример креденец од кујна или некој шкаф) ќе траат подолго. Како и да е како показател може да биде мирисот. Доколку сменат мирис (мирисаат лошо на расипано) или боја значи дека ужегнале и подобро е да не се користат. Поздрав.

      Delete
  2. Sekoja cest, ne samo za ovaa statija tuku za site na blogot. Koja e razlikata vo kvalitetot na maslata vaka kako sto gi podgotvi ti i koga se pravat od svezi bilki i stojat na sonce. Pozdrav

    ReplyDelete
    Replies
    1. Благодарам многу. Се извинувам што дури сега го гледам вашиот коментар. Најбезбеден метод е ладниот метод со оглед на тоа што билките се суви и нема опасност од расипување на маслото при подготовката (нема вода во билката). Подготовка на масло од свежи билки нејдобро е летно време кога има многу сонце. Се прави со помош на сончевата топлина. Меѓутоа доколку маслото не се подготви правилно има опаснот сонцето да направи деградација на активните состојки во билката или пак да предизвика ужегнување на маслото (доколку се користи масло кое полесно оксидира). Како пример за правилна подговтовка на масло од свежа билка погледнете го моето видео на јутуб каналот за масло од кантарион. Еве на пример ова масло може да се подготви само од свежа билка со оглед на тоа што има многу подобар квалитет. Во сувата билка при процесот на сушење се губи една многу важна активна состојка. За било што слободно пишете. Поздрав.

      Delete

Post a Comment