Како до прекрасна валовита коса без фигаро или преса


Витканата или валовита коса изгледа прекрасно и многу женствено, и идеална е како за на работа така и за навечер. Најбрз начин да ја добиеме оваа посакувана фризура е со помош на преса или фигаро за виткање на косата, меѓутоа на тој начин видно ја оштетуваме нашата коса. Топлината од пресата или фигарото ја гори и ослабнува нашата коса, и по многу употреби косата го губи својот сјај и се добива ефект на оштетена коса. За среќа постојат и поприродни начини да го добиеме истиот изглед без да ја оштетиме нашата коса, а во продолжение на оваа статија ќе говорам за мојот омилен начин.

Сѐ што ви е потребно за оваа фризура се гумени спирали кои може да ги најдете во сите продавници за шноли и модни додатоци за косата. Јас моите ги купив од Џамбо. Процедурата зависи од видот на влакното и густината на косата.


Доколку имате потенко влакно како моето, најнапред оставете ја косата малку да се засуши (може да ја исушите природно, или пак со фен на ниска температура што поодалечен од косата). На косата нанесете малку масло како заштита за врвовите или маслку маска за поголем сјај. Откако косата ќе биде скоро сува, земете еден прамен и ставете го врз гумената спирала во правец накај ушите. На тој начин витканото ќе оди наназад со што ќе ви даде многу природен изглед на косата.


Во зависност од тоа од каде сакате да почне да се витка косата, почнете поблиску или подалеку од коренот. Исто така многу важно е да започнете од горниот крај на спиралата, па постепено да го носите праменот надолу по спиралата виткајќи го праменот наназад.


Повторете го истово и со останатите прамени од двете страни на главата.Убаво прицврстете ги гумените спирали за да ја задржите косата во место.


Оставете да отстојат околу саат време и потоа внимателно извадете ги. (Доколку немате саат време на располагање, во тој случај ставете ги спиралите на влажна коса и со фенот сушете ги додека косата да се исуши). Откако ќе ги извадите, најнапред со прстите протресете го коренот на косата за да добиете во волумен.


Потоа внимателно раздвојте го малку секој прамен на два дела (јас обично прамените ги правам подебели за да ги раздвојам и добијам на волумен). Секој од прамените носете го наназад и доколку сакате испрскајте малку лак (по можност природен) за да ја зацврстите фризурата.


Еве како изгледа




 Доколку имате многу густа коса и цврсто влакно, откако ќе ја измиете косата само малку засушете ја и на сеуште влажна коса нанесете малку пена (најдобро природна) ставете ги спиралите и продолжете да сушите со фен на ниска температура што поодалечен од косата. Откако ќе се исуши, извадете ги спиралите од косата и најнапред малку протресете на коренот за поголем волумен. Потоа одвојте ги внимателно прамените и зацврстете ја фризурата со малку лак за коса.


Како вие најчесто ја виткате вашата коса?

Вики

Comments