Вкусни домашни њоки од компир


Типичен специјалитет на италијанската гастрономија, домашно проготвените њоки се обавезен дел од неделниот ручек во скоро сите италијански домови. Во продажба може да се најдат и веќе готови њоки, меѓутоа верувејте ми вкусот и квалитетот не може ни оддалеку да се спореди со оние кои сами ќе си ги направиме дома (како впрочем и со сѐ што е домашно нели). Овој специјалитет е лесен за подготовка (иако одзема малку време), а може да го зачините со она што имате на располадање, или со сос според ваш сопствен вкус.

Во денешнава статија заедно ќе подготвиме домашни њоки од компир и ќе ги потпечеме во рерна со прелив од домашен доматен сос, пармезан и босилек. За тестото односно њоките потребно е:

- 1 кг. компир;
- 250 до 300 гр. брашно по ваш избор;
- малку сол

Во оригиналниот рецепт има и јајца, меѓутоа мене лично ми се многу поубави без јајца. Доколку сакате да ја направите верзијата со јајца додадете едно цело јајце.

Најнапред компирот сварете го во едно тенџере. Откако ќе биде готов и додека сеуште е топол, излупете го компирот и со помош на еден толчник за правење пире згмечете го. Во таа смеса додадете го брашното (и јајцето доколку го користите) и направете еден вид на тесто. Контролирајте ја сами количината на брашно. Може да користите бело или интегрално брашно, по ваш вкус. Јас користев брашно од ориз кое сакав да го завршам. Од добиенотот тесто направете долги резанки и со помош на еден нож сечете ги на еднакви делови (убавината на домашните њоки е во тоа што секоја њока е различна и рачно изработена, за разлика од купечките кои се сите исти).


Добиените њоки ставете ги во еден тањир. Во меѓувреме ставете да врие едно тенџере со солена вода (на средно тивок оган) и откако ќе почне да врие ставете ги њоките (не сите одеднаш, од три до пет заедно) во тенџерето да се сварат околу минутка две.


Кога самата њока ќе исплива на површината на тенџерето значи дека е готова.


Њоките се вака готови за јадење и треба само да ги зачините по ваш вкус со сос или сирење. Меѓутоа, мене многу повеќе ми се допаѓаат доколку малку ги потпечам во рерна, така да откако ќе ги извадам од тенџерето ги редам во едно тавче во кое како подлога имам ставено рендан пармезан (понекогаш го правам и со моцарела ама дента кога ги правев сликите немаше во продавница). За овој рецепт користев рендан пармезан, домашен сос од домати кој го направи мајка ми и свеж босилек.


Врз пармезанот ставам ред од њоките, па повторно врз нив ставам пармезан, малку сос од домати и овојпат ставив и малку власец (еден вид на кромидче). Откако го наредив едниот слој ја повторив процедурата.


Потоа тавчето се става во загреана рерна на 180 степени околу 20 мин. односно додека њоките малку поруменат и додека пармезанот се стопи. Откако ќе ја извадите тавата од рерна додајте го босилекот, затоа што со термичка обработка се губи добар дел од неговиот вкус и станува малку горчлив.


Толку едноставно за правење, а премногу вкусно. Овој рецепт е идеален за да ги фасцинирате гостите или пак со сопственото семејство да уживате во еден прекрасен мирен неделен ручек.


Се надевам дека рецептот ви се допадна, а вие доколку го испробате, пишете коментар под самиот текст. Секако постојат и други варијанти на њоки на пример од жолта тиква или спанаќ, па доколку има желба ќе ви покажам како се приготвуваат.

Добар апетит
Вики

Comments