Како успешно да го намалиме целулитот



Кои видови на третмани се најефикасни против целулит? Дали постои волшебен производ? Како еднаш засекогаш да се ослободам од оваа “кора од портокал“?

Ова се најчесто поставувани прашања на милиони жени кои секојдневно се во потрага по волшебниот производ или третман, кој едноставно ќе направи целулитот да исчезне. Иако станува збор за тешка борба, сепак е возможно целулитот да се намали и држи под контрола. Доколку и вие сте си ги поставиле овие прашања, во тој случај сте на вистинско место затоа што во продолжение на оваа статија ќе говориме за причините поради кои се јавува, третманите и кој вид на производи даваат одлични резултати.

Кога под површината на кожата се таложат масти кои го намалуваат калибарот на капиларите, циркулацијата се отежнува и се акумулираат течности помеѓу масните клетки, се формира најголемиот непријател на жените односно целулитот. Најчесто се формира во пределот на бедрата, задникот и стомакот. Ова не е секогаш поврзано со тежината на една жена, затоа што голем број на витки девојки и жени страдаат од оваа проблематика.

Многу е важно да сфатиме дека освен што претставува неестетска појава, целулитот е еден вид на патологија со оглед на тоа што е знак за проблем на циркулаторниот систем.

Не постои една причина за неговата појава, туку повеќе фактори се одговорни кога станува збор за оваа “кора од портокал“, па затоа за да го спречиме и победиме (онолку колку што можеме секако) треба да делуваме на повеќе полиња како исхраната, физичката активност, стилот на живеење и, секако, антицелулитните третмани и производи.

Друга важна работа е да сфатиме дека ова треба да го правиме во текот на целата година, не три месеци пред летниот одмор само затоа што треба да облечеме костим за капење.  Ако тој дел од телото не се гледа за време на зимскиот период, тоа не значи дека треба да го запоставиме.

Како што напоменав треба да делуваме на повеќе полиња и тоа:

1. ИСХРАНА


Сѐ започнува од трпезата, па затоа од огромно значење е она што го конзумираме, во колкава количина и со колкав процент на сол. Токму затоа се препорачува умерена исхрана (од сѐ по малку) пред сѐ богата  со овошје и зеленчук, а сиромашна со сол. Кога станува збор за  исхраната мора да напоменам дека од огромна важност е и конзумирањето на најмалку литар ипол течности во текот на целиот ден. Од голема помош може да бидат и антицелулитните чаеви кои имаат големо диуретско дејство и го стимулираат исфрлувањето на вишокот на течности од организмот, а со самото тоа и поголем дел од токсините присутни во самиот организам. Некои од овие чаеви, благодарение на дејството на одредени билки присутни во нив, освен диуретско дејство ја стимулираат и периферната циркулација. Значи имаат прочистувачко, диуретско и стимулирачко дејство врз нашиот организам. Прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2016/03/5.html како да подготвите домашни навистина ефикасни антицелулитни чаеви.

2. АНТИЦЕЛУЛИТНИ ТРЕТМАНИ И ПРОИЗВОДИ

Антицелулитните третмани, како што кажува и самото име, се еден вид на техники за намалување на целулитот и подобрување на циркулацијата. Овде спаѓаат антицелулитните пилинзи, масла, креми и секако маски.

Антицелулитни пилинзи


Ексфолиацијата на кожата е од огромна важност за убава кожа, со оглед на тоа што на тој начин се ослободуваме од мртвите клетки на површинскиот слој на кожата. Кожата станува помазна, помека и покомпктна. Антицелулитните пилинзи во својот состав треба да содржат три вида на состојки и тоа: 

ексфолирачки состојки како шеќер, кафе, сол;
масна состојка (некое масло)
етерични масла со антицелулитен ефект (доколку сакате да дознаете кои етерични масла имаат најдобар ефект во антицелулитните третмани прочитајте овде http://biodevojka.blogspot.mk/2016/03/blog-post_70.html

Ваквите пилинзи пожелно е да се направат еднаш неделно и имаат за цел да ја подготват кожата за понатамошните третмани како на пример антицелулитна маска. Во продолжение ќе ви дадам рецепт за два типа на антицелулитен пилинг кои може многу лесно да ги направите сами:

АНТИЦЕЛУЛИТЕН ПИЛИНГ СО ЦРВЕНО ВИНО

2 лажици шеќер;
1 лажица сол;
1 лажица мед;
3 лажици црвено вино;
6 капки етерично масло по ваш избор (лимон, лаванда или рузмарин)

Во еден сад се мешаат шеќерот, солта  и медот и на оваа смеса се додаваат три лажици црвено вино и шест капки етерично масло од лимон. Смесата се нанесува на навлажнета кожа на местата каде има целулит со кружни движења, добро се масира неколку минути и се одмива со млака вода. Овој третман ја буди кожата, ја прави поеластична, ги елиминира мртвите клетки од кожата и видно ја подобрува состојбата на целулитот. Доколку го правите летно време, не користете етерично масло од лимон со оглед на тоа што е фотонестабилно.

АНТИЦЕЛУЛИТЕН ПИЛИНГ СО КАФЕ 

5 лажици кафе
5 лажици шеќер
10 лажици масло
13 капки етерично масло 



Во една чиста тегличка најнапред додавајте ги наизменично кафето со шеќерот. Убаво измешајте ги овие состојки и додадете го маслото кое може да биде едно од следниве: бадемово, кокосово, сончогледово, оризово, јојоба, маслиново итн. На крај додадете го етеричното масло и убаво промешајте. Детален рецепт со слики може да најдете овде http://biodevojka.blogspot.mk/2015/06/blog-post_27.html

Совет плус: пилингот правете го секогаш по туширањето. Најнапре истуширајте се со гел или купка, па потоа нанесете пилинг и само одмијте со млака вода. На тој начин состојките како етеричните масла ќе се задржат на кожата и ќе го продолжат своето влијание.

Антицелулитна маска 



После пилингот кожата е подготвена за антицелулитна маска која е составена од три дела и тоа:

цврст или прашкаст дел кој најчесто е зелена глина во комбинација со сол, сушени алги во прав, чоколадо, кафе или какао;

течен дел кој најчесто е вода или термална вода со оглед на лековитите својства која ги има врз кожата;

етерични масла, кои не само што даваат прекрасен мирис на самиот производ туку се од огромна помош при третманите на целулитот.

Овој вид на маски се нанесува на пределот кој е зафатен од целулит, се прикрива со пластична фолија и се остава околу 30 минути. По истекот на времето само се одмива со млака вода. Целта на овие маски е да ја подобрат циркулацијата и ја чистат кожата. Помагаат во исфрлувањето на вишокот на течности, а глината исто така ја прави кожата многу поеластична и позатегната. Доволно е да ги правите два пати неделно и ќе се воодушевите од крајниот резултат. 

Во продолжение ќе ви дадам рецепт за една навистина многу лесна антицелулитна маска од глина. Во едно празно кутивче помешајте 4 лажици зелена глина (сетете се да користите дрвена или пластична лажица, никако метална), 4 лажици какао (одберете го она горкото, без шеќер) и 2 лажици морска сол. Убаво измешајте ги сите состојки и ова ќе биде вашата база за антицелулитниот третман. Зелената глина е фантастична затоа што ја прочистува кожата, богата е со минерали и лечи разни проблеми кај самата кожа. Какаото е одлично како антицелулитен третман, а во некои случаи многу подобро и од кафето. Со овие дози добивате горе долу околу 200 гр. производ. Доколку дома имате некое етерично масло, ставете во целата смеса 12 капки по ваш избор (рузмарин, лаванда, портокал).


Секогаш кога ќе посакате земете помала или поголема количина од смесата (зависно од зоната каде сакате да нанесете) и  растворете ја со малку зелен чај или деминерализирана вода колку да добиете убава средно густа смеса. Потоа нанесете ја маската рамномерно со помош на една четкичка (или со помош на прстите), покријте со проѕирна фолија и оставете да делува 30 мин.

Антицелулитни производи

Многу девојки се двоумат дали е подобро да одберат антицелулитно масло или крем како секојдневен третман во борбата против целулитот. Мене лично многу повеќе ми се допаѓаат маслата со оглед на тоа што сместам дека не постои вошебен производ кој само ќе го намачкаш и ќе направи целулитот да исчезне, туку од огромна важност овде е масажата.Таа ја поттикнува циркулацијата и на тој начин помага во исфрлувањето на вишокот на течности од организмот. Масажата треба да ја правиме со благи но енергични кружни движења, без многу притискање. Се започнува од колениците па се масира нагоре кон бедрата.

Во продажба ќе најдете многу антицелулитни масла, меѓутоа доколку сте љубители на проектите направи сам, може многу лесно да направите антицелулитно масло и во домашни услови. За тоа ви се потребни:

100 мл базно масло (маслиново, бадемово, сончогледово)
40 капки етерично масло по ваш избор (рузмарин, лаванда, мента, портокал)


Предлог за едно ефикасно антицелулитно масло од какао може да најдете овде http://biodevojka.blogspot.mk/2016/03/blog-post_11.html

3. ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ

Секако третманите сами по себе нема да направат чуда доколку не се помогнати од умерена физичка активност. Може да одберете она што вам ви се допаѓа и редовно да го практикувате. Мој совет ви е да не одбирате многу тешки спортови доколку не сте спортски тип или пак сте на почеток. Доволно е да започнете со пешачење 3о мин. дневно па постепено да зголемувате или преминете на нешто друго, како на пример возење на точак (од дома до работа). Доколку нагло започнете со нешто за кое не сте во можност да го оддржите до крај, брзо ќе се откажете, а тоа секако не ни е целта. 

Комбинацијата на сите овие работи кои ги набројав ќе ви донесе големи резултати, а со самото тоа и поголем ентузијазам и желба да продолжите на овој начин. Вие секако изберете го она кое ви одговара и за кое имате време. Со константност и трпение од ден на ден ќе гледате како вашата кожа станува се поубава, поеластична и поцврста.



Comments