Корисни и лековити својства на маслото од невен


Невенот е една од најпознатите и најупотребуваните билки во природната козметика и медицина, поради огромните корисни својства врз организмот и кожата. Богат е сo флавоноиди, фитостероли, танин, етерично масло, салицилна киселина, календулин и каротеноид (витамин А). Токму благодарение на каротеноидот, ова масло ја подобрува регенерацијата на ткивото и го помага зараснувањето на раните. Има смирувачко и омекнувачко дејство и е особено погодно за сува и чувствителна кожа склона кон иритации и црвенила, како и за детската и бебешката кожа.

Во периоди на голем стрес, при промена на годишните времиња, или како резултат од преголемите грижи, нашата кожа го губи здравиот сјај и станува сива и безживотна. На помош доаѓа токму маслото од невен кое има способност да го врати здравиот изглед на кожата, особено на онаа возрасната, каде со текот на годините се гледа губиток на еластичноста и тонусот.

Во продажба може да најдете многу масла од разни марки, меѓутоа може и многу лесно да го подготвите сами дома. За процедурата на подготовка прочитајте ја оваа статија http://biodevojka.blogspot.mk/2016/03/blog-post_14.html


Ајде да видиме за што сѐ може да го употребуваме ова масло.

1. Изгореници и убод од инсекти

Местото каде сте се изгореле или каде имате убод од инсект, премачкајте го со малку масло од невен. Како што веќе напоменав ова масло има одлична способност да ја помага регенерацијата на кожата и делува антивоспалително. Може да го нанесувате и повеќепати во текот на денот, се додека не видите подобрување.


2. Иритации и црвенила кај бебешката и детската кожа

Маслото од невен е одлично за смирување на било каков вид на иритации или црвенила кај бебешката кожа, особено оние кои се појавуваат на бебешкото газе при промена на пелените. И во овој случај маслото може директно да го нанесете на она место каде се појавило црвенилото, или пак да го употребите во подготовката на некоја домашна крема за оваа намена. Ова масло е одлично и како масло за нега на кожата по бањањето на децата. Се нанесува на благо навлажнета кожа.


3. Стрии на кожата

Маслото од невен е одлично средство за стриите на кожата. Секако не прави стриите да исчезнат (особено ако се бели), меѓутоа ги ублажува веќе постоечките стрии и што е најважно ја спречува појавата на нови. Особено е погодно за жените во текот на бременоста кои сакаат да ја оддржат еластичноста на кожата и да го спречат пукањето на истата, како последица на ширењето на самата кожа. Еднаш до двапати дневно, ова масло треба да се нанесе на оние делови каде стриите се појавуваат најмногу, како на пример стомакот и градите, на благо навлажнета кожа.

4. Нега на гради за време на доењето

Маслото од невен е одлично и како нега на градите (односно пупките) за време на доењето, со оглед на тоа што ја омекнува кожата и го спречува испукнувањето. Пожелно е да се нанесе после секое доење и да се одмие пред секое следно доење.


5. Возрасна кожа

Маслото од невен е идеално доколку кожата е сива, безживотна, опуштена или во случај да со годините ја изгубила еластичноста. Благодарение на својот состав, ова масло може да биде вистински спас за овој вид на кожа и успешно да замени многу скапи производи на пазарот. Може да го користите чисто, директно на лицето и вратот на благо навлажнета кожа навечер, или пак да го употребите при подготовката на некој убав и богат крем за лице. Во една од наредните статии ќе ви дадам еден прекрасен рецепт за крем со масло од невен, со оглед на тоа што треба да го подготвам за мајка ми.

6. Лузни и црвенила пост акни

Маслото од невен е едно од најдобрите средства кога станува збор за лузнички и флеки кои остануваат на лицето како последица од бубуљичките или акните, со оглед на тоа што има смирувачко и омекнувачко дејство врз кожата и ја помага регенерацијата на ткивото. Во комбинација со витаминот Ц ова масло може да даде фантастични резултати.Се нанесува навечер на местата каде има флекички, само или во комбинација со алое вера гел.


7. Атопичен дерматит (егзема)

Маслото од невен е одлично и доколку имате проблем со атопичен дерматит. Ја смирува и омекнува кожата благодарение на својствата кои ги споменав претходно во статијата.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и дека пред да потрошите пари на многу скапи производи, ќе му дадете можност на фантастичното масло од невен.

До скоро читање
Вики


Comments