Витамински третман за прекрасна кожа


Здраво драги мои,

пред недела дена чичко ми ми подари органски нетретирани киви од неговата градина. Мислам дека во неделата што измина изедов киви за цел живот :).

Со оглед на тоа што од сите природни состојки се обидувам да извлечам максимум (како внатрешно така и надворешно), се решив да направам еден комплетен третман за убава, здрава и сјајна кожа токму со едно киви. А секако, како што веќе знаете, сѐ што е интересно и корисно веднаш го споделувам со сите вас овде на блогот.

Ова овошје е навистина многу богато со витамин Ц, но и витамин Е, кои се од огромна важност во спречувањето на штетното дејство на слободните радикали врз кожата. Одлично е за сите оние кои имаат масна кожа склона кон акни и митесери, има благ избелувачки ефект врз самата кожа и секако, има анти ејџ ефект со оглед на тоа што го помага производството на колаген. Кивито е вистински рудник на витамини и минерали и дава огромен здрав сјај на кожата, кој и те како ни е потребен особено при преминот од зима кон пролет.


За овој третман да биде комплетен ќе ви предложам пилинг и маска од киви, кои се навистина многу едноставни за подготвување и имаат фантастично дејство врз кожата. Ајде да видиме што сѐ ни е потребно за нивната подготовка.

1. Пилинг за лице од киви

- половина зрело киви;
- две лажици шеќер;
- една лажица масло по ваш избор (бадемово, маслиново сончогледово)


Со помош на еден блендер (или рачен блендер) изблендирајте ја количината на киви која ви ја предложив. Доколку немате блендер земете навистина зрело киви и згмечете го со помош на една вилушка. Додадете го шеќерот и маслото и убаво промешајте. Со оваа смеса направете благ пилинг на кожата.

Семките од кивито се многу важни во овој пилинг затоа што заедно со шеќерот (ви советувам бел затоа што интегралниот е погруб и доколку имате чувствителна кожа може да предизвика проблем), одлично ги отстранува мртвите клетки од кожата, ја хидрираат кожата и го отстрануваат вишокот на себум.


Овој пилинг пожелно е да се прави еднаш неделно (не почесто).

2. Маска од киви

- половина зрело киви;
- една кафена лажичка мед (веганите може да користат малтекс или маџун);
- една лажица јогурт (веганите може да стават некое растително млеко);
- две кафени лажички зелена глина

Најнапред во блендер ставете го медот, кивито и јогуртот и убаво изблендирајте. Префрлете ја смесата во еден сад и додадете ја зелената глина (внимавајте да не користите метална лажица туку дрвена или пластична). Доколку маската не е доволно густа додадете уште малку зелена глина. Оваа маска нанесете ја на лицето по употребата на пилингот, држете ја 15 мин. и измијте ја убаво со млака вода. По неа нанесете тоник и вашиот омилен хидратантен крем за лице.


Во оваа маска главна ѕвезда е секако нашето омилено киви кое има анти ејџ и избелувачки ефект. Во комбинација со зелената глина и медот одлично ја прочистува кожата и делува како средство против акни, а јогуртот секако ја омекнува кожата.

Овој третман е навистина витаминска бомба за вашата кожа, ќе ги отстрани трагите на замор и ќе го подобри тенот доколку кожата ви изгледа сиво и безживотно.

Вие секако доколку ја направите, споделете ги овде вашите искуства.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Ги пробавв вчера и маската и пилингот. Навистина кожата изгледа убаво после третманот.
    Пилингот можеби и не беше успешен, многу сок ми пушти кивито и шеќерот ми се растопи.
    Маската беше добро направена, но можеби може и со помала количина, јас не успеав целата количина да ја искористам. Тоа што останува може да се чува или не смее да стои?
    Во секој случај, вреди да се проба.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Наташа, најнапред ти благодарам на коментарот. Мило ми е што третманов ти одговара. Си можела да ставиш повеќе шеќер во пилингот доколку пуштило многу сок. Кај мене не пушти многу па оваа количина беше доволна (и онака семките од кивито прават фантастичен пилинг). За маската не би ти советувала да ја чуваш во фрижидер, со оглед на тоа што третманов е добро да се прави еднаш неделно и ќе ти се расипе до следната недела. Следен пат пробај со помала количина. Огромен поздрав.

      Delete
  2. Ги пробав денес и пилингот и маската,задоволна сум,но и мене ми излеле повеќе од маската следен пат помалку ќе ставам со оглед на тоа што не може да се чува во фрижидер,инаку додека ја држев на лице малку ме пецкаше нормално ли е или тоа значи дека не ми одговара маскава,имам комбинирана ама чувствителна кожа.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Ана, мило ми е што си задоволна, секако доколку ти излегло повеќе намали ги пропорциите или прави ја во друштво со некоја другарка. Мене лично не ме пецкаше, ама можеби твојата кожа е почувствителна, па доколку те пецка не ја прави оваа маска, има и други интересни и многу ефикасни. Доколку сакаш нешто ќе ти предложам. Поздрав.

      Delete

Post a Comment