Како сами да направиме парфимиран спреј за тело


Парфимираните спрејови за тело се навистина прекрасни затоа што претставуваат еден вид на алтернатива на парфемите, особено летно време кога сакаме да ја освежиме кожата и прекрасно да мирисаме. Домашната верзија на парфимираните спрејови е одличен начин да се забавуваме и на сопствен начин да ги галиме сетилата, обвивајќи ја нашата кожа со мирис кој ни се допаѓа и во кој уживаме.

Токму затоа во денешнава статија ќе ви кажам како сами дома на најлесен можен начин да подготвите персонализирани парфимирани спрејови за тело. Во зависност од состојките кои ги имате на располагање, ќе ви дадам три варијанти на парфимиран спреј (сите без алкохол), а мирисот секако ќе го изберете самите вие според вашиот сопствен вкус.

1. Парфимиран спреј од ванила

Оваа верзија е наједноставна која може да постои, доколку сте љубители на мирисот на ванила на вашата кожа. Сѐ што ви треба за да го подготвите овој навистина едноставен спреј е деминерализирана вода и екстракт од ванила (оној за правење колачи кој ќе го најдете во било кој супермаркет). Внимавајте само екстрактот да биде воден а не маслен.


Во едно празно спреј шише (може да рециклирате некое од завршен парфем или деодоранс) најнапред ставете околу 100 мл. деминерализирана вода и додадете малку екстракт од ванила. Количината на ванила зависи од вашиот сопствен вкус, меѓутоа не претерувајте, сепак е доста концентрирано. Протресете го шишенцето и вашиот спреј е готов. Може да го испрскате на кожата секојпат кога ќе посакате да ја освежите кожата и да уживате во прекрасниот мирис на ванила.


Вака подготвениот спреј ќе ви трае месец дена.

2. Парфимиран спреј со глицерин и етерични масла

За овој парфимиран спреј потребно е да имате глицерин (најдобро од растително потекло кој може да го најдете во аптека) и секако етерични масла по ваш избор. Глицеринот во овој рецепт ќе служи како фиксатор на мирисот, со цел истиот подолго да се чувствува на кожата. Освен тоа глицеринот има и прекрасен ефект на самата кожа со оглед на тоа што ја задржува влагата, ја спречува дехидратацијата и ја прави кожата помека.

Во едно празно спреј шишенце ставете 100 мл. деминерализирана вода, 5 гр. глицерин, односно една кафена лажичка (соодносот на глицеринот треба да биде 5%), и етерични масла по избор (20 капки етерично масло). Со оглед на тоа што го направив за една другарка, користев комбинација од цитрусни масла кои имаат горна нота со мал процент лаванда која има срцева нота за да мирисите подолго се задржат на кожата (ми фалеше некое етерично масло со долна нота).


Убаво протресете го шишето и вашиот парфимиран спреј е готов. Оставете производот да отстои еден ден, па проверете ја јачината на парфемот на вашата кожа. Доколку немате дома етерични масла, овој сореј може да го направите и со некој парфем кој ви е омилен (најдобро доколку е поприроден). Во смесата ставете една до две кафени лажички од самиот парфем и уживајте во неговиот мирис по целото тело.

Вака подготвениот спреј ќе ви трае месец дена, иако е без конзерванси, затоа што на некој начин глицеринот ќе се потруди производот да потрае подолго.

3. Парфимиран спреј со алое вера гел

Овој парфимиран спреј има огормо хидратантно и омекнувачко дејство врз кожата, меѓутоа не трае месец дена како претходниот.

Во една пластична чашка најнапред ставете половина супена лажица нишесте и 20 капки етерично масло од лаванда (или друго по ваш избор). Оставете малку мирисот на лаванда да се спои со нишестето (околу половина час) и потоа додадете една супена лажица алое вера гел. Додадете и 100 мл. деминерализирана вода и префрлете ја течноста во едно празно спреј шише. Убаво протресете и вашиот спреј е готов.


Трае од 10 дена до две недели.


Важно:  некои видови на етерични масла (лимон, портокал, бергамот итн.) се фотонестабилни и доколку се нанесат на кожата истата не смее да се изложува на сонце 12 часа по нанесувањето на етеричното масло. Доколку имате намера производот да го користите за време на летниот период, кога сме повеќе изложени на сончевите зраци, бирајте етерични масла кои се фотостабилни.

За на крај, ослободете ја вашата фантазија, набавете ги потребните состојки и почнете да експериментирате. Ќе се зачудите од задоволството кое ќе го почувствувате кога во рака ќе го држите вашиот прв домашен производ.

Comments