Cowash за убава, чиста и сјајна коса


Здраво на сите,

многу одамна имав прочитано за еден нов начин на миење на косата односно Cowash кој всушност значи миење на косата со балзам или во оригинал на англиски Conditioner Wash.

Навистина долго време се мислев дали да го пробам затоа што бев многу скептична околу неговиот ефект, меѓутоа јас не би била биодевојка доколку не пробам разни техники кои потоа ви ги претставувам овде на блогот, па се решив да го истестирам врз себе.

Она што мене ми беше многу чудно е како е возможно еден балзам да ја мие косата кога има катјонски сурфактанти, кои за разлика од анјонските присутни во шампонот овие не се врзуваат за водата за да ја одмијат нечистотијата, туку напротив ја неутрализираат негативната карика на анјонските и ја омекнуваат косата. Со еден збор анјонските измиваат, катјонските “валкаат“.

Откако убаво ја проучив Cowash техниката на миење на косата и експериментирав со разни состојки за кои ќе ви говорам подоцна во статијата, сфатив дека не е толку лоша колку што мислев и на некој начин функционира и ја прави косата чиста и сјајна.

Основниот рецепт на овој вид на миење на косата е балзам плус шеќер. Улогата на шеќерот во оваа техника е да ги отстрани нечистотиите на косата по механички пат. Јас како што кажав експериментирав и со други состојки, а и со разни количини, така да ќе ви ги кажам според мене идеалните количини за секој тип на коса поединечно.



За коса со средна должина потребни ви се две лажици шеќер со околу две ипол лажици балзам за коса. Морам да напоменам една важна работа а тоа е балзамот за коса да биде БЕЗ СИЛИКОНИ!!! Ова е навистина многу важно затоа што во спротивно ќе добиете ефект на тешка коса под дејство на силиконите и нема да може да ги измиете од косата. Користете некој поприроден балзам од оние кои ќе ви ги набројам подолу во оваа статија.

На убаво навлажнета коса се нанесува смесата најнапред на темето на косата и убаво се масира со благи движења без многу притисок или напор, па потоа и по должината на косата. Оставете да делува околу две минути и потоа убаво измијте ја косата.

Навистина потребно е многу убаво да се измие косата, никако на брзина, многу потемелно отколку кога тоа би го направиле со обичен шампон. На крај миењето може да го завршите со поладна вода за да го зголемите сјајот на косата.

Доколку од првпат не добиете задоволувачки резултати не очајувајте. Експериментирајте со количината на шеќер и балзам и пронајдете ја сопствената идеална комбинација на киличината на состојките.

Како што напоменав на почетокот јас експериментирав со повеќе типови на состојки кои може да ги користите како замена за шеќерот и еве кои состојки се според мене идеални за различни типови на коса.

1. Масна коса

 Многумина би рекле дека оваа техника не е баш најпогодна за масна коса, меѓутоа не би се согласила баш со оваа изјава. Јас имам претежно сува коса (или поточно нормална кон тенденција кон суво која за среќа ја одджувам во форма благодарение на многубројните маски и третмани кои ги правам еднаш неделно), меѓутоа во последно време под дејство на климата, загаденоста и.т.н. коренот почна почесто да ми се масти. Пробав една навистина интересна варијанта на оваа маска додавајќи зелена глина на основниот рецепт. Она што јас го направив е:


една ипол супена лажица шеќер
нешто помалку од една супена лажица зелена глина
две ипол супени лажици балзам за коса
4 капки етерично масло од рузмарин или лаванда (доколку ги имате дома)

Со оваа смеса ја измив косата според начинот објаснет погоре и резултатот е следниов



чиста, сјајна и убава коса. Траеше чиста скоро три цели дена.

Втор метод кој го пробав за масна коса е следниов:

две супени лажици шеќер
една кафена лажичка јаболков оцет (јас го користам оцетот направен според овој стар кинески рецепт)
две ипол супени лажици балзам

Постапката е иста, а резултатот е доста задоволувачки.

2. Нормална коса

Доколку имате нормална коса која не се масти многу често, во тој случај направете го овој рецепт:

една ипол супена лажица шеќер
половина супена лажица пченкарно брашно
две ипол супени лажици балзам за коса

Нанесете го на мокра коса и нежно масирајте. Оставете да делува околу две минути и убаво измијте го. Пченкарното брашно (може да го најдете во сите супермаркети) го ублажува дејството на шеќерот.


Втор рецепт кој би можела да ви го предложам е следниов:

две супени лажици шеќер
една кафена лажичка мед
една кафена лажичка јогурт
две супени лажици балзам за коса

Постапката е иста како онаа објаснета погоре.

3 Сува, многу сува и виткана коса

Јас мислам дека овој метод е идеален за многу сува и виткана коса. Најнапред она што би ви советувала е да одберете некој погуст и похранлив балзам за коса или пак некоја убава маска за коса (предлози ќе најдете на крајот на оваа статија). Рецептот кој би ви го предложила е следен:

една супена лажица шеќер
една супена лажица пченкарно брашно
две супени лажици хранлива маска за коса
половина супена лажица маслиново, бадемово, арганово или масло од авокадо (по ваш избор)

Добиената смеса нанесете ја на мокра коса и нежно масирајте без нагли движења или притискање. Убаво измијте ја косата и миењето завршете го со маслку поладна вода за сјај.

Какво е моето искуство и сензација од овој метод на миење на косата?


Најнапред најважно е да ви кажам дека од првите неколку пати сигурно нема да го видите резултатот и ќе мислите дека косата ви е масна. Меѓутоа дајте му шанса на методов затоа што ќе ве изненади неговиот ефект. По две до три миења ќе ги видите резултатите и ефекот кој го дава врз косата.

Мене навистина ми се допадна и одлучив да правам алтерација со органски нормален шампон на секое миење (еднаш ја мијам на овој начин, еднаш со органски шампон). Косата е остава чиста истовремено мека (со оглед на тоа што станува збор за балзам), а и воопшто не е агресивен со оглед на тоа што сурфактантите немаат големо измивачко дејство. Исто така мора да напоменам дека остава поголем волумен на косата (барем во мојот случај беше така).

Пред да ви ја наведам листата на балзами и маски кои се без силикони и иедални за оваа техника само да ве потсетам на неколку правила кои секогаш треба да ги имате на ум додека правите Cowash:

1. Секогаш бирајте балзами и маски БЕЗ СИЛИКОНИ
2. Убаво мијте ја косата исплакнувајте многу повеќе отколку со обичен шампон.
3. Не претерувајте со интензитетот на масажата врз темето. Изведувајте ја со благи движења. Треба да биде пријатна.
4. Слободно зголемете/намалете ги предложените дози или променете ги дозите. Сите сме различни така да прилагодете го овој метод според потребите на вашата коса.
5. Според мене најдобро е да правите алтерација на овој метод со обичен благ шампон (едно миење Cowash, едно миење благ органски шампон без силикони)

Ајде сега да ви предложам неколку балзами кои се идеални за оваа намена со оглед на тоа што немаат силикони:

1. Сите балзами за коса на Alverde (моите омилени), одберете некој кој одговара на вашиот тип на коса;


2. Балзам за коса на Garnier со авокадо;
3. Балзам за коса на Balea со калинка и гоџи;


4. Маска за коса на Glenova (оваа особено ја препорачувам на девојките со многу сува и виткана коса. Моментално омекнува и дава свиленкаста структура);


5. Балзам за коса на Garnier Pure and Clean;
6. Маска за коса Insight;


Сега за сега ги најдов овие балзами. Вие доколку познавате некој кој не сум го споменала слободно пишете по дсамиот текст. Дали до сега некоја од вас ја има пробано оваа техника на миење? Колку сте задоволни?

Поздрав
Вики

Comments