Предлог за нови убаво формулирани шампони


Здраво драги мои,

како што кажувам секогаш во сите мои статии, откако престанав да користам шампони на база на силикони, мојата коса доби втор живот и стана поздрава и поубава од било кога. Секако не беше лесен процесот на чистење, на косата од силиконите, меѓутоа резултатите вредат за напорот и издржливоста.

Многумина од вас честопати ме прашуваат какви шампони да користат, кој шампон е без силикони, кој шампон кој не е органски, а има убава формула и.т.н. Јас во повеќе статии имам рецензирано шампони (линковите ќе ви ги постирам на крајот од статијата).

Во оваа статија сакам да ви претставам неколку нови убави шампони кои ги купив во последниов период и кои со радост ги користам и ми одговараат. Ајде да започнеме.

1. Шампони за коса на Alverde


Навистина многупати имам говорено за оваа марка на шампони и доста многу шампони имам пробано на Alverde (скоро сите). Не е тајна дека мене лично најмногу ми се допаѓаат поради фантастичните формули и убаво избалансирани состојки, меѓутоа и според одличната цена.

Имаат средна измивачка моќ и претежно содржат фантастични состојки за нега на косата како на пример аргинин, бетаин, пченични протеини и разни екстракти во зависност видот и намената на самиот шампон.

Го искористив попустот во ДМ (моментално има до 30% попуст на баш сите шампони) и земав три нови шампони од оваа марка кои денес ќе ви ги претставам.

Првиот шампон е оној сензитив со органски екстракт од ехинацеа и јојоба. Станува збор за навистина многу деликатна формула каде сурфактантите се максимално ублажени не само меѓусебно туку и со помош на глицеринот. Овој шампон содржи аргинин кој е еден вид на аминокиселина која не само што е одлична за сува коса, туку и според некои американски истражувања помага и при проблеми со опаѓање на косата.

Овој шампон го препорачувам за оние кои имаат чувствително теме на косата кое многу често се иритира, или пак суво теме на главата.


Вториот шампон од оваа марка е оној за волумен со екстракт ос бамбус и портокал. Овој шампон веќе по вторпат го купувам (порано го користев оној со маслинка и кна) и можем да кажам дека мене лично многу ми се допаѓа.

Има благо измивачка моќ (иако нешто поголема од оној сенситив) и според мене повеќе е наменет за нормална коса или коса без волумен која брзо се масти.

Во својата формула содржи бетаин, аргинин, пченични протеини, екстракти од бамбус, портокал и нане. Има навистина пријатен свеж мирис, и остава чувство на свежина и чиста коса повеќе денови по миењето.


Третиот шампон со кофеин за мене беше вистинско откритие. Да си бидам најискрена се мислев дали да го земам затоа што содржи алкохол на четврта позиција, меѓутоа со оглед на тоа што не е на првите три позиции, а избалансиран е и со глицеринот, според мене неговото присуство не е големо во овој производ. Од екстракти содржи црн бибер, темјан и секако кофеин.

Навистина сум многу пријатно изненадена од овој шампон и мене лично премногу ми се допаѓа. Косата ја остава неверојатно чиста. Со оглед на формулата не го препорачувам на оние со чувствително теме, туку повеќе за нормална до масна коса или тенка коса без волумен. По миењето волуменот повеќе се забележува од било кој друг шампон (барем јас имав такво чувство).


2. Шампон со аргинин на L'oreal

Многу често во продавниците ги гледам сите шампони со надеж да откријам некој нов производ со пристапна формула и без силикони. Епа драги мои, кој бара наоѓа :). Не можам да ви го опишам изненадувањето кога го најдов овој шампон кој не само што има убава формула (скоро природна формула), збогатена со аргинин, туку е од марката на L'oreal .


Многу девојќи кои живеат во градовите каде нема ДМ и не можат да ги земат шампоните на Alverde секогаш ме прашуваат за препорака на некој шампон кој лесно може да се најде и во другите продавници. Еве, моја препорака ви е овој шампон. Верувајте ми кога го видов, трипати ја проверував декларацијата да не не сум видела некој силикон или нафтен дериват, ама за среќа не. Според мене овој шампон е голем чекор напред за L'oreal и доколку случајно ме чита некој од увозниците, сакаме повеќе вакви шампони!!!

Има поголема измивачка моќ како производ и јас би го препорачала за оние кои имаат од нормална до масна коса. Присуството на аргинин е одлично со оглед на тоа како што веќе напоменав погоре ја зајакнува косата. Доколку имате посува коса со чувствително теме, може да го користите доколку претходно на косата нанесете малку масло (на темето од косата) или пак на цела коса како третман барем 30 мин. пред шампонирањето.

Јас лично го употребив тришати до сега и мене лично ми се допадна.

3. Шампон за коса на Biokap (Biosline)


Досега го немам рецензирано овој шампон па затоа се решив да ви го претставам овде. Станува збор за шампон кој не е органски меѓутоа со одлична формула. Има блага структура и присуство на повеќе екстрајти кои го прават одличен за сите оние кои имаат проблем со опаѓање на косата или пак едноставно сакаат да ја зајакнат косата. Ја стимулира циркулацијата на темето и со самото тоа придонесува до поздрава и поубава коса.

Може слободно да го користите и во периодите на промена на годишните времиња на пример во есен и пролет, кога природно губиме повеќе коса под дејство на климатските услови.

Тоа беше сѐ за оваа статија, а јас како што ќе откривам нови шампони така ќе ви ги претставувам овде. Како што напоменав на почетокот ви оставам неколку интересни линкови од претходни рецензии на шампони и секако совети за нега на косата и чистење на косата од силикони.

1. Рецензија на два прекрасни шампони

2. Совети за правилен избор на шампоните

3. Совети за правилно користење на органските шампони

4.  Како да ја ослободите или исчистите косата од силикони


Поздрав и до следно читање
Вики


Comments