Разни видови на глина, нивно дејство и употреба





Здраво драги мои,


глината претставува едно од најстарите природни методи кој човекот го имал на располагање за нега на кожата и косата.  Таа претставувала и сеуште претставува јавна тајна за убавината на многу жени.

Глината е богата со многу разни минерали како железо, силика, калциум, мангезиум и.т.н., и во зависност од количината и процентот на овие минерали постојат разни видови на глина кои меѓусебно се разликуваат не само по бојата, туку и според дејството.

Глината помага при разни состојби на кожата и косата: го забавува стареењето, помага при проблем со акни и митесери, помага при проблем на дерматитис, реуматски болки, масна коса или едноставно ја прочистува и омекнува кожата.

Најпозната (барем кај нас) е зелената глина која и најлесно може да се најде. За неа подетално имам пишувано во статијата за што сѐ може да ја употребуваме зелената глина.

Во денешнава статија би сакала да проговорам за сите разни видови на глина, нивната употреба, дејство и ефект. Повеќето од овие типови на глина може да ги најдете во другите земји или на интернет. Целта ми е да ве запознаам со сите видови на глина, па доколку дојдете во контакт со некоја од нив или отидете на патување во дуга земја каде може да ја набавите, да знаете зошто пожелно е да ја земете токму таа глина и како да ја употребувате.

1. Зелена глина


Иако како што веќе напоменав имам говорено за овој тип на глина, сепак најпозната е кај нас и треба да ја споменам уште еднаш. Овој вид на глина содржи 50% силика и 14% алуминиум. Има големо антивоспалително дејство и големо апсорбирачко дејство што ја прави особено погодна за комбинирана и масна кожа, како и проблематична кожа со акни и митесери. Во случај на масен корен, зелената глина може да биде од огромна помош со видливи резултати.

2. Сива глина

Позната под името лувос или уште попозната како германска глина (поради тоа што е откриена во Германија), овој вид на глина има најголем процент на силика (дури 60%) и 20% алуминиум. Има неверојатно дејство да ги исфрла вишокот на течности од организмот (има дренантно дејство), така да одлична е како антицелулитна маска. Ито така ја подобрува и циркулацијата, така да доколку некаде ја најдете оваа глина, слободно правете антицелулитни маски на бедрата, задникот и стомакот (или на оние места каде имате целулит).

3. Бела глина


Попозната како каолин, овој вид на глина содржи 48% силика и 36% алуминиум и претежно е користена во козметичката индустрија. За нијанса е понежна од зелената глина (во смисла на дејство и абсорбирачка моќ врз кожата) и затоа погодна е за нормална, сува или чувствителна кожа. Белата глина најчесто се користи како маска за лице или како маска во случај на стрии со оглед на тоа што воопшто не содржи железо во својот состав (или доколку го содржи е во минимален процент).

4. Жолта глина

Позната под името илит, овој вид на глина е доста богат со железо и бакар (оттука и жолтата боја). Овој тип на глина е одличен за масна кожа, со оглед на тоа што има моќ да го нормализира себумот во кожата, а со тоа и прекумерното мастење на кожата. Има големо прочистувачко дејство.

5. Розева глина

Розевата глина има омекнувачко дејство врз кожата и се препорачува за многу чувствителна кожа склона кон иритации. Има антиоксидантно, ленитивно и регенерирачко дејство врз кожата.

6. Црвена глина


Овој вид на глина е богата со железо (одтука и бојата е црвена) и сиромашна со алуминиум, и одлична за многу чувствителна кожа која лесно се вцрвенува или иритира. Црвената глина се препорачува за маски за чувствителнa и сува кожа, па дури и во случај на дерматитис. Одлична е и како маска за темето на косата.

ВАЖНО:

Алуминиумот кој е природно присутен во глината е многу различен од алуминиумовата сол која се наоѓа во деодорансите и која секогаш ви велам да ја избегнувате.

Алуминиумот во глината не е чист (во чиста состојба) туку е помешан со останатите минерали природно присутни во самата хемиска структура на одредениот тип на глина кои сите заедно и ги даваат лековитите својства на глината врз кожата и косата (или организмот) . Во козметичките производи алуминиумот се користи чист (се додава во чиста состојба на производот) и не се врзува за ниеден од останатите елементи во самиот производ со што се таложи во телото.

Сетете се на правилото глината секогаш да ја земате со дрвена или пластична лажица (никако метална) и да ја мешате во стаклен, пластичен или керамички сад (никако железен).

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист, а вие следен пат кога ќе одите на патување надвор од земјата, побарајте некој од овие видови на глина (или доколку имате обичај да нарачувате од интернет). бенефициите се огромни и во секој случај може да бидете само задоволни.

Поздрав и до следно читање.
Вики


Comments