Масло од Ему- тајна за младешка кожа


Здраво драги мои,

не знам колку само пораки и барања добив да пишувам за маслото на Ему Дерм за кое во последно време навистина доста се зборува. Мислам дека јас бев единствената која досега не го пробала.

Морам да си кажам најискрено дека не бев баш многу запознаена со ова масло и со бенефициите кое ги нуди врз кожата и косата, па по долго истражување и секако лично тестирање на истото кај себе, конечно може да ви направам една рецензија за корисните својства на ова масло и секако начинот на употреба.

Како и секогаш пред да преминам на самата рецензија, би сакала да напишам збор два за тоа што е всушност маслото од ему и каков е неговиот состав.

Маслото од ему се екстрахира од масното ткиво на истоимената птица која е карактеристична за австралиските предели. По естракцијата маслото поминува низ неколку филтри каде се прочистува и рафинира, така да постојат повеќе типови на масло од ему кои се базираат врз разни нивоа на филтрација на самото масло.

Полезното дејство на ова масло им било добро познато на австралиските Аборџини (не е ни чудо што најдолго живееле) кои го користеле за скоро сѐ: убоди од инсекти, исекотини, за ублажување на болката и како антисептик.


Ова масло во својот состав претежно содржи незаситени масни киселини (70%) кои се неопходни за нас и кои нашиот организам не е во состојба сам да ги произведе. Содржи претежно олеинска киселина (која која е многу важна состојка и ја овозможува лесната пенетрација на ова масло во кожата) и линолеинска киселина, и има не фосфорна структура.

Нашата кожа е “програмирана“ да не и дозволи на ниедна состојка која содржи фосфор да пенетрира во кожата. Ете зошто ова масло лесно се апсорбира и успева да навлезе до најдлабоките слоеви на нашата кожа.

Како што напоменав на почетокот, на ваше барање, во оваа статија ќе го тестирам Ему Дерм маслото за повеќе работи. Постојат два вида на Ему Дерм масла кои се разликуваат само според нивото на филтрација (она што го напоменав погоре), така да ќе искористам да ви направам споредба помеѓу двете и да ви кажам кои се разликите и сличностите.

Најнапред да проговориме за што сѐ може да ги користите и двете масла.

1. Нега на кожата


Мислам дека сите веќе добро знаете колку обожавам масла како дел од секојдневната нега на кожата. Навистина го обожавам чувството и ефектот на маслата врз кожата. Кога го пробав ова масло за прв пат, малку е почудно од останатите кои сум ги пробала во смисла на структура. Меѓутоа ефектот е навистина неверојатен.

Ова масло може да се користи за многу разни состојби на кожата како сува и чувствителна кожа, проблематична кожа со бубуљички и црнки, потоа кожа со егзема и кожа со флеки. Се смета дека е едно од најмоќните масла кога станува збор за брчки на кожата. Cе нарекува и масло на младоста.

Јас имам комбинирана кожа и може да кажам дека прво нешто што забележав е дека маслото воопшто не ја масти или отежнува самата кожа. Навистина многу лесно се впива и делува како втора кожа. Не остава масна трага (секако доколку користите нормална количина) и кожата ќе ви стане видно мека уште при првата апликација.

Го пробав и врз една бубуљичка (знаете во периодот на циклус сите ги имаме) и може да кажам дека го помага заздравувањето и повлекувањето на истата со оглед на тоа што има и антивоспалително дејство.

Кога го нанесувам на лицето обично она што ќе остане го втривам во рацете (кои скогаш се посуви со оглед на тоа што ги миеме илјада пати дневно) и може да кажам дека инстантно ја омекнува и измазнува кожата на рацете многу подобро од било кој крем.

Навистина што се оденсува до негата на кожата од мене ова масло има 10-ка.

2. Третман за коса


Додека истрaжував за ова масло на интернет, еден податок особено ми го привлече вниманието, а тоа е способноста на ова масло да го намали или спречи опаѓањето на косата. Навистина бев нетрпелива да го испробам за оваа цел и веднаш се фатив за работа.

Го користам веќе две недели трипати неделно како третман на следниов начин:
во раката ставав иста количина од ему дерм масло и кокосово масло, убаво промешувам и со оваа смеса правев масажа само на темето на косата. Со благи движења без многу притисок или напад, нежно го масирав коренот на косата на целата површина на главата. Го оставав да делува цела вечер и наутро ја миев косата со благ шампон.

Какви резултати видов? Е сега, не може да кажам дека ќе ви израсне нова коса на главата (тоа сепак е генетски предодредено), меѓутоа она кое јас го забележав е видно намалување во количината на коса која нормално паѓа при миење или чешлање на косата. Навистина ова е доста забележително и ефектот ме радува. На некој начин мислам дека го омекнува темето (во случај да имате проблем со кожа која лесно се иритира или лупи), ова ви е идеално решение за пред секое миење (во тој случај не мора да го држите цела вечер, доволно е барем 30 мин, пред шампонирањето).

Пробајте, според мене ќе бидете презадоволни од резултатите.

3. Исекотини, изгебаници и изгореници


За среќа исекотини и изгребаници не си направив во изминатите недели (жива здрава), меѓутоа кога станува збор за изгореници, многу често знам да се изгорам печејќи нешто во рената. Кога тоа ми се случи пред недела дена реков супер, ајде да го пробаме маслото и за таа цел.

Навистина ја помага регенерацијата на кожата, затоа што истата побрзо се обнови и “оздраве“ (ако може така да се изразам) отколку кога тоа би било без никаков препарат. Исто така веднаш дава олеснување и ја намалува болката од изгореницата.

Откако видовме за што сѐ може да го употребувате, ајде да ви ја кажам разликата помеѓу двете масла односно синото и црвеното.

Синото масло има погуста структура и многу интензивен мирис (затоа на почетокот ви реков дека ми беше малку чудно). Мене лично мирисот не ми пречи, меѓутоа можеби на многумина од вас ќе им пречи, па затоа должност ми е да напоменам.


Црвената верзија на Ему Дерм (она на кое пишува серум) како структура не е толку густо некако е полесно и без мирис. Според мене оваа верзија е идеална за сите оние на кои им сметаат силни мириси и сакаат производ кој воопшто нема да го почувствуваат врз кожата.


Како квалитет и двете се покажаа одлични, разликата е само во структурата и мирисот.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист особено ако сте ги виделе и двете масла и се мислевте која е разликата помеѓу нив и кое да го одберете.

Поздрав и до следно читање.
Вики


Comments