Масло од јојоба - вашата втора кожа


Маслото од јојоба е едно од најстарите козметички масла користени за оддржување на убавината на кожата и косата. Во Индија веќе со децении го користат како едно од главните природни средства за здрава и убава кожа и коса.

Иако се нарекува масло, според својата структура претставува еден вид на течен восок кој се добива со ладно цедење на семките на јојобата. Да ви ја објаснам разликата помеѓу восок и масло: во маслото во составот има комбинација на молeкули на масни киселини и глицерин, додека во восокот не. Токму затоа ова масло најлесно продира во кожата поради тоа што во самата структура не содржи глицерински молекули.

Составот на маслото на јојоба е навистина фантастичен и токму тоа го прави погодно за скоро сите типови на кожа и коса:

- Богато е најнапред со витамин Е кој претставува природен антиоксиданс и го спречува дејството на слободните радикали, а со тоа и предвременото стареење.


- Содржи минерали кои се неопходни за здравјето и убавината на кожата со оглед на тоа што ја помагаат нејзината природна функција и обнова. Недостатокот на минерали може да предизвика црвенило, кожа без сјај или предвремена појава на брчки.

- Маслото од јојоба содржи и два витамини од групата Б и тоа Б2 и Б3 кои се од огромна важност за здравјето на клетките. Овие два витамини го намалуваат воспалението на кожата во случај на егзема, псоријаза и чешање. Исто така ја подобруваат структурата на косата.

- Една важна карактеристика на ова масло е големото присуство на несапунифицирана состојка. Да ви објаснам: маслото се состои од два дела од кои едниот во контакт со одредени состојки е во можност да формира состојка слична на сапунот, а другата не. Токму оваа втората која не се сапунифицира претставува вистинско богатсво во самото масло: има моќно антиоксидантно влијание и го спречува превременото стареење. Го стимулира производството на колаген и еластин кај кожата и го враќа тонусот на самата кожа. Маслото од јојоба е трето во класифика според количината на оваа состојка во самата структура која е присутна од 2 до 3%. На прво место е маслото од авокадо каде присуството е од 3,1 до 27%, и на второ е шеа путерот каде процентот се движи од 3,5 до 17%.


Токму благодарение на оваа уникатна структура маслото од јојоба како што веќе напоменав е одлично за многу разни состојби на кожата и одговара како за сува, така и за масна кожа. Има одлично омекнувачко и смирувачко дејство доколку станува збор за чувствителна кожа.

Јојобата е едно од ретките масла кои одговараат и за комбинирана до масна кожа со оглед на тоа што го регулираат производството на себум во кожата.

Во продолжение на оваа статија ќе ви го претставам маслото од јојоба на Institute Organica и ќе ви кажам за што сѐ може да го користите и со кои други состојки да го комбинирате за да извлечете максимум од бенефициите кои ги нуди ова масло.

Најнапред да напоменам (иако секогаш ви кажувам) дека маслото мора да биде чисто и ладно цедено. Избегнувајте било какви мешавини со течен парафин, минерални масла или силикони. Маслото на Institute Organica е 100%  чисто и ладно цедено органско масло кое како единствена состојка има само Simmondsia Chinensis Oil кое е всушност неговото ботаничко име и најчесто се наоѓа како такво во декларациите на козметичките производи или како чист производ.

Нешто што ми се допаѓа кај маслото од јојоба е степенот на чистина на ова масло. Уште при првата екстракција ова масло има чистота која е супериорна од многу останати масла. Тоа може да го видите и од самата слика на маслото.


Маслото од јојоба е едно од ретките масла без мирис што го прави идеално за сите оние кои не поднесуваат тешки мириси. Ова масло природно нема мирис, така да не е потребно да се рафинира. Ова е едно од најидеалните масла за било кој козметички производ затоа што лесно се комбинира со многу останати масла (особено потешките) и лесно прифаќа било каков мирис или етерично масло во финалниот производ.

Маслото од јојоба е многу издржливо како масло и тешко се расипува, односно ужегнува и е отпорно на високи температури. Може да издржи температура од 130°C цели девет часа без воопшто да настане алтерација на структурата на истото.

Ова масло од јојоба ги помина сите тестови на чистота и квалитет кај мене. Нешто што исклучиво ми се допаѓа е тоа што има слична структура како нашиот себум и нашата кожа лесно го апсорбира.

Маслото на Institute Organica го испробав за повеќе работи и тоа:

1. Третман за комбинирана до масна кожа

Јас имам природно комбинирана кожа и навистина обожавам масло. Ова ми е едно од омилените затоа што не само што кожата лесно го апсорбира (како што нагласив погоре) туку истовремено го нормализира лачењето на себум. Замислете ем ја негувате кожата, ја оддржувате нејзината еластичност, а истовремено го нормализирате прекумерното лачење на себум.

Нашиот себум во глобала е составен од:

57,6% на триглицериди и слободни масни киселини
26% восоци
12% сквален
4% холестерол
мртви клетки

Ете зошто маслото од јојоба најдобро пенетрира во кожата. Неговата структура е многу слична и перфектно се спојува и меша со онаа на себумот , без да направи никаква промена во функционалните карактеристики на самата кожа, односно можноста за обнова и задржувањето на хидратацијата на истата. Исто така помага и во случај на акни.

Препорачувам да го нанесете на благо навлажнета кожа по тоникот или претходно да испрскате малку термална вода или ружина вода. Потоа нанесете го маслото со благи движења до комплетно апсорбирање.

Исто така би ви препорачала и една прекрасна маска за лице со масло од јојоба и зелена глина:


во еден сад помешајте две кафени лажички зелена глина една кафена лажичка масло од јојоба и малку вода или зеен чај колку да добиете убава смеса. Доколку смесата е премногу течна додадете уште малку глина, во спротивно вода.


Нанесете ја смесата на убаво исчистено лице и оставете да стои сѐ додека да почувствувате благо затегање на кожата (не оставајте комплетно да се исуши). Измијте го лицето со млака вода и миењето завршете го со поладна за подобра циркулација.

На овој начин добивате комплетна заштита на кожата од надворешните влијанија. Маслото од јојоба создава заштитен филм меѓутоа без да ја запушува кожата. Од една страна создава филм кој ја задржува водата во самата кожа со која се зголемува и хидратацијата, меѓутоа од друга страна дозволува водата да циркулира и кожата правилно да дише.

Маслото од јојоба има и големо анти ејџ влијание и е одлично за сите оние кои сакаат да ги намалат или спречат брчките на кожата.

2. Третман за неверојатно убава коса

Маслото од јојоба како што напоменав претходно е одлично за косата со оглед на тоа што содржи Б1 и Б2 кои се многу важни витамини за здравјето на косата. Може да го користите како третман на благо навлажнета коса и да го држите најмалку саат време. По истекот на времето измијте ја косата со убав благ шампон.

Јас го направив овој третман со маслото на Institute Organica. Најнапред ја навлажнив косата и нанесов од ова масло како по должината, така и на коренот од косата со блага масажа. Ставив ќеса и пешкир одозгора загреав малку со фен (околу минута две) и го држев така околу два часа. Еве погледнете го сами резултатот врз косата



Сјајот е неверојатен, косата е мека и свиланкаста, полесно ќе ја расчешлате а се избегнува и електризирањето на косата.

3. Третман за поцврсти нокти

Доколку имате проблам со кршливи нокти, нанесувајте од ова масло на целиот нокт и кутикула навечер пред спиење со блага масажа. Маслото од јојоба има голема способност да ги зацврсне ноктите доколку редовно се употребува.

4. Отстранување на шминка


Маслото од јојоба е фантастично и како отстранувач на шминка. Може да направите еден прекрасен домашен двофазен отстранувач на шминка со следниве состојки:

- две супени лажици деминерализирана вода или ружина вода
- две кафени лажички масло од јојоба
- една кафена лажичка рицинусово масло

во едно празви шишенце најнапред ставете ја водата или ружината вода (не ви советувам да користите вода од чешма, најдобра е онаа дестилираната која се купува во аптека) и потоа додадете ги маслата. Убаво протресете и вашиот отстранувач на шминка е готов.


Со оглед на тоа што маслото и водата не се мешаат сетете се да го протресете секојпат кога ќе сакате да ја отстранувате шминката од очите и лицето.

5. Заштита на косата од сонцето

Сеуште е далеку летото, меѓутоа мора да напоменам дека маслото од јојоба има природен заштитен фактор 4, така да може слободно да го користите како заштита на косата за време на изложувањето на сончевите зраци. Ова не значи дека треба да го мачкате и на лицето како заштитен фактор затоа што 4 е доста слабо, меѓутоа може да го нанесете на лицето пред да ја нанесете кремата за заштита од сонцето за подобар ефект и помека кожа.

Се надевам дека во оваа статија успеав малку да ви ги разјаснам бенефициите на ова масло и да ви кажам на кој начин најдобро да ги искористите сите корисни својства.

Доколку некогаш сте го пробале ова масло и сакате да споделите ваше искуство слободно тоа сторете го под самиот текст.

Поздрав
Вики

Comments