Природна козметика од рацете на самохраните мајки




Здраво драги мои,


пред извесно време случајно открив една природна козметика под името ONE CAN која навистина ме заинтересира со оглед на тоа што е премногу едноставна како декларација (понекогаш наједноставните работи истовремено се и најфункцинални), ефикасна и згора на сѐ направена од срце. Она што премногу ми се допадна е самата идеа и иницијатива околу оваа козметика.

One Can или на македонски Една Може е здружение на еднородителски семејни заедници кои преку проектот за природна козметика покажуваат дека се професионални а истовремено полни со грижа кон семејството, околината и луѓето.

По пријатен разговор со Дороти Пачкова дознав дека поттик за оваа козметика се старите рецепти на баба и. Со желба да се навратиме кон некогашните вредности и природните едноставни средства кои одлично функционирале за нашите баби, оваа колекција содржи 3 фантастични производи: сапун за тело, балзам за уста и мелем, кои се неопходни во домот на секој од нас.

Имав можност да ги пробам сите три, така да би сакала да кажам збор два за овие производи и да го изнесам своето мислење.

Производот кој мене лично најмногу ми се допадна е мелемот кој има безброј употреби, Може да го користите за омекнување на грубата кожа на телото, како мелем за раце, како крем за лице (доколку имате премногу чувствителна и сува кожа) или како мелем за тело.


Јас најискрено го користев за нега на рацете, петиците и лактовите. Навистина одлично ја омекнува кожата и ја прави свиленкаста. Како состав е премногу убав и едноставен содржи пчелин восок и комбинација на повеќе масла.

Пчелиниот восок мислам дека на некој начин е заштитна состојка на оваа линија. Го има во сите производи и токму затоа оваа колекција е оригинална и посебна. Јас често го користам во домашните производи кои сама ги правам, така да обожавам сѐ што содржи пчелин восок (на природна база секако).

Втор производ кој ми остави голем впечаток е балзамот за уста. Направен е само од пчелин восок и маслиново масло.Толку едноставно со само две состојки, а сепак многу функционално и ефикасно. Убаво ја омекнува чувствителната кожа на усните и има пријатна структура.


Сапунот за тело јас всушност го користев како сапун за раце со оглед на тоа што за телото користам претежно кремасти гелови за миење. Сапунов е многу пријатен, направен е на природна база со сапунификација на маслиново масло во комбинација со пчелин восок. Кога говорев за сапуните кажав дека единствено масло кое може да стои како само масло во еден сапун е токму маслиновото. Мора да напоменам дека овој сапун има прекрасен мирис на мед.


За оние кои не сакаат цврст сапун постои и течна верзија со голем процент на маслиново масло.

Јас сум премногу среќна што ја открив оваа козметика и секоја чест за Дороти и останатите мајки кои посветуваат големо време и внимание на овој прекрасен проект, кој го прават со срце и душа. Овој социјален ангажман е чекор понапред кон солидарно општество и ја менува судбината на многу еднородителски семејни заедници.

Дали сте имале можност да пробате некој од овие производи?

Поздрав
Вики



Comments