4 нови нискобуџетни производи под 500 денари

Здраво драги мои,

нискобуџетните производи ни се допаѓаат на сите нас, или поточно кажано на нашиот новчаник, а доколку истите имаат и пристапна декларација радоста е поголема.

Овојпат за вас пронајдов уште 4 нови нискобуџетни производи од кои некои многу пријатно ме изненадија. Како декларација се сите добри, убаво избалансирани и интересни.

Знам дека сте нетрпеливи, така да веднаш ќе започнам со рецензијата.

1. Тоник за лице за чувствителна кожа на Balea


Откако ја купив и рецензирав пената за лице која секојдневно ја користам, случајно го забележав и овој тоник од истата линија кој за мене е најголемо откритие со оглед на тоа што тешко наоѓам тоник за лице кој ми се допаѓа како формула а згора на сѐ да биде и без алкохол.

Како декларација го помина тестот, има убава блага формула и, како што напоменав, е без алкохол. Содржи глицерин и екстракт од цвет од бадем. Има благ пријатен мирис.

Го користам веќе две недели секојдневно и презадоволна сум од ефектот. Благо ја освежува и тонизира кожата, не затега, не пецка и не ја суши кожата. Според мене е идеален не само за оние кои имаат сува кожа, туку и за оние со нормална, па и комбинирана кожа. Јас имам комбинирана кожа и можам да кажам дека одлично ја освежува кожата. Мене навистина ми одговара како производ.

Цената е 125 денари (јас го искористив попустот и го земав за 99 мкд) и истиот може да го купите во продавниците на ДМ маркет.

2. Тонер за лице од ружина вода на Bare Origin


Не знам по кој пат го купувам овој тонер за лице кој за мене веќе е must have. Имам пробано повеќе видови на ружина вода меѓутоа скоро сите биле вода со етерично масло од роза. Овој особено ми се допаѓа затоа што е чист хидролат од рози кој е многу повеќе ценет со оглед на тоа што содржи поголем број од компонентите присутни во самата роза.

Верувајте ми заљубена сум во овој хидролат од рози кој го користам секојдневно пред да го нанесам маслото за нега на лицето. Најнапред испрскувам од овој тонер и на благо навлажнета кожа го нанесувам маслото (наутро и навечер).

Цената на овој тонер е околу 400 мкд (помалата верзија). Јас секогаш ја земам поголемата затоа што кошта околу 690 а имаш двојно повеќе производ.

Производов може да го најдете во центарот за дизајн и иновации Јавна Соба во Скопје.

3. Деодоранс спреј на Alverde


Од оваа марка ги имам пробано скоро сите деодоранси и рол он. Овој беше последниот кој ми фалеше од колекцијата да го пробам.

Како и сите деодоранси на марката Alverde и овој е без алуминиум (инаку не би ви го ни рецензирала). Содржи алкохол (за разлика од оние рол он од истава марка), така да доколку имате многу чувствителна кожа должност ми е да напоменам.

Мене како производ многу ми се допаѓа, убаво е избалансиран и без разлика на тоа што има алкохол истиот не се приметува многу затоа што во формулата е присутен и триетил цитрат. Значи неутрализирачкото дејство не е оставен само на алкохолот, туку е потпомогнато и од состојката триетил цитрат која, доколку ја имате прочитано статијата за деодоранси, знаете дека е одлична природна замена на алуминиумовата сол. Триетил цитратот за разлика од алуминиумот не запушува, и дозволува на кожата да дише а сепак го неутрализира лошиот мирис.

Исто така, овој деодоранс содржи и глицерин кој има омекнувачко дејство. Како екстракти содржи екстракт од зелен чај и екстракт од агаве. Има навистина свеж мирис кој не можам да го дефинирам, меѓутоа мене лично ми се допаѓа. Не е тежок (барем според мое мислење) туку освежувачки.

Деодорансот го земав околу 147 денари во продавниците на ДМ маркет.

4. Масло за нега на сувата коса на Yves Rocher


Ова масло немав воопшто потреба да го земам со оглед на тоа што дома имам милион различни масла кои можам да ги мешам како што сакам за да направам третман за коса, меѓутоа еве сепак го пробувам за оние кои можеби дома немаат многу масла а сепак сакаат еден производ кој ќе содржи повеќе масла.

Базата на ова масло е сончогледово кое е застапено во најголема количина во кое се додадени други масла како: бамбусово масло, рицинусово масло, пaлмино масло и масло од јојоба. Има пријатен мирис и убава структура. Се нанесува како третман на благо навлажнета коса најмалку саат време и потоа се мие со убав шампон.

Цената беше некаде околу 399 денари и истото го има во продавниците на Yves Rocher.

Се надевам дека и оваа статија ќе ви биде од помош и корист. Доколку пробате (или веќе сте пробале) некој од овие производи, оставете ваш коментар под самиот текст.

Поздрав
Вики

Comments