Одговори на вашите најчесто поставувани прашања





Здраво драги мои,


еве ме повторно во една од оние статии каде ги собирам сите ваши прашања (кои приватно ми ги поставувате) и ги одговарам јавно за да помогнам на што повеќе читатели/ки.

Во оваа статија би сакала да ви презентирам одговори на доста интересни прашања од ваша страна. Вие секако продолжете да ме прашувате, мене секогаш ми претставува задоволство да ви одговарам.

1. Колку често треба да се прави пилинг на лицето?


Многу често ми го поставуваат ова прашање и сметам дека е од огромна важност да го напишам и овде. Убаво е од време на време да правиме пилинг на лицето со цел да ги отстраниме мртвите клетки од површината и да го активираме истиот механизам на обнова на клетките којшто телото го користи нормално како своја заштита. Меѓутоа како и за сѐ во животот доколку претераме и со ексфолијацијата на кожата ќе добиеме спротивен ефект, односно ќе го ослабнеме заштитниот слој на кожата.

Не е вистина дека за еден пилинг подобро да функционира треба да се прави 3, 4 или 5 пати неделно, туку да се изведе правилно и со внимателно одбрани состојки.

Доколку имате комбинирана до масна кожа, ви препорачувам да правите ексфолијација на лицето еднаш неделно, после кое ќе нанесете убава маска и на крај крем за лице.

Доколку вашата кожа е нормална ексфолијацијата пожелно е да се прави на секои 10 дена, а за сува или чувствителна кожа доволно е еднаш во три недели. 
 
2. Дали може летно време да употребувам производи со витамин Ц?


Ова е исто така доста често прашање кое го добивам и кое сакам вака јавно да го разјаснам со оглед на тоа што деновите се сѐ поубави и сончеви, а важно е уште од сега да почнеме правилно да ја негуваме и заштитуваме кожата.

Најнапред да кажам дека витаминот Ц не е состојка која е фотонестабилна, баш напротив на некој начин ја штити кожата. Меѓутоа ова не значи дека треба да ставиме само производ со витамин Ц и неммеа потреба од сончев филтер. Секогаш нанесувајте крема за заштита од сонцето.

Многу е важно во која форма е употребен витаминот Ц. Доколку е употребен во форма на етерично масло од лимон, портокал, грепфрут или петитгран, во тој случај да, е фотонестабилен, затоа што овие етерични масла се фотонестабилни.

Доколку вашите креми содржат некоја од овие состојки може слободно да ги користите навечер како ноќен третман. Од едно истражување дознав дека важна е и количината на овие етерични масла во производот. Доколку сами сте ја направиле кремата и сте ставиле само една капка етерично масло од лимон во 50 мл. крем ништо страшно. Меѓутоа доколку ставите 10, работата се менува.

Во една од следните статии ќе ви направам листа на сите состојки кои се фотонестабилни и кои реагираат во контакт со сончевите зраци.

Како и да е сетете се на златното правило секогаш да ја заштитувате вашата кожа и почнете уште од сега, без разлика на тоа што сонцето е слабо.

3. Дали ако ставам витамин Е во кремите ќе ми траат подолго?


Многумина сметаат дека доколку стават витамин Е кремот ќе им трае подолго. И да и не, зависи од структурата на кремот и состојките кои се користени. Доколку станува збор за производ кој е комплетно на маслена база (шеа путер, масла, какао путер и.т.н) каде нема присуство на водени состојки во тој случај витаминот Е ќе помогне во оддржувањето на производот меѓутоа не како конзерванс, туку како антиоксиданс, кој помага маслата и путерите да траат подолго, односно да не ужегнуваат.

Доколку станува збор за крем на водена база, витаминот Е во никој случај не може да направи кремот да трае подолго, за оваа цел постојат конзерванси.

Значи како заклучок, витаминот Е е антиоксиданс а не конзерванс и ја заштитува структурата на маслата. Исто така е одличен за нашата кожа и обично го додаваат во сите производи (на водена или масна база) како состојка која го збогатува самиот производ.

4. Доколку направам домашен производ како скраб, крем или путер колку време трае?


Ова е индивидуално во зависност од производот кој сакате да го направите. Доколку станува збор за скраб само со шеќер и масло секако дека ќе трае подолго. Колд кремите обично траат до три месеци (повеќе ако се чуваат во фрижидер), масните креми (без вода само масла, путери и пчелин восок) и до 6 месеци или година дена.

Значи индивидуално е за секој рецепт. Јас обично кога ви давам рецепти секогаш ви кажувам како да ги чувате и колку може најмногу да ви траат. Секако важен е и начинот на кој ги земате кој треба да биде хигиенски (да не се земаат со мокри или нечисти раце).

Тоа е сѐ за оваа статија. Вие продолжете да прашувате.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Сaкaм дa прaшaм дaли вo oбичнa кремa мoже дa се стaви oд oбичните витaмински тaблети б кoмплекс

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга/драг, би ми било мило доколку следен пат се претставиш, затоа што ми се допаѓа да зборувам со луѓето обракајќи им се по име, секој од вас е значаен. Да ти одговорам на прашањето. На готови креми возможно е да се додадат екстракти или активни состојки како на пример Q10, пантенол, хијалуронска киселина, витамин Е или токоферол и.т.н. во чиста козметичка форма. Меѓутоа за да се направи ова мора најнапред убаво да се познава самата состојка, односно во кој процент истата може да се стави ви еден производ, и исто така формулата на кремот (производот), односно состојките во него. Честопати многу состојки не се компатибилни меѓусебно и додавајќи ги може да се креира хаос во еден крем. Не е толку едноставно како што изгледа. Потоа потребно е да се познава природата на една состојка дали е маслена или водена и во каков состав може да се додаде. Исто така не може на своја рака да се додаваат состојки во веќе готови креми по сопствена воља затоа што може да доведе до одвојување на фазите во еден крем(емулгаторите се ставени за тие одредени состојки и дози, а не за да се додаваат многу други). Во Италија постојат специјални китови со обчен крем и активни состојки кои сами може да ги додадете, меѓутоа тие се направени специјално и компатибилни се со структурата на кремот и намената секако. Како што може да забележиш многу е покомплексно отколку што изгледа. Поздрав.

      Delete

Post a Comment