Пробав за вас: крема за отстранување на тврдата кожа на Vivo Oleo


Здраво драги мои,

еве ме повторно во рубриката пробав за вас каде секогаш ви претставувам квалитетни и ефикасни органски или природни производи кои ги испробувам и рецензирам во детали.
Денес ќе ви ја презентирам органската колекција Vivo Oleo која може да ја најдете во аптеките на Еурофарм и која навистина ми го привлече вниманието затоа што се разликува од останатите органски колекции на пазарот. Оваа колекција содржи 8 производи од кои секој е наменет за одредена проблематика или состојба на кожата (псоријаза, изгореници, тврда кожа и.т.н.), така да освен тоа што е органска може да кажеме дека оваа козметика има и медицински ефект. Во денешнава статија ќе ви ја претставам кремата за отстранување на тврдата кожа и заедно ќе разгледаме зошто е толку делотворна.

Една од најубавите работи за нас девојките се секако штиклите кои прекрасно изгледаат и не прават повисоки, меѓутоа со честото носење и стоење на нив петиците и не се баш најсреќни. Се формира груба и сува кожа која доста често испукува и знае да биде и болна. Оваа проблематика ја имаат и мажите без разлика на тоа што не носат високи потпетици, а секако голем број на луѓе страда и од тврда и груба кожа на колениците и лактовите. Ете, токму тука на помош доаѓа кремата за отстранување на тврдата кожа на Vivo Oleo која, верувајте ми, има фантастично дејство, одличен ефект и е must have за убава и мека кожа.
Како за сите производи, ајде најнапред да погленеме заедно како е формулирана оваа крема и зошто е толку ефикасна во подобрувањето на оваа проблематика.


INCI: Aqua, Zea Mays Germ Oil, Prunus Amygdalus Dulcis Oil, Butyrospermum Parkii Butter, Helianthus Annuus Seed Oil, Cetearyl Glucoside, Cetearyl Alcohol, Tocopherol, Rosa Canina Fruit Oil, Gluconolactone, Sodium Benzoate, Mangifera Indica Seed Oil, Lavandula Angustifolia Oil, Aniba Rosaeodora Wood Oil, Cymbopogon Flexuosus Oil, Citrus Aurantifolia Peel Oil Distilled,Citrus Aurantium Dulcis Peel Oil, Hydrolized Wheat Protein, Aloe Barbadensis Leaf Juice, Glycerin, Cymbopogon Winterianus Herb Oil, Eucalyptus Globulus Leaf Oil, Borago Officinalis Seed Oil, Hippophae Rhamnoides Fruit Extract, Equisetum Arvense Extract, Maleleuca Alternifolia Oil, Propolis Extract, Alcohol, Xanthan Gum, Aesculus Hippocastanum Seed Extract, Potassium Sorbate, Citral, Citronellol, Geraniol, Limonene, Linalool.

Кога за прв пат ја видов декларацијата на оваа крема ми се чинеше како козметичка поезија. Верувајте ми никогаш досега немам видено толку многу убави масла сите заедно во една крема и тоа фантастично избалансирани во самата формула. Најискрено дел од нив ретко се наоѓаат општо во кремите, затоа што се доста скапи, ценети и квалитетни.


Како база на кремата (првите неколку состојки) употребени се пченкарно, бадемово и сончогледово масло, кои во комбинација со шеа путерот имаат огромно омекнувачко и хранливо дејство врз кожата и, верувајте ми, вака сите заедно во комбинација успеваат да ја омекнат и најтврдата кожа на петиците и со редовна употреба да ја задржат еластичноста на кожата (ова лично ви го тврдам).

Зачудувачки е фактот што витаминот Е е присутен во доста голем процент во самата крема (во декларацијата ќе го најдете под името Tocopherol на осмата позиција).

Етеричното масло од лаванда кој е природен антисептик и антибиотик и има за цел да ја смири кожата и да ги заздрави можните пукнатини, во оваа своја функција е потпомогнато од етеричното масло од чајно дрво, сокот од алое вера и екстрактот од прополис. Етеричното масло од роза помага во регенерацијата и ревитализацијата на кожата.

Како што напоменав оваа крема содржи и состојки кои ретко ги гледам употребени во другите креми (ако сум ги видела тоа било најчесто во многу скапи креми за лице) како на пример масло од манго, кое има огромна хранлива моќ и дава фантастични резултати кај сувата кожа, и масло од пореч кое ја враќа еластичноста на самата кожа. 

Откако ја разгледавме декларацијата и сфативме кои сѐ состојки се употребени во оваа крема, ајде да ја разгледаме текстурата, густината и мирисот. 


Оваа крема има идеална текстура, не е многу ретка и не е многу густа. Кожата веднаш ја впива и не остава масна трага. Откако ќе ја нанесете на местото каде имате тврда кожа, прво нешто што ќе забележите е видно омекнување на тој дел од кожата, а ќе почувствувате и еден вид на олеснување, односно свежина (такво беше барем моето чувство). Еве јас ја користам веќе две недели, двапати дневно, и можам да кажам дека првичните резултатите се видливи веќе по недела дена редовна употреба. Секако ова зависи и од степенот на тврдост и типот на кожата и е индивидуално за секој посебно. Јас откако ќе ја нанесев на петиците, ги премачкував и рацете навечер и да знаете како прекрасно ја омекнува кожата и на рацете, без оглед на тоа што тука мојата кожа не е тврда. Значи оваа крема не само што ја отстранува тврдата кожа, туку го спречува нејзиното формирање, така да може слободно да ја користите како превенција за било кој дел од телото, односно онаму каде ќе почувствувате потреба.


Препорачливо е да се нанесе два пати дневно наутро и навечер на чиста кожа. На самиот произод пишува дека за подобри резултати пожелно е да се направи физичко отстранување на грубата кожа. Мирисот на оваа крема е многу посебен и силен, се чувствува мирисот на природата, на билките и етеричните масла употребени во самата крема.

Нешто друго што многу ми се допаѓа кај овој производ е самото пакување. Доколку редовно ме читате веќе знаете дека обожавам производи кои имаат високо хигиенски пакувања со пумпица, која оневозможува навлегување на бактерии во кремата. Оваа крема се зема со помош на истискување од кутивчето преку пумпица со што освен од хигиенските причини кои веќе ги напоменав, овој начин на истискување овозможува да не се претера со количината, односно да се истиска само онаа количина која ни е потребна за употреба. Како што веќе знаеме, органската козметика е доста поконцентрирана од традиционалната, така да доволна е мала количина за оваа крема да го покрие и омекне оној дел од телото каде имате тврда кожа.



Доколку сте во потрага по една убава и ефикасна крема со која успешно ќе може да ја излечите тврдата кожа и да ја спречите нејзината појава на било кој дел од телото, еве ви идеален производ кој топло ви препорачувам да го купите.

Како што веќе напоменав, оваа крема може да ја најдете во аптеките на Еурофарм, а цената е 820 денари за 50 мл. производ.

Се надевам дека ви се допадна и оваа статија, а вие како и секогаш доколку имате искуство со оваа козметичка линија или доколку имате некое прашање, слободно оставете ваш коментар под самиот текст.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Comments