Совети и третмани за нега на косата во ладните месеци


Со пристигнувањето на есента и зимата, нашата коса има потреба од посебна нега прилагодена на студените денови кои надоаѓаат. Честопати мислиме дека нашата коса е “во опасност“ само за време на летото под дејство на високите температури и сонцето, меѓутоа таа исто така страда и од студот, ветерот и дождот. Во продолжение на оваа статија ќе ви дадам неколку корисни совети како да ја заштитите косата од ладните температури, а секако и ќе ви предложам и три многу корисни маски благодарение на кои вашата коса ќе биде исклучително мека, мазна и сјајна.

Совет бр. 1

Доколку се сеќавате кога говорев за заштита на косата од сонцето во лето, ви препорачав да носите шешир како заштита од сончевите зраци. Слично и од студот. Во ладните денови препорачливо е да ја заштитиме косата носејќи убава капа и шал. Најдобро е капата да не биде од синтетички материјал за да и дозволите на косата да дише. Секојпат кога ќе влезете во затворена просторија сетете се да ја извадите капата и со помош на прстите протресете ја косата на коренот за да ја раздвижите.

Совет бр. 2

Нема ништо поубаво кога после студен ден ќе се истушираме со топла вода и на тој начин го стоплуваме целото тело. Да, меѓутоа косата нема да биде баш и многу среќна. Многу топлата или жешка вода може многу да ја ослабне косата. Затоа мијте ја косата со млака вода користејќи убав природен и квалитетен шампон кој интензивно храни и негува, после кој обавезно ќе нанесете регенератор кој додатно ќе ја нахрани и заштити косата.


Совет бр. 3

Третманите со масла се must have во ладните есенски и зимски денови, кои имаат за цел да ја нахранат и навлажнат косата, да го задржат нејзиниот сјај и убавина. Одберете убави масла како кокосово, рицинусово, маслиново или арганово и редовно правете третмани или маски пред шампонирање на косата. Сетете се маслата секогаш да ги нанесувате на благо навлажнета коса и да ги оставите да делуваат најмалку саат време.

Совет бр. 4

Негата на косата освен надвор продолжува и во нашите домови. Кога времето е студено, особено во текот на зимскиот период, нашите простории честопати се претопли и воздухот е сув. Ваквата состојба лошо влијае врз косата затоа што и ја одзема природната хидратација на влакното. Затоа пожелно е да ја оддржувате потребната влажност во просториите дома, со помош на порцелански садови во кои се става вода и се држат закачени на парното или близу до него. На тој начин водата која испарува ја дава потребната влажност на просторијата.

Совет бр. 5

Во ладните месеци убаво сушете ја косата со помош на фен на средна температура. Никако не излегувајте со влажна или благо навлажнета коса, затоа што не само што ќе биде на поголем удар од атмосферските влијанија, туку може да си навлечете и сериозна настинка.


Толку беа советите, а сега да преминеме на третманите благодарение на кои ќе ја заштитите вашата коса и ќе ја задржите нејзината убавина.

1. Маска за зацврснување на косата

Оваа маска е одлична како превентива во есенските денови, особено во периодот кога губиме повеќе коса како последица на промена на времето. Еве што сѐ ви е потребно за да ја направите:

- 2 супени лажици алое вера гел
- 1 кафена лажичка рицинусово масло
- 1 кафена лажичка арганово масло (како замена може маслиново, бадемово, оризово или јојоба)
- 1 кафена лажичка мед
- 3 капки етерично масло од рузмарин
- 3 капки етерично масло од лимон

Помешајте ги сите состојки и нанесете ги на косата. Со прстите направете убава блага масажа на темето. Ставете пластична ќеса и врз неа пешкир. Загрејте две мин. со фен и оставете ја маската да делува најмалку саат време. Косата измијте ја со убав благ шампон.

Оваа маска навистина прави чуда за косата. Алое вера гелот длабоко ја хидрира косата, етеричните масла го стимулираат растот, а маслата и медот ја хранат и ја прават сјајна.


2. Третман за перфектно мазна коса

Овој третман е корисен доколку сакате навистина мазна коса која воедно ќе има и огромен сјај. Се што ви е потребно за овој третман е кокосово млеко, кое може да го најдете во продавниците за здрава храна. Ви препорачувам да го земете од таму затоа што е органско и затоа што нема конзерванси како кокосовите млека кои може да ги најдете во супермаркетите. Значи не станува збор за масло, туку млеко (најчесто во конзерви се продава).
Откако ќе ја измиете косата, исцедете го вишокот на вода и нанесете го кокосовото млеко на цела коса. Оставете да делува околу 15 до 20 мин и измијте само со млака вода. Кога ќе ја сушите косата ќе забележите дека е помазна и посјајна. Кокосовото млеко кое ќе ви остане, ставете го во калап за лед и замрзнете го. Секогаш кога ќе посакате да го направите третманов извадете една или повеќе коцки (во зависност од должината на косата) стопете ги и нанесете ги на косата.

3. Маска за коса со јогурт, рицинусово масло и мед

Во еден сад (во зависност од должината на косата) помешајте мед, јогурт и рицинусово масло. Нанесете ја смесата на благо навлажнета коса, направете кратка масажа и одозгора ставете ќеса. Врз не ставете пешкир, загрејте кратко со фен и оставете ја да делува најмалку саат време. измијте ја косата со благ и хранлив шампон.

За подобри резултати правете третмани редовно, на секои 10 до 15 дена.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист.
Голем поздрав и до скоро читање.

Вики

Comments