За што сѐ може да ја употребуваме зелената глина


Зелената глина претставува едно од најдобрите природни средства не само за нега на кожата и косата, туку и за оддржување на целокупната добросостојба на организмот. Благодарение на присуството на голем број на минерали во својот состав, таа има огромно регенерирачко дејство. Секој дел од нашето тело е во состојба да извлече многубројни бенефиции од употребата на зелената глина: го прочистува организмот, ги исфрла токсините, ја подобрува работата на цревата, одлична е во случај на анемија, ја намалува болката во мускулите, го забавува стареењето на кожата....
Ова се само дел од својствата која зелената глина ги има врз нашиот организам и тело, а во продолжение ќе ви кажам на кои сѐ начини може да ја употребувате и што се може да направите со неа.

Маска за лице:


Зелената глина е одлична како маска за подобрување на состојбата на масната кожа и во третманите на акни. Рецептот е следниов: се мешаат една лажичка зелена глина, една лажичка мед, малку зелен чај и, доколку имате, една капка етерично масло од чајно дрво. Се нанесува на убаво исчистено лице, се држи 10 мин. и се измива со млака вода.

Антицелулитен третман



Зелената глина е одлична и во ублажувањето на целулитот. Во комбинација со какаото дава одлични резултати кај оваа неестетска појава, а одлични ефекти дава и во намалувањето на стриите.

Во едно пластично кутивче или тегличка, помешајте 4 лажици зелена глина, 4 лажици какао и 2 до 3 лажици сол. Додадете 12 капки етерично масло во самата смеса по ваш избор (лаванда, рузмарин, лимон, портокал). Убаво промешајте и ова е базата за вашиот антицелулитен третман. Секогаш кога ќе посакате да го направите, земете неколку лажици од смесава (во зависност од тоа кој дел сакате да го третирате) и помешајте го со малку деминерализирана вода или зелен чај, се додека да добиете убава смеса. Еве како јас обично ја правам оваа маска http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/blog-post_7.html

Маска за болки во мускулите или реуматски болки


Зелената глина одлично ги ублажува болките во мускулите и реуматските болки и многу често се користи во професионалните центри за терапија низ целиот свет. Маската која помага се состои од следниве состојки: зелена глина, маслиново масло и топла деминерализирана вода или зелен чај. Помешајте ги овие три состојки (густината на смесата одредете ја сами додавајќи една или повеќе од состојките) и нанесете ја на болното место од 30 до 40 мин. Важно е маската да биде топла, меѓутоа не премногу, за да не се изгорете. Третманите правете ги месец дена секој втор ден.

Облоги за воспалени очи

Во еден чаша со вода ставете една лажица зелена глина и оставете да стои 15 мин. Префрлете ја во еден сад и додадете малку чај од камилица. Во таа смеса потопете две стерилни гази и ставете ги врз очите во случај на воспаление.

 Облоги за главоболка

Зелената глина е одлично средство за ублажување на главоболката. Се што треба да направите е следново: во една чаша млака вода растворете две лажици зелена глина и додадете од 5 до 10 капки етерично масло од лаванда. Потопете една газа во оваа течност и ставете ја врз главата околу 5 до 10 мин. Овој вид на облоги навистина се доста ефикасни и помагаат во ублажувањето на главоболката.

Маска за масна коса


Доколку имате проблем со масна коса, направете ја следнава маска: помешајте 2 лажици зелена глина со чај од коприва и (доколку имате) малку алое вера гел или пак мед. Нанесете ја на мокра коса на коренот, масирајте две минути и оставете да делува 30 мин. Потоа измијте ја убаво косата со квалитетен шампон и нанесете добар регенератор по должината и врвовите на косата (избегнувајќи го коренот секако).

Нега на нокти

Зелената глина е одлична и за омекнување на заноктиците. Во едно мало легенче или сад со топла вода ставете 2 лажици зелена глина. Потопете ги рацете околу 5/10 мин. и продолжете со маникирот како што обично правите.

Прочистување на организмот

За оваа намена (за внатрешна употреба) постои посебен вид на зелена глина која е прочистена и сигурна за конзумирање по внатрешен пат. Се прави на тој начин што во една чаша млака вода се става една кафена лажичка глина, се остава да отстои околу 10 мин. и се пие наутро на гладно срце. секако за внатрешна употреба консултирајте се најнапред со вашите матични лекари, кои во зависност од вашата здравствена состојба и потребите на вашето тело ќе ви го одредат вистинскиот третман и времетраење.


ВАЖНО: веќе имам напоменато, но не е на одмет да повторам дека зелената глина треба секогаш да се зема со пластична или дрвена лажица (никако метална). Зелената глина реагира во допир со метал и доаѓа до алтерација на составот. Исто така и садовите кои се користат за да се приготват третманите не треба да бидат метални.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист, а доколку е така и доколку ви се допадна оставете ваш коментар под текстот.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Здраво Вики, супер ти е блогов, не можам да се доначитам :) Одамна се подготвувам да се префрлам на природна и органска козметика од очигледни причини - 90% (ако не и повеќе) од козметиката денес содржи токсични материи што нема потреба да ги внесуваме додатно, бидејќи и воздухот, и храната, па понекогаш и водата за пиење се загадени со состојки што не можеме ни да ги изговориме... Одамна се мислам дали да земам зелена глина бидејќи јас имам чисто лице (понекогаш малку мрсно на Т зоната), но твојов пост ме убеди :) Секако, природната козметика, маслата итн. чинат малку повеќе од обичната, но се работи за здравје пред се и тука не треба да се штеди. Продолжи така со блогот, имаш уште една верна читателка плус :) Топли поздрави, Фросина

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Фросина, колку ти благодарам на убавите зборови. Така е, воздухот што го дишеме е загаден и за жал не можеме да контолираме што ќе вдишеме меѓутоа ние одличуваме што ќе намачкаме на лицето во секој случај. Те поддржувам за сѐ останато, така е. Уште еднаш ти благодарам за убавите зборови и за верната читателка плус, ваквите читателки како тебе се мотив плус да работам сѐ повеќе и повеќе со полна пареа! Топли поздрави и до тебе.

      Delete
  2. Вики, каде ја набавуваш глината? Пред извесно време видов во ДМ, имаат глина, која во составот имаше алуминиум. Дали е ова во ред кога е во прашање глината, или не треба да го има?
    Фала и поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Наташа, прости ми што одговарам малку подоцна, ама недела дена бев во Италија и само што се вратив. Да ти одговорам на прашањето, јас зелената глина ја земем или од аптека (ако ја земем од МК) или ја носам од Италија кога одам од време на време. Е сега што се однесува до алуминиумот присутен во зелената глина и оној во козметичките производи како на пример деодорансите има голема разлика. Алуминиумот во зелената глина го има 14% и не е чист (во чиста состојба) туку е помешан со останатите минерали природно присутни во самата хемиска структура на зелената глина кои сите заедно и ги даваат лековитите својства на глината врз организмот. Во козметичките производи алуминиумот се користи чист (се додава во чста состојба на производот) и не се врзува за ниеден од останатите елементи во самиот производ со што се таложи во телото и органите.
      Во Италија продаваат три вида на глина: зелена, бела и црвена. Белата е најнежна за кожата но има највисок процент на алуминиум (кој повторувам не е ист како оној во деодоранските) 38%, зелената како што веќе кажав 14%, а црвената има најмал процент некаде околу 5% и е богата со железо па оттаму е и црвената боја.
      Се надевам ти одговорив на прашањето.
      Поздрав.

      Delete

Post a Comment