3 природни начини за ублажување на кашлицата

Здраво на сите,

сезоната на кашлица и настинки веќе започна како резултат на наглите промени на температурата, но и како резултат на намалениот имунитет кај некои луѓе.
Целта на оваа статија е со вас да споделам неколку добри природни рецепти, кои може да бидат од помош при ублажувањето на кашлицата и болното грло уште на самиот почеток. Секако ова се само совети за природен пристап кон кашлицата, за поголеми проблеми и посериозни настинки консултирајте се со вашите матични лекари.

1. Кокосово масло


Лани за време на најголемиот студ одненадеж почнав да кашлам (се прашувам зошто...:). Јас сум од оние луѓе кои прво ги пробуваат сите можни природни методи пред да преминат на нешто посериозно, надевајќи се дека еден од овие природни лекови ќе функционира. И така беше. Четири дена по ред пиев две шољи топол чај со по една мала лажичка кокосово масло и за среќа кашлицата помина. Кокосовото масло е природен ублажувач на кашлицата и многу помага при било каков проблем на грлото. Затоа доколку годинава почнете да кашлате, веднаш започнете да конзумирате чај со кокосово масло. Ништо не може да изгубите, а може и да ја спречите кашлицата уште при нејзината појава.

2. Чај за ублажување на кашлицата


Еве ви рецепт за еден чај кој исто така го имам испробано пред 3 години и навистина се покажа доста ефикасен. За неговата подготовка потребни ви се:

- 500 мл. вода;
- 80 гр. свеж корен од ѓумбир;
- 8 листови ловоров лист;
- 2 лажици мед.

Во едно тенџере во водата ставете го исецканиот корен од ѓумбир и ловоровиот лист и оставете да се вари околу 15 мин. на ниска температура покриено со капак. По истекот на времето прецедете го чајот, додадете ги двете лажици мед и конзумирајте го како природно средство за ублажување на кашлицата. Чајот треба да биде прилично топол (секако не жежок).
Состојките кои ги употребивме во овој чај одлично го прочистуваат грлотo.

3. Бомбони за ублажување на кашлицата


Ова се моите омилени бомбони за ублажување на кашлица и како помош при болно грло. Многу се лесни за правење, а навистина доста ефикасни и вкусни. Еве што сѐ ви е потребно за да ги реализирате.

- 6 лажици кафеав шеќер;
- 4 лажици вода
- 2 лажици свежо цеден лимонов сок;
- 2 лажици мед;
- 15 капки прополис

Во едно тенџерче ставете ги шеќерот, водата и сокот од лимон и ставете ги на рингла на ниска температура. Кога ќе почне да врие додадете го и медот и на ниска температура варете со постојано мешање се додека смесата не добие жолтеникаво бакарна боја, односно додека шеќерот не се карамелизира. Откако ќе ја тргнете смесата од рингла, додадете 15 до 20 капки прополис и потоа ставете ја во калапчињата за лед. Доколку сакате да направите бомбони кои ќе може да ги конзумираат и децата ставете прополис за деца.

Бомбоните потоа ставете ги во замрзнувач околу 15 мин. По истекот на времето извадете ги бомбоните за грло од замрзнувач и доколку сакате, исечете мали парченца од хартија или целофан за да ги завиткате.

Се надевам дека овие три интересни методи за ублажување на кашлицата и болката во грлото ви се допаднаа и дека ќе се обидете да ги направите.

Јас ве поздравувам и ви посакувам добро здравје или побрзо оздравување.

Вики

Comments