Домашен СПА третман за неверојатно убава кожа


Здраво драги мои,

во оваа статија сакам да ви дадам идеа за еден фантастичен домашен спа третман кој буквално ќе ја препороди вашата кожа на лицето. Веднаш по третманот кожата ќе ви биде исклучително мека и нахранета со прекрасен тен и здрава боја. Ќе ви дадам варијанти за нормална до сува и комбинирана до масна кожа, со цел да ги задоволам сите читателки на мојот блог и да не изоставам некого. Ајде да не должам многу, запалете по некоја свеќа, пуштете си релаксирачка музика, исклучете го мобилниот и да започнеме со третманот.

1. Скраб за лице на пареа

Пред две години во еден спа центар во Рим имав неверојатен третман кој е уникатен, многу функционален, а неверојатно лесен за правење. Третманот се состоеше во тоа што ти даваат смеса од кафеав шеќер и мед која ја мачкаш на лицето и телото. Влегуваш така намачкана во турска бања и сама правиш пилинг на телото под дејство на топлината и пареата. Добро, во домашни услови немаме сауни или турски бањи (блазе си им на оние кои имаат), меѓутоа сите имаме кујни со тенеџериња и шпорети :), така да ќе направиме домашна верзија само за лицето.

Во едно тенџере загрејте вода како што обично правите кога треба да го парите лицето. Тенџерето ставете го на масата каде ќе го правите третманот (секако врз една крпа или даска да не ја уништите масата) и ставете врз него пешкир. Во меѓувреме помешајте две мали лажички шеќер со мед додека да добиете убава густа смеса и нанесете ја на лицето. Внимателно изложете го лицето врз тенџерето со вода (не многу блиску за да не се изгорете, ве молам внимавајте пареата да не биде многу жешка) и ставете го пешкирот врз главата. Под дејство на пареата медот и шеќерот ќе почнат да се топат и порите на лицето да се отвораат. Вие со многу благи и нежни кружни движења направете пилинг. Постапката треба да трае околу 5 мин. на следниов начин: направете малку пилинг, па оставете го така лицето некоја минута, потоа пак пилинг па пак почекајте. Немојте постојано да правите пилинг во текот на тие 5 мин. за да не претерате. По истекот на времето измијте го лицето со малака вода. Кожата ќе ви биде толку неверојатно мека и нежна што ќе бидете воодушевени. Значи повторувам движењата нека бидат благи (не притискајте) и не се доближувајте многу блиску до пареата. Скработ е ист за сите типови на кожа.

2. Маска за лице од чоколадо


По прекрасниот скраб, кожата на лицето е подготвена за една прекрасна антиоксидантна маска која има голем анти ејџ ефект и буквално ќе ја препороди вашата кожа.

Варијанта за нормална до сува кожа

- 1 кафена лажичка мед;
- 1 кафена лажичка павлака;
- 2 коцки чоколадо (претходно стопено на пареа) или 1 кафена лажичка какао


Помешајте ги сите состојки и нанесете ги на лицето. Оставете ја маската да делува 10 мин. и измијте со млака вода.
Медот одлично ја омекнува кожата, павлаката ја храни и хидрира, а какаото има огромно антиоксидантно дејство и помага во спречувањето на слободните радикали, а со тоа има и анти ејџ ефект врз кожата.

Варијанта за комбинирана до масна кожа

- 1 кафена лажичка зелена глина;
- 1 кафена лажичка мед;
- 1 кафена лажичка цеден сок од портокал;
- 2 коцки чоколадо(претходно стопено на пареа) или 1 кафена лажичка какао

Помешајте ги сите состојки и нанесете ги на кожата (сетете се глината да ја земате со пластична или дрвена лажичка). По потреба додадете некоја од состојките додека да добиете густа смеса која лесно се нанесува на лицето. Оставете да делува околу 10 мин. и измијте со многу млака вода.
Зелената глина  ја прочистува масната кожа и помага во отстранување на митесерите на лицето. Сокот од портокал е богат со Ц витамин кој го изедначува тенот и дава убава здрава боја на кожата, медот омекнува, а какаото има огромно антиоксидантно дејство и помага во спречувањето на слободните радикали, а со тоа има и анти ејџ ефект врз кожата.

Совет плус: маската пригответе ја пред да го правите пилингот, за веднаш потоа да не губите време да ја правите туку веднаш по парната бања да ја нанесете директно на кожата кога порите се сеуште отворени.


По овој третман на кожата на лицето нанесете некое хранливо масло според типот на вашата кожа, или пак вашата омилена крема. Ово третман доволно е да го правите еднаш месечно или евентуално на 15 дена.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе бидете воодушевени од резултатите. Доколку е тоа така, споделете ги вашите импресии и мислења.
Ние се читаме наскоро, а дотогаш ве гушкам силно и ви праќам огромен баќнеж.

Вики

Comments