Направи сам: природен чистач за лице


Здраво драги мои,

денес за вас имам еден навистина необичен туториал, односно како да го направите сами дома познатиот чистач за лице на Lush Angels on bare skin. За оние кои никогаш не го користеле, ова е еден вид на чистач без сапун кој убаво ја отстранува маснотијата и нечистотиите од лицето, на природна база е и прави нежен пилинг на самата кожа. Навистина е лесен да се направи во домашни услови (а и доста заштедувате), така да вреди да се обидеме. Еве ја декларацијата на оригиналниот производ на Lush:

Мелени бадеми, каолин (бела глина), глицерин, етерично масло од роза, етерично масло од лаванда, цветови од лаванда.

Ние во домашни услови малку ќе го промениме рецептот (со оглед на тоа што некои од состојките како на пример каолинот, етеричното масло од роза или растителниот глицерин не може да се најдат лесно кај нас, а и сакам да ви понудам производ кој сите ќе може да го направите дома), а ќе направам две варијанти една за оние кои имаат сува и чувствителна кожа и една за оние кои имаат масна кожа. Ајде да започнеме.

1. Чистач за лице за комбинирана до масна кожа

- една полна супена лажица зелена глина
- една ипол супена лажица мелени бадеми
- една супена лажица алое вера гел
- 6 капки етерично масло од лаванда
- малку суви цветови од лаванда (моите беа мелени затоа не се познаваат)
- малку вода од рози, термална вода или тоник за лице

Во еден сад  најнапред помешајте ги мелените бадеми, зелената глина и сувите светови од лаванда (сетете се да мешате со пластична или дрвена лажица поради зелената глина) и потоа додајте го алое вера гелот. Во смесата додадете малку ружина вода, термална вода или тоник за лице (навистина малку прснете еднаш па ако е потребно уште еднаш затоа што треба да добиете густа смеса). Додадете го етеричното масло и убаво промешајте.


Зошто ги одбрав овие состојки: алое вера гелот го одбрав како алтернатива на глицеринот затоа штое многу понежен за кожата, омекнува и спречува иритации, а и полесно може да се најде од глицеринот (јас барав растителен глицерин во Скопје и не најдов никаде, во ниедна аптека). Зелената глина е како замена за белата со оглед на тоа што во Македонија не успеав никаде да ја најдам, а етеричното масло од рози ретко се наоѓа кај нас и има екстремно висока цена.

2. Чистач за лице за сува и чувствителна кожа

- една полна супена лажица нишесте или брашно од ориз
- една ипол супена лажица. мелени бадеми
- една супена лажица алое вера гел
- 6 капки етерично масло од лаванда
- суви цветови од лаванда
- маслку вода од рози, термална вода или тоник за лице

Постапката е иста како за чистачот бр. 1.

Овде зелената глина ја заменивме со нишесте или доколку имате брашно од ориз уште поубаво, затоа што е поблаго за кожата.

Како да го употребуваме?

Откако ќе го направите ставете го во една тегличка или кутивче. Наутро или навечер кога ќе го миете лицето, наместо класичното средство за миење, земете мал дел од оваа смеса на раката. Додајте малку вода за да направите еден вид на кремаста смеса и нанесете ја со благи кружни движења на навлажнето лице. Убаво измијте со млака вода.



Колку трае и како да го чуваме?

Овој производ со оглед на тоа што е природен и без конзерванси, најдобро е да го чувате во фрижидер и ќе ви трае околу 10 дена (најмногу до две недели). Тоа на Lush е исто така без конзерванси, но трае подолго затоа што има глицерин кој ја впива водата и го прави производот потраен, а ние ставивме алое вера гел кој е водест и може да доведе до расипување. Затоа и дозите кои ви ги предложив се мали и доволни за овој временски период.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна.

Голем поздрав
Вики

Comments