Калинка: природна вакцина за добро здравје и еликсир за убавина


Калинката е едно од моите најомилени есенски намирници, и од октомви месец па сѐ додека ја има на пазарот, го конзумирам нејзиниот сок наутро на гладно срце.

Богата е со витамините А,Ц и Б (содржи повеќе Ц витамин од портокалот) и минерали како потасиум и фосфор. Ова есенско овошје го зајакнува целиот имунолошки систем и навистина доколку се конзумира секојдневно, барем во текот на месеците октомври и ноември, делува како природна вакцина која штити од настинки, кои и те како се чести во овој период. Калинката има оргомно позитивно влијание врз срцето и артериите и благодарение на големото присуство на флавоноиди, претставува одлично средство за задржување на еластичноста на крвните садови.

Неодамнешните испитувања покажале дека благодарение на високото присуство на антиоксиданси и фитоестрогени, калинката има одлично балансирачко дејство врз хормоналниот баланс во телото кај мажите и жените. Ги контролира промените во расположението за време на менопаузата кај жените и според едно испитување од страна на универзитетот Висконсин во САД, ова овошје има огромна моќ во контрастирање на канцерогените клетки, особено во случај на рак на простата.


Потоа калинката (особено нејзиниот сок) помага при проблеми со диареата која честопати е проблем во овој период особено при стомачните вируси од кои страдаат многумина. Како што веќе ви напоменав јас обавезно од октомври конзумирам цеден сок од калинка и токму затоа во продолжение би сакала да ви кажам зошто е толку корисен и како е најдобро да се конзумира.

Сокот од калинка може навистина многу лесно да се подготви дома, со помош на цедилка за портокали која се надевам сите ја имаме во нашите домови. Со помош на еден нож, калинката се сече на два дела и се цеди некзиниот сок, притискајќи ја врз цедилката (доколку е обична) или држејќи ја одозгора доколку имате електрична цедилка за портокали. Од две калинки со просечна големина (ни многу големи, ни многу мали) се добива сок како оној на сликата.


Вака исцедениот сок се конзумира наутро на гладно срце веднаш откако ќе го приготвите. Сокот ја подобрува работата на срцето, го зајакнува имунитетот, и на телото му ги дава сите потребни витамини и минерали. Како лек за заштита на срцето и подобрување на имунитетот, се препорачува конзумирањето на овој сок секојдневно барем во текот на два месеци.


Доколку наутро немате многу време, а сепак сакате да ја конзумирате калинката во текот на денот, со сокот може да ја зачините вашата салата наместо оцет или лимон, или пак во самата салата да додадете зрнца од калинка и да ја направите поздрава и похранлива. Исто така може да направите прекрасно ризото со калинкa.

Секако, не би била биодевојка доколку не ви дадам и некој рецепт за убавина со сокот од калинка.

1. Маска за лице

Оваа маска за лице претставува витаминска бомба која го враќа сјајот на лицето, ја омекнува кожата и ја подобрува бојата на самата кожа. По употребата кожата ќе биде поздрава и ќе има прекрасен здрав тен. Сѐ што ви е потребно за реализација на оваа маска е:

- 1 кафена лажичка свежо цеден сок од калинка
- 1 кафена лажичка мед
- 1 кафена лажичка маслиново масло (како замена може и бадемово, арган, јојоба или било кое друго лесно масло кое го имате дома).

Се мешаат сите состојки и со помош на една четкичка се нанесува на убаво исчистена кожа на лицето. Се остава да делува 15 мин. и се мие со многу млака вода.


2. Третман за висок сјај на косата

Ова овошје позитивно делува и врз косата со тоа што дава навистина висок сјај на самата коса. Во еден сад помешајте по една супена лажица од следниве состојки: свежо цеден сок од калинка, свежо цеден сок од портокал, мед и маслиново масло (може и друго како бадемово, рицинусово, арганово итн). Смесата нанесете ја пред шампонирање на косата и оставете да делува околу половина час. Потоа убаво измијте со млака вода и убав шампон. Секако зголемете ја количината во зависност од должината на косата.


3. Скраб за прекрасна кожа на телото

Во еден сад помешајте шеќер со масло (бадемово, маслиново итн.) се додека не добиете убава кремаста скраб смеса. Додадете една супена лажица сок од калинка и по потреба уште маслку шеќер. Со оваа смеса направете скраб на целото тело.

Се надевам дека она што го прочитавте во оваа статија беше доволно за да ја внесете калинката во секојдневната исхрана со цел да го подобрите вашето здравје, убавина и добросостојба.

Голем поздрав и до следната статија.
Вики


Comments