На кој начин и со каков производ правилно да ја отстраниме шминката во зависност од типот на нашата кожа?


Здраво на сите

Шминката е една убава навика на сите нас (жените), преку која ги истакнуваме убавините на нашето лице, прекриваме по некој недостаток и секако уживаме експериментирајќи со разни стилови, бои и производи. Колку и да е убава, на крајот од денот шминката треба сепак да се отстрани од лицето и еден од предусловите за здрава и убава кожа е токму чистата кожа.

Секој од нас има свој тип на кожа и она што одговара за еден не одговара за друг, затоа во продолжение ќе ви кажам како најдобро и правилно да ја отстраниме шминката во зависност од типот на нашата кожа и каков производ треба да избереме за таа намена. Секако ќе ви дадам два навистина лесни рецепти за природни и домашни отстранувачи на шминка кои навистина многу лесно се прават, а одлично ја отстрануваат шминката и ја хранат, омекнуваат и штитат кожата. Двата отстранувачи се идеални за ладниот зимски период кој допрва доаѓа.

1. Сува до многу сува кожа


Овој тип на кожа има потреба од интензивна нега не само кога станува збор за кремите, туку и за отстранувачите на шминка кои, не само што ќе ја отстранат шминката, туку и ќе ја подготват кожата за понатамошните чекори како тоникот и кремата. Затоа според мене, најдобар производ за остранување на шминката од сувата кожа е богат кремаст производ на база на масло или путери со убава густа и кремаста структура. Овој вид на производ најдобро се нанесува на навлажнета кожа, со помош на прстите нежно се масира на целото лице со многу благи движења, со едно памукче или дискета се отстранува шминката од лицето и очите и потоа обилно се измива со млака вода. На овој начин не се трие лицето многу и кожата ја задржува еластичноста.

Во продолжение, како што веќе напоменав, ви оставам рецепт за еден прекрасен домашен отстранувач на шминка, специјално наменет за сува кожа, кој е многу лесен за подготовка, а состојките веќе ги имате дома. Одлично ја отстранува шминката, благ е за очите и нежен за кожата. По употребата кожата е перфектно исчистена и мазна. Секако, за да биде природен и квалитетен, користете убав гел или крема за измивање на лице со природна формула и благи сурфактанти (по можност органски). Еве што сѐ ви е потребно за неговата подготовка.


- половина супена лажица дестилирана вода;
- половина супена лажица мед;
- една ипол супена лажица убав органски или природен гел за измивање на лице со благи сурфактанти (без сулфати);
- четири супени лажици кокосово масло;
- едно празно стерилно кутивче за крем

Во една мала чашичка ставете го гелот за миење на лице, медот и водата. Во меѓувреме стопете го кокосово масло (да го доведете во течна состојба) и ставете 4 лажици од него во друг сад. Загрејте го садот каде го ставивте гелот и водата затоа што двете фази- масната (кокосово масло) и водената треба да бидат топли, инаку доколку водената фаза е ладна, штом ќе го ставите кокосовото масло тоа веднаш ќе почне да се стврднува и да прави грутки, а тоа не ни е потребно. Откако ќе ги стоплите помешајте ги и почнете да мешате. Доколку имате мал миксер (оној за правење нескафе) мешајте со него сѐ додека да добиете убава кремаста смеса. Доколку немате, постојано мешајте ја смесата со лажица и повремено ставајте ја во фрижидер на 10 мин и пак продолжете со мешање. Откако структурата ќе стане кремаста (како вистински крем) префрлете ја во чисто стерилизирано кутивче. Вака подготвениот отстранувач на шминка трае и до месец дена на собна температура.


Како да го употребувате

Најнапред навлажнете го лицето со вода, земете мала количина од производот и со благи нежни движења со помош на прстите чистете го лицето. Потоа, со помош на памучна дискета за отстранување на шминка нежно поминете да ја отстраните шминката од лицето и очите. На крај, убаво измијте го лицето со млака вода и убав гел за миење за да ги отстраните остатоците од шминка и нечистотија на лицето.


2. Комбинирана до масна кожа


Овој тип на кожа има потреба од лесни и едноставни немасни формули на производи за отстранување на шминката, кои имаат за цел нежно да ги отстранат вишокот на нечистотии и масти од самата кожа, но сепак да ја остават кожата мазна, мека и хидрирана. Ако кожата е комбинирана или масна не значи дека нема потреба од хидратација. Најдобри производи, според мене, се оние на водена база како течни отстранувачи на шминка или мицеларни води, кои одлично ја вршат својата работа, а притоа многу негуваат и хидрираат.

Овие видови на отстранувачи на шминка најчесто се користат на тој начин што се навлажнува една дискета за отстранување на шминка и со неа на благ начин се отстранува шминката од лицето. Што се однесува на пределот околу очите, овде мора да бидеме многу внимателни, така да мој совет ви е откако ќе ја навлажните дискетата, да ја допрете до окото, да оставите така неколку секунди додека кожата од тој дел убаво не се навлажни и потоа со многу нежни и благи движења да ја отстраните шминката без многу триење. Во продолжение ќе ви дадам еден рецепт за отстранувач на шминка погоден токму за овој вид на кожа, кој ќе го направите за 2 мин. Ова е перфектен производ за вадење на шминка кој воопшто не ја масти кожата, а одлично ја хидрира и негува. Погоден е за сите видови на кожа, особено за комбинирана до масна со оглед на тоа што е лесен и веднаш се измива. Кожата ја остава перфектно мазна, исчистена и мека.


Во едно шишенце од 100 мл. ставете две кафени лажички нежен гел за миење на лице со благи сурфактанти, малку алое вера гел (една кафена лажичка) и наполнете го со деминерализирана вода (не го полнете скроз до горе, оставете малку место). Убаво протресете го шишенцето и ете, вашата производ е готов. Наместо вода може да ставите и чај од камилица или зелен чај доколку сакате оригинален производ. Мојот отстранувач на шминка е бел затоа што гелот за миење на лице кој го користев е кремаст, а не проѕирен и користев само деминерализирана вода. Доколку користите проѕирен гел ќе имате безбојна течност, а доколку користите чај бојата ќе зависи од самиот чај кој што сте го употребиле.

Овој отстранувач може да го чувате на собна температура до две недели, доколку сте користеле чај, а издржува и до три доколку сте ставиле само деминерализирана вода. 

Како да го употребувате

Земете едно памукче или дискета за отстранување на шминка, на него нанесете од мицеларната вода и убаво исчистете го лицето. За пределот околу очите, ставете ја доскетата врз окото, оставете неколку секунди додека убаво не се навлажни кожата во тој дел и нежно отстранете ја шминката. Убаво измијте со млака вода и нежен гел за миење.


Еден од најважните чекори е секако доброто миење на кожата, така да без разлика на тоа каков отстранувач на шминка користите, мој личен совет ви е сепак да ја измиете кожата на лицето со убав благ детергент за да ги отстраните евентуалните остатоци од шминка и нечистотии. Потоа, секако нанесете убав тоник за лице и на крај крема која одговара на вашиот вид на кожа.

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист. Доколку се обидете да направите еден од овие отстранувачи на шминка, оставете коментар под самиот текст дали и колку ви се допаднале.

Секако, добредојдени се и вашите коментари кои се однесуваат на вашиот личен начин на отстранување на шминката, и производите кои ги користите.


Поздрав и до скоро читање.
Вики

Comments