Natura Siberica Royal Caviar: серум за кралски третман на вашата кожа
Здраво драги мои,
последниов период го тестирав серумот со кавијар Белуга на NATURA SIBERICA кој ме воодушеви најнапред од формулата која е феноменална, а потоа секако и од ефектот врз самата кожа. Лично сакам серуми како производ за нега на кожата, и затоа се израдував кога за првпат ја видов декларацијата на овој серум кој е единствена. Верувајте ми, немам видено друг ваков производ на пазарот. Затоа и сум толку возбудена да ви го претставам.
Овој производ е спој на најновите откритија во науката со уникатните својства на кавијарот од белуга. Отсекогаш сакав да ви претставам некој производ на база на кавијар, (а и јас лично сакам вакви оригинални и интересни производи), меѓутоа ете досега немав најдено некој кој ќе ме привлече да го пробам. Како и секогаш, ајде да ја разгледаме и прокоментираме декларацијата со цел да ви објаснам зошто производов ме остави без зборови.
Како што можевте да забележите од декларацијата, овој серум е комплетно на водена база што го прави идеален за секаков тип на кожа, па дури и онаа масната. Во секое шишенце серум ставени се единствени состојки кои ги оддржуваат убавината и здравјето на нашата кожа.
Во декларацијата која ви ја постирав може да забележите дека по водата (во декларацијата како Aqua) има една состојка Saccharide Isomerate. Оваа состојка е всушност еден вид на дериват на шеќери која има одлично хидратантно дејство врз кожата. Таа всушност делува на тој начин што се “прикачува или спојува“ со одредени аминокиселини во кожата, и на тој начин помага во оддржувањето на правилната хидратација, односно го спречува прекумерното сушење на кожата.
Веднаш по неа може да го забележиме Екстрактот од кавијар од белуга, кој е богат со протеини и аминокиселини кои ја подобруваат еластичноста на кожата и го подобруваат обновувањето на клетките. Во комбинација со витамините и минералите од дивите билки овој серум го спречува предвременото стареење и го стимулира природното производство на колаген.
Хијалуронската киселина користена во овој серум е всушност комбинација од двата вида: со ниска молекуларна вредност и со висока молекуларна вредност. Да ви објаснам подобро: првата има способност подобро да навлезе во кожата и ја зголемува хидратацијата од внатре, а онаа со висока молекуларна вредност има големо затегнувачко дејство врз кожата и претставува еден вид на природен лифтинг. Значи едниот ви делува од внатре зголемувајќи ја хидратацијата, а другиот однадвор, спречувајќи го губитокот на течности од кожата. Ретки се производите кои ги содржат и двата типа на хијалуронска киселина, затоа и овој серум го сакам толку многу.
Екстракт од златен корен или во декларацијата ќе го најдете како Rhodiola Rosea Root Extract, всушност претставува “најдобро чуваната тајна на долговечноста“. Овој екстракт е еден од најефикасните за намалување на брчките на лицето и спречување на предвременото стареење. Одличен е во случај на подочници, проширени пори или акни.
Екстрактот од исландски лишај или Cetraria islandica Root Extract, содржи големо количество на витамини А и Б2. Одлично ја заштитува кожата од надворешните влијанија, го подобрува тонусот и регенерацијата на клетките. Исто така одлично спречува било какви воспаленија врз кожата.
Екстрактот од коприва или во декларацијата како Urtica Diodica Leaf Extract е богат со витамин Ц и одличен во случај на акни и воспаленија. Исто така содржи и витамини како А, Б, Е и К.
Екстрактот од волчји трн, односно во декларацијата како Hippophae Rhamnodes, ја подобрува еластичноста на кожата и го подобрува производството на колаген. Исто така одлично помага во случај на темни флеки на кожата.
Ова се секако дел од екстрактите употребени во овој серум. Верувајте ми, досега немам видено серум кој има волку многу екстракти и кој според мене одлично одговара на разни проблематики на кожата: акни, црвенила, хиперпигментација и предвремено стареење.
Да не заборавам да напоменам дека во серумов има и пантенол (кој е всушност провитамин Б5) и бетаин, кои јас лично многу ги сакам во производите за лице, со оглед на тоа што одлично делуваат врз кожата, ја прават самата кожа помека и поеластична.
Откако ја разгледавме декларацијата, може да преминеме на структурата на овој производ и ефектот врз кожата. Како што може да забележите од сликата, овој серум има течна структура која е навистина доста лесна и потемна боја која е нешто помеѓу темно сива и црна.
Нанесен на кожата веднаш дава чувство на хидратација, како кожата да се напила вода (благодарение на дериватот од шеќери и хијалуронската киселина). Исто така кожата веднаш го впива, не е потребно многу да мачкате. Не ја затега кожата, во смисла не дава чувство на сува кожа кое знае да биде непријатно, туку кожата ја чувствувате мека и свиленкаста. Според мене одличен е и како подлога за пудра, доколку имате помасна кожа, или пак како серум нанесен под вашиот вообичаен крем за лице (доколку кожата ви е посува).
Јас најискрено наутро го користам прво серумот, а потоа ставам масло од арган и роза,и верувајте ми кожава не ми била никогаш помазна и посјајна. За навечер почнав да ставам само од серумов за да го видам дејството кога ќе станам наутро. Кожата изутрината е мека, на допир свиленкаста, блеска и воопшто не свети или нема вишок на маснотија. Доколку имате помасна кожа, слободно користете го како ноќен третман, ќе бидете воодушевени од резултатот.
Од оваа колекција има и крем за лице и крем за кожата околу очите кои ги немам пробано меѓутоа сигурна сум дека се одлични со оглед на тоа што состојките се горе долу истите.
Мое мислење е дека овој серум е идеален сега кога поладните денови надоаѓаат, и кога кожата има потреба од некој производ кој ќе и даде поголема хидратација. Студот ја суши кожата, дака да овој производ нанесен под вашиот секојдневен крем или масло може да биде од огромна помош.
Се надевам дека и оваа рецензија ви беше од корист.
Дали вие имате пробано некој од овие производи?
Поздрав и до следно читање.
Вики
Comments
Post a Comment