Кокосово масло и кокосов путер: сличности и разлики
Здраво драги мои,
со надоаѓањето на претстојната студена сезона, многумина од вас можеби ќе одберат маслен производ како средство за заштита на кожата на лицето. Јас самата обожавам масла во текот на студениот период затоа што верувајте ми ништо не ја храни и заштитува кожата повеќе од ова (барем според мене и досегашното мое искуство).
На пазарот кај нас може да се најдат многу разни марки на кокосово масло, меѓутоа од неодамна има и еден производ кој е за нијанса поразличен од маслото, односно кокосовиот путер. Засега, единствениот кокосово путер кај нас е оној на Institut Organica. Со оглед на тоа што не станува збор за ист производ како кокосовото масло, се решив да ја напишам оваа статија каде најнапред ќе ги разјаснам сличностите и разликите помеѓу овие два вида на кокосов производ, а секако и ќе искористам да ви го претставам самиот кокосов путер и да ви кажам како да го користите.
Најнапред да ја разјасниме дилемата: дали кокосовото масло и кокосовиот путер се едно исто? Одговорот е не. Кокосовото масло за кое имам доста пишувано во претходни статии, претставува производ кој се добива кога од полпата на кокосот се вади само маслото. Значи како производ составено е од 100% масло, или да бидеме попрецизни од 99,6%. За време на екстракцијата на ова масло, полпата комплетно се отстанува, односно се трга на страна.
Од друга страна пак, кокосовиот путер како структура е доста погуст со оглед на тоа што во својот состав освен маслото (кое го содржи околу 60%), содржи и дел од полпата од кокосот, која е заслужна за таа кремаста и погуста структура на самиот производ. Кокосовиот путер има голема количина на Б витамин.
Летно време при температури над 26°C и двете состојки (кокосовото масло и кокосовиот путер) преминуваат во течна состојба со тоа што маслото е комплетно течно како обично масло, додека путерот има малку погуста структура и се забележува таа полпа која не е како парченца туку како кашичка.
Откако ги разјаснивме разликите помеѓу кокосовото масло и кокосовиот путер, како што на почетокот напоменав, во оваа статија ќе искористам да ви го претставам кокосовиот путер на Institut Organica. Станува збор за еден производ кој има навистина доста густа структура и е комплетно без мирис. Мора да напоменам дека е само за надворешна употреба, така да не го користете за јадење или пак за подготовка на колачи или други работи. Во контакт со кожата (исто како и кокосовото масло) се топи и лесно се нанесува.
Доаѓа во прекрасно пластично кутивче со навистина интересна амбалажа, убаво спакувано со мала книгичка со рецепти за кожа и коса. Секако вие може да го употребувате чисто на кожата или косата или пак да направите некој од предложените рецепти во самата книгичка.
Еве погледнете ја структурата на овој производ
има навистина многу мека и кремаста структура која е многу пријатна за нанесување.
Кокосовиот путер има големо омекнувачко и хранливо дејство врз кожата и големо хранливо дејство во случај на сува коса. Дава огромен сјај на косата и ја враќа виталноста и еластичноста на влакното.
Како средство за нега на кожата може да го користите на повеќе начини и тоа:
- како замена за крем околу очи;
- како замена за крем за лице;
- како замена за крем за тело;
Видно ја омекнува кожата и помага во намалувањето на борите на лицето и околу очите и кожата веднаш го впива (сепак ова е различно кај секого затоа што ниеден од нас не реагира комплетно исто на иста состојка).
Како средтсво за косата може да го корстите на следниве начини:
- како третман за сува коса пред миењето;
- како третман за стајлинг на косата само на врвовите (многу мала количина на веќе измиена влажна или сува коса);
- како третман за скалп со првут (во овој случај се нанесува пред секое миење само на темето на главата и се држи околу 30 мин).
Исто така овој производ ноже да го користите и како:
- балзам за нега на усните;
- средтсво за нега на трепките;
- отстранувач на шминка
Кокосовиот путер се употребува на ист начин како и кокосовото масло, така да доколку ве интересираат повеќе рецепти, слободно прочитајте ја статијата Кокосово масло: еден производ, безброј употреби.
Доколку имате некои дилеми околу состојката ви советувам да ја прочитате и статијата 10 најчесто поставувани прашања за кокосовото масло
Драги мои, се надевам дека и оваа статија ви беше од корист.
Дали и вие го користите кокосовото масло во вашата секојдневна нега и како најчесто го употребувате?
Поздрав
Вики
Comments
Post a Comment