Затегнувачки ампули за лице од Alverde


Здраво драги мои,

во изминатиов период пробав навистина многу производи (понекогаш тестирам и повеќе одеднаш), ама премногу сум љубопитна кога ќе видам добар производ и мора да го пробам, а исто така и помислувам на вас...како може да ви помогнам во изборот на козметика која е ефикасна, природна и економична. Знам дека сите сме различни, така да пробувам различни работи од кои едно ќе одговара токму и за вашата кожа. Верувајте ми штом најдам некој интересен производ првата мисла ми е “Мора да го рецензирам“!!!

Овојпат за вас пробав еден навистина интересен производ, односно ампули за затегнување на кожата и спречување на предвременото стареење на Alverde со гоџи бобинки, Q10 и хијалуронска киселина. Дел се од линијата со гоџи бобинки од која во две мои претходни статии рецензирав веќе два производи, односно двофазниот отстанувач на шминка и моно ампула за лице.

Оваа линија е направена специјално за кожата над 30-та година. Употребени се многу состојки и екстракти кои имаат антиоксидантно, анти ејџ и затегнуувачко дејство. Да кажам дека во пакувањето има 7 ампули за една употреба.


Според мене се користат еднаш дневно, јас би ви препорачала навечер, кога кожата во текот на ноќта, активно ги впива сите состојки кои ќе ги нанесеме навечер. Декларацијата е следнава:


Од декларацијата може да забележите дека по водата има гроздова вода која е одлична за затегнување на кожата. Ја измазнува и самата кожа и го враќа тонусот. Потоа има глицерин кој има омекнувачко дејство па дури на четврта позиција алкохол. Со оглед на тоа што алкохолот не е единствен конзерванс, неговото присуство не е големо. Содржи масслиново масло, масло од лаванда и каприлик каприк кој е лесно масло и кожата веднаш го впива.

Од екстракти може да забележиме оној од гоџи бобинки и оној од Alteromonas Ferment Extract (не би можела да најдам превод на македонски), кој всушност претставува еден вид на протеобактерија која живее длабоко во морињата. Овој екстракт благодарение на полисахаридната (шеќерна) структура има својство да ја задржи хидратацијата во кожата и да ја подобри површинската структура на самата кожа.

Овие ампули како што кажав на почетокот содржат и Q10 кој во декларацијата ќе го најдете како Ubiquinone и хијалуронска киселина. Значи од самата декларација може да се забележи дека станува збор за еден многу моќен и функционален производ за кожата на лицето.

Откако ја разгледавме декларацијата, може да преминеме на структурата и дејството врз кожата. Јас користев само едно пакување на овие ампули и тоа само навечер. Кога ќе се нанесат на лицето даваат пријатно дејство, ја навлажнуваат кожата и на допир ја прават помазна. Верувајте ми алкохолот воопшто не се чувствува, затоа што кожата е мека како свила откако ќе ја ставите ампулата. Освен оваа ампула не ставав ништо друго на лицето токму за да го видам ефектот на истата наутро. Кожата беше мека, сјајна и воопшто не беше масна.

Во самото пакување ќе најдете инструкции за тоа како да го употребите овој производ.


Ампулата се употребува на тој начин што се крши горниот дел (оној како капаче) и течноста се истура во раката.



Структурата на овој производ е кремасто - течна, а бојата не е баш бела туку малку жолтеникава (можеби не се гледа добро поради блицот). Ова е поради присуството на Q10 и е показател дека е присутен во добра количина, затоа што самата состојка Q10 има портокалова боја и внесена во добра количина во еден производ дава благо кремаста накај кремаста боја (во зависност од количината). Мирисот е многу пријатен, не можам со точност да одредам на што мириса, меѓутоа е доста интересен.

Јас лично производов го нанесував со блага масажа на цело лице, врат и деколтѐ, дури и на зоната околу очите. Кај мене немаше никаква реакција, меѓутоа сепак сите сме различни, така да најнапред пробајте на мал дел.

Може да ги користите сами (како што правев јас) или пак под вашиот ноќен крем, доколку имате повозрасна кожа на која и е потребна додатна ноќна нега. Верувајте ми јас бев воодушевена од овој производ, а се надевам дека ќе бидете и вие доколку се решите да го пробате.

Дали некогаш сте пробале било кој од производите од линијата со гоџи бобинки?

Поздрав
Вики

Comments

  1. Драга Вики,прекрасна рецензија,како и обично.Само ,ме интерсира цената бидејќи немаме ДМ во градов и не можам да проверам.
    Еве,како сугестија нека биде и во идните рецензии да ја пишуваш цената на производите.Мислам дека покорисно е,за да ги избегнеш ваквите прашања.:)поздрав

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, благодарам многу. Цената е 219 мкд за 7 ампули. Ама вие слободно пишувајте, јас затоа сум тука. Многу ми е мило кога ме прашувате :). Поздрав и сѐ најдобро.

      Delete

Post a Comment