Козметика од студениот Сибир: одлична зимска заштита на кожата на нашите најмали
Најнезагадената област на светот каде воздухот, ледот и пејсажот потсетуваат на бајка е родно место на една прекрасна природна козметика за нега на лицето и телото, која во себе ги чува сите природни мириси на билките кои се наоѓаат во Сибир, односно Natura Siberica.
Оваа козметичка линија е многу позната и ценета во Италија, а на наша среќа и моја радост ја има и во Македонија. Моментално од оваа марка тестирам повеќе производи кои верувајте ми се прекрасни, иако денес ќе ви претставам два неизбежни детски производи со одлични формули, декларации и состав. Меѓутоа, пред да преминам на производите ќе напишам збор два за самата марка со оглед на тоа што за првпат ви ја презентирам.
Natura Siberica е природна и органска козметика (дел од состојките кои ги користат се од органско потекло), која ја користи моќта на билките од најчистите предели на светот во своите производи и формули.
Климатските услови во Сибир се такви (понекогаш паѓаат до -57°C) да билките кои успеваат во тој предел се навистина доста издржливи и богати со антиоксиданси. На пример сибирскиот бор чиешто масло е користено во скоро сите формули и производи содржи 5 пати повеќе витамин Е од маслиновото масло и 3 пати повеќе витамин Ф од рибиното масло. Претставува одлична заштита на кожата особено во зимскиот период кога студот навистина видно ја суши кожата на нашето лице.
Кога на ова масло ќе му ги додадеме единствените својста на билните екстракти од дивите сибирски билки кои уште одамна биле користени во древната руска традиција, се добива еден прекрасен уникатен производ кој се приспособува на кожата, ја нормализира состојбата на самата кожа и одлично ја негува и заштитува од надворешните услови. Мора да напоменам дека овие билки рачно ги берат тамошните сибирски племиња, а Natura Siberica го помага овој процес и активно учествува во задржувањето на оваа традиција.
Сертифицирана е од страна на Cosmos Standard AISBL, кое доколку сте ја прочитале мојата статија за сертификатори на органска козметика знаете дека станува збор за здружение на 5-те водечки европски компании за сертификат на природна и органска козметика, односно: Soil Association (Велика Британија), Cosmebio и EcoCert (Франција), BDIH (Германија), ICEA (Италија) кои имаат навистина строги критериуми и стандарди кога се во прашање состојките и формулите на една козметика.
Како што на почетокот напоменав, денес ќе ви претставам 2 производи од детската линија и тоa: шампон и крем за заштита на детската кожа.
Детската козметика е нешто за кое постојано ме прашуваат голем број на мајки и колку и да тестирам ваков вид на производи, никогаш не е доста. Затоа секојпат кога ќе најдам нешто што е одлично за нашите најмали веднаш го претставувам со надеж да помогнам на многу мајки во изборот на козметиката.
Да започнеме со шампонот кој просто го обожавам не само поради одличниот состав, туку и поради нежниот мирис и формулата без солзи која е од огромно значење кога станува збор за миење на децата и бебињата, кои се толку љубопитни што очињата секогаш им се ширум отворени.
Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата на овој производ за да сфатиме што всушност содржи и зошто е толку добар за детската кожа.
Од декларацијата може да забележиме дека има фантастично избалансирана формула која е блага за детската кожа. После водата има алое кое одлично омекнува и спречува било какви иритации кај кожата. Како сурфактанти се користени Lauryl Glucoside, Coco Glucoside, Sodium Coco Sulfate и Cocamidopropyl Betaine и тоа во таков сооднос да се направи една неагресивна формула која нежно измива без да суши и без да ја иритира детската кожа. Додатокот на глицерин и екстракти како на пример оној од сладок корен, ја комплетираат оваа прекрасна формула. Како конзерванси се употребени Sodium Benzoate и Potassium Sorbate кои скоро секогаш одат во пар и се едни од најделикатните заштитувачи или оддржувачи на стабилноста на еден производ.
Не прави многу пена што е одлично, затоа што е еден показател за деликатната формула на самиот производ, а и најискрено за нежната детска кожа не се воопшто потребни агресивни производи со голема измивачка моќ. Потребно е нешто што деликатно и нежно ќе измие, без да обезмасти или иритира. Има прекрасен нежен мирис на бор кој потсетува на снег, зима и празници. Овој производ има големо хидратантно и хранливо дејство врз кожата. Од мене има чиста 10-ка.
Кремот за заштита на кожата од Natura Siberica е нешто навистина посебно. Ме радува фактот што станува збор за еден повеќенаменски крем за нега на детската и бебешката кожа кој може да се користи како за нега на кожата на телото, така и за заштита на чувствителната кожа на лицето, особено сега кога зимскиот период тек допрва ќе надоаѓа, а знаеме дека зимите во наша земја не се баш многу благи. Понекогаш температурата знае да падне и до -15 °C.
Овој крем има исто така многу убаво избалансирана формула и декларација со екстракти кои имаат смирувачко дејство врз детската и бебешката кожа и секако масла кои одлично негуваат и хранат. Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата
Може да забележиме дека по водата на втора позиција има хидролат од камилица кој има огромно смирувачко дејство врз кожата. Коко каприлатот е навистина лесно масло со одлично омекнувачко дејство кое кожата брзо го впива. Присуството на глицерин додатно ја збогатува формулата и го зголемува омекнувачкото и хидратантното дејство врз кожата, а сончогледовото масло ја храни кожата. Маслото од бор заштитува од надворешните влијанија. Од огромна важност се и екстрактите употребени во овој производ како невен кој смирува и омекнува и комбинација на диви сибирски билки кои го зголемуваат заштитното дејство.
Овој крем има убава густа структура, меѓутоа воопшто не е масен туку веднаш се впива и убаво ја хидрира и храни кожата.
Мирисот е навистина интересен, комбинација помеѓу камилица, бор и невен. Не можам со точност да одредам затоа што се чувствуваат сите три компоненти, меѓутоа не е воопшто нападен. И овој производ од мене има чиста 10-ка.
Ете драги мои, доколку сте во потрага по производи кои се сертифицирани, благи и имаат големо заштитно, хранливо и хидратантно дејство, оваа марка е вистинскиот избор за вас.
Се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ви беше од корист. Јас да ви најавам дека моментално тестирам уште 3 производи од оваа марка за кои секако ќе споделам свое мислење со сите вас во некои наредни статии.
Поздрав
Вики
Kade gi ima?
ReplyDeleteДрага Весна, може да ја најдеш по аптеките (на пример сигурна сум за Ани Фарм во Капитол која е под групација Бети) и во Космо. Сигурно и во другите аптеки ја има. Поздрав.
DeleteKako se dvizat so cena,bi sakala da gi probam
ReplyDeleteKako se dvizat so cena,bi sakala da gi probam
ReplyDeleteЦените се движат 417 мкд за кремот и 674 мкд. за шампонот. Поздрав.
DeleteGi probav shamponot I sapunceto za kapenje I se odlicni.
ReplyDeleteSo mn pogolema hidratacija za ovoj period(vo sporedba so predhodnata prirodna kozmetika sto ja koristevme).
Здраво драга Мартина. Многу ми е мило што ти се допаднаа и ти благодарам што го сподели ова на блогот. Навистина се радувам на секој ваш коментар. Поздрав и секое добро.
Delete