Dr. Hauschka крем за лице со дуња: есенска заштита за нормална до комбинирана кожа
Здраво драги мои,
со другарка ми Адри пред две недели биравме крем за лице за нејзината кожа која е комбинирана, меѓутоа доста чувствителна и реагира со црвенило на надворешните услови. Откако проба неколку кои не и одговараа, во една природна аптека и ја покажав колекцијата на Хаушка и и кажав дека оваа крема ја имам лично користено поодамна и дека според мене одлично ќе и одговара.
Ја користи еве точно две недели и пред некој ден ми рече дека подобар крем не пробала досега. Со оглед на тоа што и јас самата ја користев пред 9 години, се решив да ја рецензирам (сликите се од нејзината крема секако) и да ви ја претставам. Можеби на некој од вас ќе му биде од корист оваа рецензија.
Станува збор за еден навистина прекрасен производ кој најнапред ми се допаѓа затоа што има големо заштитно влијание врз кожата од надворешните услови. Одлично се апсорбира и воопшто не масти. Токму затоа и напоменав дека е одличен за нормална кон комбинирана кожа. Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата на производот:
Water (Aqua), Prunus Armeniaca (Apricot) Kernel Oil, Anthyllis Vulneraria Extract, Pyrus Cydonia Seed Extract, Alcohol, Daucus Carota Sativa (Carrot) Root Extract, Glycerin, Butyrospermum Parkii (Shea Butter), Prunus Amygdalus Dulcis (Sweet Almond) Oil, Olea Europaea (Olive) Fruit Oil, Cetearyl Alcohol, Persea Gratissima (Avocado) Oil, Althaea Officinalis Leaf Extract, Simmondsia Chinensis (Jojoba) Seed Oil, Beeswax (Cera Alba), Pyrus Cydonia Wax, Lysolecithin, Bentonite, Hamamelis Virginiana (Witch Hazel) Bark/Leaf Extract, Fragrance (Parfum), Citral*, Citronellol*, Geraniol*, Limonene*, Linalool*, Eugenol*, Benzyl Benzoate*, Xanthan Gum.
*Componente di oli essenziali naturali.
Како што може да забележите алкохолот не е помеѓу првите позиции во овој крем, што е одлично, и ќе го најдете дури на 5-та позиција. Има неверојатна комбинација од прекрасни масла како на пример масло од семки од кајсија (кое се наоѓа на втора позиција и е најмногу застапено) во комбинација со маслата како бадемово, маслиново, авокадо, јојоба. Во кремов застапени се масла со разна густина што е предуслов за една одлична формула на производот и она што го прави погоден за нормална кон комбинирана кожа е токму процентот на застапеноста на секое од маслото и комбинацијата со путерите и восоците во самиот производ.
Соодносот е прекрасно избалансиран на начин да не масти а сепак да заштитува. Според мене лично еден добар крем за лице треба да изгледа вака. Да содржи повеќе видови на масла со извонредна меѓусебна комбинација, а сепак да има и еден баланс со останатите состојки кои даваат одлична хидратација. Дел од маслата имаат големо заштитно дејство како на пример бадемот или авокадото, јојобата има нормализирачко дејство. Маслото од семки од кајсија го враќа изгубениот сјај и тонус на кожата.
Особено ми се допаѓаат екстрактите во овој крем и лизолецитинот кој е емулгатор и ги спојува двете фази: водената и маслената. Лизолецитинот е еден од најприродните емулгатори кои истовремено одлично ја негува кожата. Фантастично емулзионира кога се прават производи или креми со формула: вода во масло или масло во вода, а на Хаушка формулите се тие.
Малото присуство на бентонит придонесува кремот убаво да се впива без воопшто да ја масти кожата и без да предизвика светнување на лицето. Токму затоа кремов е одличен и како база за шминка (со другарката го истестиравме на сите можни начини, па дури и како ноќен крем иако е спротивно на филозофијата на оваа козметичка куќа која за навечер вели да не се користи ништо).
Што да ви кажам драги мои, формулата е просто фантастична.
Ајде да преминеме на структурата и ефектот.
Како што реков веднаш се впива, дава убаво чувство на навлажнета кожа без воопшто да отежнува. Одлична е како подлога за шминка без разлика дали станува збор за течна пудра или пак за минерална во прав. Ја пробавме и навистина цел ден лицето не свети што значи дека ја држи пудрата без да дозволи маслата да избијат на површината од кожата. Ја пробавме и како ноќен крем, меѓутоа другарката повеќе е задоволна од дневниот ефект, така да ќе ја користи само за преку ден, иако според мене може и навечер да ја ставате.
Доколку сте во потрага по еден производ кој ќе ја заштити вашата кожа од надворешните влијанија како на пример смогот во овој период без да ја отежни вашата кожа и без воопшто да го попречи или наруши природното дишење на кожата, во тој случај Dr. Hauschka крем за лице со дуња е вистинскиот избор за вас. Секако сите сме различни и еден производ не може да биде совршен за цел свет, меѓутоа за многумина ид вас, кремов ќе биде вистински спас.
Дали досега некој од вас го пробал овој производ? Нвистина сакам заедно да пишуваме на секоја тема и да имаме фидбек во статиите.
Поздрав и до следно читање.
Вики
Comments
Post a Comment