Козметичките својства на маслото од семки од тиква



Здраво драги мои,

период е на тиквите и на сѐ она што може да се направи од тиква: супа, ризото, печена тиква и.т.н. и скоро сите знаеме колку е само здрава и корисна тиквата за нашиот организам. Кога сме веќе кај тиквата, да напоменам дека од семките на тиквата се добива едно прекрасно масло кое има безброј употреби како во кујната така и во третманите за убавина, со оглед на тоа што претставува вистински алеат за поубава и поздрава кожа и коса. Во оваа статија ќе се осврнеме на козметичките употреби на ова масло, и на тоа како да го извлечете максимумот во вашите домашни третмани за убавина.

Ова масло содржи висок процент на незаситени масни киселини како олеинската и линолеинската, потоа витамин Е и минерали меѓу кои цинк и содиум. Благодрение на овој состав, а особено на присуството на цинк ова масло има неверојатно ревитализирачко и регенеративно дејство врз кожата. Цинкот е минерал од основна важност за доброто функционирање на фибробластите- клетки кои се наоѓаат во дермисот и кои се одговорни за производството на колаген и еластин. Ова масло ја оддржува еластичноста на самата кожа и го намалува предвременото стареење.

Маслото од семки од тиква содржи една состојка која се нарекува кукурбитин која има својство да го спречи прекумерното опаѓање на косата, доколку редовно се нанесува на темето на главата со кратка масажа.


Масло од семки од тиква за неверојатно убава кожа

Ова масло може да го користиме на безброј начини кога станува збор за третмани на кожата, како на лицето така и на телото.

1. Анти ејџ маска за лице

2 кафени лажички зелена глина
1 кафена лажичка масло од семки од тиква
2 до 3 кафени лажички зелен чај

Во еден сад ставете ја најнапред глината и додадете го маслото. Додадете малку топол зелен чај (не врел) онолку колку е доволно да се направи убава смеса која не е ни многу густа, ни многу ретка. Нанесете ја оваа маска на убаво исчистено лице и оставете да делува сѐ додека глината да почне да затега. Отстранете ја маската со сунѓерче и млака вода.

2. Маслен серум за нега на кожата на лицето

2 кафени лажички масло од семки од тиква
2 кафени лажички масло од арган
2 кафени лажички масло од авокадо (може маслиново масло или масло од пшенични никулци)

Во едно празно стаклено шише (по можност темно) ставете ги сите масла и доколку имате додадете 1 гр. витамин Е. Убаво протресете. По желба може да додадете некое етерично масло (не повеќе од 7 капки) кое има анти ејџ ефект како на пример пачули, а може да користите и лаванда или сладок портокал.

Маслото се нанесува на лицето навечер. 3 до 4капки благо се масираат на убаво исчистено и благо навлажнето лице сѐ до комплетно впивање. Со редовна употреба кожата ќе делува поеластична, посвежа и поубава.


3. Масло за нега на кожата на телото

2 супени лажици маслиново или бадемово масло
1 ипол супена лажица масло од семки од тиква

Во едно празно стаклено шишенце (по можност темно) ставете ги двете масла и убаво помешајте. Доколку имате додадете малку витамин Е и по избор околу 7 капки етерично масло. Со смесата мачкајте ја кожата на телото по секое туширање.

Масло од семки од тиква за здрава и сјајна коса

Нема што да криеме, есента е период каде не само што се забележува опаѓање на лисјата од дрвјата, туку и се забележува поголемо опаѓање на косата како резултат на временските промени. Токму тука на помош доаѓа маслото од семки од тиква кое не само што ќе ја заштити и омекне вашата коса, туку ќе ја направи поцврста и ќе го спречи прекумерното опаѓање токму во овој есенски период.

Најдобар начин да се искористи ова неверојатно дејство на маслото од семки од тиква е да се користи како масло за масажа на темето на косата пред секое миење. Токму затоа би сакала да ви дадам еден едноставен рецепт кој го испробав и одлично функционира:


5о мл. масло од семки од тиква
10 капки етерично масло од рузмарин

Во едно празно стаклено шишенце (по можност темно) ставете 50 мл. масло од семки од тиква (околу 3 полни супени лажици) и додадете 10 капки етерично масло од рузмарин. Убаво протресете сѐ да се спои. Од ова масло нанесувајте само на коренот (на сув корен) мала количина и масирајте со благи кружни движења без многу напор или притискање. Оставете да делува најмалку 15 мин. и измијте ја косата со убав органски шампон без силикони. Верувајте ми, ќе забележите голема разлика по само три недели, доколку сте навистина упорни.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист.
Дали и вие го користите маслото од семки од тиква и на кои сѐ начини го употребувате?

Поздрав
Вики

Comments