Bare Origin тонер од липа за кожа која блеска
Здраво драги мои,
голем љубител сум на тонерите за лице, особено на оние кои се направени од чисти хидролати. Досега имам пробано навистина многу хидролати како оние од лаванда, роза, рузмарин и камилица, меѓутоа, на моја радост, апсолутно за првпат пробувам еден хидролат од липа.
Го обожавам мирисот на липата кој е карактеристичен за периодот пролет/лето, и овој мирис секогаш ме потсетува на прошетка во природата, на зеленило и релакс. Иако летото веќе е зад нас, овој мирис (и многу повеќе) може сепак да го почувствуваме врз кожата благодарение на тонерот од марката Bare Origin, од која ви имам предложено веќе неколку масла, сапуни и секако тонерот од роза.
Фитотерапевтското дејство на липата е познато уште многу одамна. Не верувам дека постои човек кој барем еднаш не уживал во шоља топол чај од липа (или доколку постои се надевам дека се ретки случаи). Оваа билка има големо релаксирачко дејство врз организмот и придонесува за намалување на стресот.
Голем е бројот на бенефициите кои оваа билка ги има врз нашето здравјето и организам (ако почнам да зборувам ќе ми треба уште една статија за да искажам сѐ). Во оваа статија ќе се задржам на козметичкото дејство на липата врз кожата кое е помалку познато од она врз организмот
Цветот од липа во козметиката е особено ценет пред сѐ поради омекнувачкото дејство врз кожата, меѓутоа и поради антивоспалителното и благо астрингентното дејство врз самата кожа. Сите овие квалитети го прават хидролатот од липа погоден за скоро сите состојби и типови на кожа, а особено за кожа склона кон иритации и црвенила, хиперчувствителна кожа и сува кожа.
Овој хидролат е еден од ретките кој може слободно да се користи и во пределот околу очите, токму благодарение на антивоспалителното дејство . Добрата вест е не само што може да се користи туку успешно ги отстранува и знаците на умор во тој дел од лицето.
За начините на кои може да го користите овој производ ќе говорам подоцна во статијата, најнапред би сакала да ви кажам нешто повеќе околу тоа како се добива.
Хидролатот од липа се добива по пат на дестилација на водена пареа и при самиот процес успешно се екстрахираат, односно извлекуваат сите својства на самата билка. Течноста која се добива иако има мирис на липа сепак не претставува етерично масло, бидејќи при процесот на дестилација се двојат водената и маслената фаза.
Хидролатот на Bare Origin е чист, добиен по пат на дестилација на цветовите липа и секако без додатни етерични масла или парфеми. Станува збор за еден производ кој доколку го земете ќе ви се најде во безброј ситуации како за вас, така и за вашите малечки. Во продолжение на оваа статија ќе проговориме на кои сѐ начини може да го користите.
Овој хидролат е предуслов за здрава и убава кожа. Иако липата цвета во сезоната пролет/лето, дејството на овој хидролат е од корист во текот на целата година. Еве сега се наближуваат студените денови, така да може да проговорам кои се бенефиции може да ги извлече кожата од овој хидролат.
Како што веќе напоменав хидролатот од липа е познат по своето смирувачко и омекнувачко дејство врз кожата. Оваа карактеристика според мене е многу важна особено во ладните денови каде студот ја суши кожата и потребен е тоник кој ќе ја хидрира меѓутоа истовремено и омекне самата кожа. Студот кај некои типови на кожа може да предизвика и црвенило кое може да се спречи доколку хидролатот редовно се користи како тонер за кожата.
Потоа, овој хидролат е одличен и доколку имате мали бебиња дома. Одлично ги смирува иритациите на пеленската регија кои се честа појава кај многу бебиња. Доволно е да испрскате малку од овој хидролат на едно памукче и да ја поминете иритираната зона. Ова секако може да го употребите и кај возрасните за било каков вид на иритација.
На почетокот напоменав дека хидролатот од липа може да го користите за пределот околу очите. Облогите со хидролат од липа одлично ги отстрануваат трагите на умор во тој предел од лицето. Сѐ што треба да направите е да испрскате две памукчиња со хидролат од липа и да ги ставите над самото око. За оваа намена од може да го чувате хидролатот н во фрижидер, затоа што ладното додатно ќе ви помогне.
Не само кожата, туку и косата може да извлече навистина голем број на бенефиции од овој прекрасен хидролат. Може да го испрскате по должината на косата за да ја омекнете (особено доколку имате сува коса или хемиски третирана коса), или да го испрскате директно на темето во случај на теме кое лесно се иритира.
Доколку имате сува или чувствителна кожа на која и е потребен производ кој ќе даде одлична хидратација и ќе ја омекне, овој производ е идеален за вас. Топло ви советувам да го пробате.
Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист.
Голем поздрав.
Вики
Каде да ги најдеме производите од Bare Origin ?
ReplyDeleteЗдраво, производите на Bare Origin може да се најдат во Скопје во Јавна Соба (позади медицинскиот факултет). За другите градови не би знаела, најдобро ќе биде да ги исконтактирате директно на нивната фб страница. Поздрав.
Delete