Куркума - тајна за убава кожа


Со текот на годините кожата ја губи способноста да се регенерира, се намалува производството на колаген (а со тоа и еластичноста на кожата) и се појавуваат брчки.
Еден од најголемите непријатели на предвременото стареење на кожата е оксидативниот стрес и слободните радикали чие влијание видно може да се спречи преку употребата на состојки кои имаат висока антиоксидантна моќ и големо присуство на витамин Ц.

Една од овие состојки е куркумата.
Овој зачин во Индија претставува симбол за убава и здрава кожа и една од најголемите јавни тајни за блескав тен и кожа која делува помлада.

Жените во Индија ја нанесуваат куркумата врз кожата пред свадбената церемонија со цел кожата да изгледа што поблескава и поубава. 

Морам да ви напоменам уште на почетокот дека овој зачин навистина многу бои и може да се најдете со кожа која има жолтеникав тен, меѓутоа доколку ги следите инструкциите и количините кои ќе ви ги дадам подолу се ќе биде во ред.

Во оваа статија ќе ви предложам две прекрасни маски со куркума (една за нормална до сува кожа а другата за комбинирана до масна кожа), меѓутоа пред да преминам на маските и нивната подготовка, ајде да разгледаме во кои сѐ случаеви куркумата е од помош кога станува збор за здравјето на кожата.



Куркумата има еден цел спектар на позитивни влијанија и тоа:

1. Ги намалува акните и црнките на кожата (има антисептичко дејство);
2. Благо ги избледнува црвенилата кои остануваат после акните (белези пост акни);
3. Ја спречува дехидратацијата на кожата;
4. Содржи голема количина на Ц витамин и има огромно антиоксидантно влијание врз самата кожа. Го спречува предвременото стареење и дејството на слободните радикали;
5. Ја оддржува еластичноста на кожата;
6. Го регулира производството на себум;
7. Има антивоспалително влијание врз кожата

Мислам дека ова што го напоменав до сега е еден добар показател за моќта и влијанието на куркумата врз нашата кожа.

Како што напоменав на почетокот, во оваа статија ќе ви предложам две многу интересни маски со куркума кои со редовна употреба може да направат чуда за вашата кожа.


Маска за нормална до сува кожа:

едно мало парче банана
половина кафена лажичка алое вера гел
половина лажичка мед
четвртина кафена лажичка куркума

Маска за комбинирана до масна кожа


една кафена лажичка јогурт
половина кафена лажичка мед
половина кафена лажичка нишесте
четвртина кафена лажичка куркума
две три капки сок од лимон или портокал (она што имате дома)

За било која од двете маски помешајте ги состојките во едно мало тањирче (или празно кутивче од крем) и нанесете ја добиената смеса на убаво исчистено лице со помош на една четкичка.

Оставете да делува околу 10 мин. и убаво измијте со млака вода.

На интернет може да најдете маски со една до две кафени лажички куркума, меѓутоа нема потреба толку да се претерува со зачинот со оглед на тоа што бои. Доволна е количинава која ви ја предложив јас, затоа што куркумата има навистина големо антиоксидантно дејство и запомнете дека понекогаш помалку е повеќе.


И во двете маски имам ставено состојки кои на некој начин ќе го спречат преголемото боење на куркумата: во онаа за сува кожа има банана, а во онаа за комбинирана до масна кожа има нишесте.

Со оглед на тоа што јас имам комбинирана кожа ја испробав втората маска (со мала варијација: наместо нишесте ставив каолин, односно бела глина, и наместо сок од портокал или лимон ставив етерично масло од пачули кое е фантастично против брчки).


Еве ги моите импресии од маската:

Најнапред мора да напоменам дека во овој процент и вака искомбинирана куркумата воопшто не ја обои мојата кожа. Маската ја држев точно 10 мин.

Кожата е навистина многу мазна и хидрирана. Рано е да кажам за црнките со оглед на тоа што ја направив само еднаш, меѓутоа ќе бидам упорна да ја правам на секои 10 дена па ќе пишам повторно каков е резултатот. Самата кожа навистина добива прекрасен сјај некако ми се чини поздрава (можеби е моја импресија ама откако го нанесов маслото за нега на кожата, навистина блескаше повеќе од обично).

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да ја направите оваа прекрасна маска за лице.

Доколку е така, пишете ваши импресси за резултатите врз вашата кожа.

Поздрав
Вики

Comments