3 нови фантастични производи под 500 денари во кои се едноставно вљубив


Здраво драги мои,

еве ме повторно во уште едно издание на статијата во која ви претставувам производи за кои нема потреба да потрошите многу пари, а ќе добиете фантастични резултати.

Овојпат за вас најдов три производи во кои буквално се вљубив... дефинитивно љубов на прв поглед, или во случајов допир.

Станува збор за производи кои имат многу убави декларации со прекрасно избалансирани состојки и формули. и неверојатни резултати.

Знам дека сте нетрпеливи да дознаете што ќе ви претставам овојпат, така да ќе преминам веднаш на главното.

 1. Маслен гел за миење на лицето од Balea


Овој гел го забележав случајно во ДМ (како по навика ги гледам декларациите на сите производи) и бев навистина пријатно изненадена од декларацијата. Гелов има само убави состојки, одлично избалансирани. Верувајте ми двапати ја проверив декларацијата пред да го земам.

Пред да преминам на дејството би сакала да ви ја покажам декларацијата за да ви објаснам зошто има толку убаво дејство: 

CAPRYLIC/CAPRIC TRIGLYCERIDE - DICAPRYLYL ETHER - GLYCERIN - AQUA - OCTYLDODECANOL - ORYZA SATIVA BRAN OIL - POLYGLYCERYL-5 OLEATE - CAMELLIA OLEIFERA SEED OIL - PANTHENOL - TOCOPHERYL ACETATE - TOCOPHEROL - PHENOXYETHANOL

Како што може да забележите базата на овој производ е:

- каприлик каприк триглицерид кој е всушност многу лесно масло погодно за секој тип на кожа, па дури и комбинирана;
- дикаприлил етер кое исто така е многу лесно масло со сув ефект и служи најчесто да ја ублажи комбинацијата на масла во еден производ и да направи истиот да нема многу масен ефект;
- глицерин кој има неверојатна омекнувачка моќ на кожата и ја хидрира.



Значи од состојките кои се основа на овој производ може да заклучиме дека истиот има многу благо влијание врз кожата не ја суши, ја омекнува и добар е како за оние кои имаат сува и чувствителна кожа, така и за оние кои имаат комбинирана кожа. Пoнатаму во производот има присуство на масло од ориз кое исто така е лесно, масло од камелија, пантенол, витамин Е и полиглицерид 5 кој е емулгатор. Како конзерванс е користен феноксиетанолот

Ајде сега да преминеме на ефектот врз кожата.

Го користам веќе недела дена наутро и навечер, и од сите производи за миење на лицето кои ги имам досега пробано, мислам дека овој дава многу добри резултати. Има нежна измивачка моќ, благодарение на убавиот состав и нема никаков мирис (значи погоден и за оние кои се алергични на парфеми). По миењето кожата не ја чувствувам затегната, туку напротив мека и хидрирана. Структурата му е нешто помеѓу гел и крем, навистина многу пријатна.


Мислам дека си го пронајдов идеалниот гел за миење на лицето за зимскиов период :).

Цената на овој производ е 168 денари и истиот може да го најдете во продавниците на ДМ Маркет.

2. Ампула за затегнување на кожата на лицето со гоџи бобинки на Alverde


Од оваа линија со гоџи бобинки го имам пробано и рецензирано двофазното средство за отстранување на шминка од кое бев премногу задоволна. Пред извесно време ја забележав и оваа ампула за лице која претставува еден вид на анти ејџ третман на кожата од 30-та до 45-та година со оглед на тоа што ја затега, ја хидрира и ја забавува појавата на брчки на лицето.

Бев љубопитна да го пробам овој производ и пред да проговорам каков е ефектот, ајде да ја разгледаме декларацијата.

Ingredients:

Vitis Vinifera Fruit Water*, Aqua, Glycerin, Alcohol*, Hydrolyzed Hibiscus Esculentus Extract, Lycium Barbarum Fruit Extract*, Citrus Aurantium Amara Flower Extract, Dextrin, Xanthan Gum, Sodium Cocoyl Glutamate, Lavandula Angustifolia Oil*, Phytic Acid, p - Anisic Acid, Levulinic Acid, Sodium Levulinate, Citric Acid, Sodium Hydroxide, Linalool**, Geraniol**
* ingredients from certified organic agriculture
** from natural essential oils

На прво место има вода од грозје која е богата со олигоелементи и шеќери и има за цел да ја хидрира кожата, да го спречи сушењето и губитокот на течности кај истата и да ја задржи водата во клетките. Потоа имате дестилирана вода, па глицерин кој омекнува и дури потоа алкохол. Во овој производ количината на алкохол според мене е многу мала од две причини: првата е затоа што доаѓа по глицеринот кој според мене не е повеќе од 3%, а втората е што алкохолот не е единствен конзерванс со оглед на тоа што присутни се p - Anisic Acid и Levulinic Acid кои се одлични конзерванси користени во природната козметика.


 Мое лично мислење е дека алкохолот е ставен само за да го потпомага навлегувањето на екстрактите во кожата заедно со глицеринот.

Кога сме веќе кај екстрактите имаме три прекрасни екстракти и тоа: хибискус, гоџи бобинки и сладок портокал. Оваа комбинација според мене е идеална со оглед на тоа што кожата добива еден комплетен третман:

- екстрактот од гоџи бобинки е еден од најмоќните антиоксиданси кои може да се најдат и имаат огромно анти ејџ влијание врз кожата;

- екстрактот од хибискус е наречен и природен ботокс со оглед на тоа што има неверојатно затегнувачко и тонизирачко дејство врз кожата;

- екстрактот од сладок портокал е одличен против штетното дејство на слободните радикали и го подобрува тенот и изгледот на кожата.

Се користи на тој начин што се крши капачето (кое повторно се затвора со оглед на тоа што ампулата не е само за една употреба) се врти ампулата обратно и се притиска дното за да истече од течноста. Ова особено ми се допаѓа со оглед на тоа што не се губи безпотребно производ туку излегува по малку со притискање одоздола.


 Ви советувам да ја нанеcувате директно со прстите со оглед на тоа што доколку користите памукче или дискета губите доста од производот. Има многу пријатен мирис (барем според мој вкус).

Според мене оваа ампула трае до две недели со користење наутро и навечер.

Ефектот кој го дава врз кожата откако ќе се нанесе е свежина. Со оглед на тоа што е на водена база веднаш се впива.

Како што веќе напоменав оваа ампула е за оние од 30-та до 45-та година и може да ја најдете во ДМ маркетите по цена од 219 денари.


3. Маска за коса со кокосово масло на Glenova


Оваа маска за коса ја открив сосема случајно пазарејќи во Веро. Ја загледав на еден посебен рафт и решив да видам за што станува збор. Како производ не е комплетно природна иако има одлична декларација.


AQUA, CETEARYL ALCHOL, COCOS NUCIFERA (COCCO) OIL, CETRIMONIUM CHLORIDE, PARFUM, LECITHIN, TOCOPHEROL, ASCORBYL PALMITATE, TRISODIUM DICARBOXYMETHYL ALANINATE, CITRIC ACID, METHYCHLOROISOTHIAZOLINONE, METHYLISOTHIAZOLINE, COUMARIN 

Се израдував кога видов дека е без силикони, без парабени и без нафтени деривати како парафини и минерални масла. Има кокосово масло, лецитин и витамин Е кои се одлични за косата.





Што се однесува до конзервансите има два и тоа METHYCHLOROISOTHIAZOLINONE и METHYLISOTHIAZOLINE кои кај некои личности кои имаат премногу чувствителна кожа може да создадат алергиски реакции. Обично кога се користат овие конзерванси со цел да се намали потенцијалното алергенско влијание се ставаат во комбинација со магнезиум. 

Порано комплетно ги избегнував овие два конзерванси, меѓутоа многу истражував во последно време и тестирањата на истите не беа толку страшни како што мислев. 

Со оглед на тоа што оваа маска се нанесува само по должината на косата, не би требало да создава проблем. Еве јас ја пробав неколкупати и кај мене немаше никаква реакција. Меѓутоа фер е да го споменам овој факт со оглед на тоа што сите сме различни

Што се однесува до ефектот мора да напоменам дека одлично ја омекнува косата уште при првото нанесување. Штом ја нанесете косата е веднаш мека и лесно поминувате со прстите низ неа. Дава громен сјај, ја прави косата свиленкаста и има неверојатно прекрасен мирис на кокос. 


Како што напоменав не е комплетно природна или органска, меѓутоа е одлична за сите оние кои сакаат да ги остават силиконските производи и да преминат кон нешто подобро.


Цената на овој производ ќе ви се допадне премногу затоа што е  92 денари за 500 мл. производ. Јас ја земав од Веро супермаркет.

Ете драги мои, се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе пробате некој од производиве. Доколку е така, пишете ваши импресии под самиот текст.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments

  1. Здраво биодевојка,некое време одам во дм по гелот од балеа меѓутоа го нема,можно ли е да го повлекле?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, не би знаела да ти кажам. Јас го потрошив пред недела дена ама не го побарав повторно оти сепак сакам да пробувам разни производи за да ви предлагам. Моментално сум во потрага по нешто ново за да ви препорачам. Можеби најдобро е да ги прашаш во ДМ следен пат кога ќе одиш. Ако го повлекле штета, навистина е предобар. Мене премногу ми се допадна. Поздрав.

      Delete
  2. Jas od ovaa linija na alverde ja probav kremata za okolu oci od koja dobiv strasno crvenilo vednas po nanesuvanje.... Ne bi ja preporacala za sekogo...

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, ти благодарам за коментарот. Сите сме различни и еден ист производ не може да одговара за сите нас. Она што одговара за мене може да не одговара за некој друг и обратно. Поздрав.

      Delete

Post a Comment