3 економични маски кои ја штитат и хранат нашата коса во зима

Здраво драги мои,

деновите се сѐ поладни, а како што знаеме студот и ветерот не се баш најголеми пријатели на нашата коса. Под дејство на ладното време, нашата коса ослабнува, станува понежна и покршлива и има потреба од додатна нега.

Секако од огромна помош се домашните маски со масла кои во секој случај би требало да ги правиме барем еднаш неделно или еднаш во 10 дена, меѓутоа кога немате многу време, а сепак сакате да и ја дадете потребната нега на вашата коса, тука на помош доаѓаат готовите производи за коса кои може да ги купиме во продавниците.

Во оваа статија имам за цел да ви објаснам кои состојки е пожелно да ги содржи маската за коса со цел истата да биде посоодветна за заштита на косата во зимските денови, и секако да ви предложам неколку маски за коса кои лично ги имам пробано и според мене се одлични за овој студен период.

За да една маска биде комплетна и да ја заштитува нашата коса, потребно е да има пред сѐ хранливо, но и обновувачко дејство врз нашата коса.


Затоа кога купувате маска за коса гледајте истата да содржи дел од овие состојки:

- растителни протеини (најчесто употребувани се оризови, пченкарни и пшенични) кои даваат волумен на косата, го зацврснуваат самото влакно и ја спречуваат појавата на распукани врвови;
- растителни масла (кокосово, бадемово, арган, авокадо и др.) се од огромна важност во една маска за коса. Длабоко ја хранат косата, даваат прекрасен сјај на влакното и ја прават самата коса помека и поздрава;
- кератин кој го обновува влакното и ја прави косата поздрава;
- пантенол кој го зацврснува влакното и придонесува за поголем сјај на косата;
- лецитин (најчесто од соја) кој длабински ја храни косата, претставува одлична алтернатива на протеините од животинско потекло и го зголемува сјајот на косата;
- шеа путер и какао путер кои имаат громно хранливо и обновувачко дејство врз косата. Ја спречуваат појавата на расцветани врвови и длабински ја негуваат косата;
- глицерин кој ја омекнува косата  ја задржува влагата;
- витамин Е (токоферол) кој е одличен за сува и оштетена коса;

Маската најчесто претставува додатен третман која се држи од 5 до 10 мин. на косата, иако јас многу често ја користам и наместо балзам за коса, со оглед на тоа што ми дава доста подобри резултати од балзамите затоа што како состав и структура е многу побогата.

Како што ви напоменав на почетокот на оваа статија, ќе ви дадам предлог за 5 маски кои според мене се идеални за ова студено време и горе долу имаат дел од состојките кои ги напоменав претходно. Дел од маските кои ќе ви ги предложам не се 100% органмски или природни, мешутоа имаат одлично избалансирани формули, убави состојки и секако не содржат силикони, нафтени деривати, минерални масла и парабени (инаку не би ви ги ни претставила).

Ајде да започнеме.

1. Маска за коса со авокадо на Alverde


Оваа маска е секогаш мој фаворит. Всушност претставува еден вид на путер за коса со оглед густата структура и состав на истата. На база на масло од авокадо во комбинација со рицинусово масло, како путер и три вида на протеини (соја, пшенични и пченкарни) овој путер длабоко го обновува и храни влакното. Не ја масти косата, а може да се употреби на три начина: како третман пред шампонирање, како маска по шампонирање и како серум за оштетени врвови пред да ја исушите косата.

Со еден производ добивате всушност три и секако на некој начин заштедувате. Овој производ е сертифициран природен и дел од состојките се од органско потекло.


2. Маска за коса со кокосово масло на Glenova


Ова е моето последно откритие за кое верувајте ми сум екстремно среќна. Не само поради ефектот на маската кој е неверојатен, туку и поради цената која е исто така неверојатно ниска.

Благодарение на високиот процент на кокосово масло во комбинација со лецитин витамин Е и витамин А, оваа маска прекрасно ја омекнува косата, ја скротува дури и најбујната и оштетена коса и дава неверојатен сјај. Скоро како дијамантски одсјај. Има навистина неодолив мирис на кокос.


Не е комплетно природна, меѓутоа има добро избалансирана декларација.

3. Маска за коса на BioKap (Bios Line)

Оваа маска за коса ја имам пробано порано кога живеев во Рим (за среќа ја има и кај нас) и мора да кажам дека е навистина многу убава како производ.

Има огромно регенерирачко дејство врз косата благодарение на формулата со фитокератин, протеини од ориз, растителни керамиди и комбинација од маслиново и бадемово масло. Навистина е спас за сува и кршлива коса и на некој начин креира една вид на заштита на влакното од студот.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments