Домашно масло од куркума


Здраво драги мои,

по големиот интерес за употребата на куркумата како маска во козметички цели, се одлучив да ви предложам и како да направите едно прекрасно домашно масло од куркума кое ќе може да го користите за безброј работи.

Јас обожавам дома да правам природни масла од лаванда, невен, камилица (за камилицата ќе ви дадам рецепт во некоја од следните статии), па си реков зошто да не направам и од куркума со оглед на тоа што има навистина безброј позитивни бенефиции и употреби.

Маслото од куркума е навистина многу лесно за подготовка и не одзема многу време.

Пред да ви кажам како да го направите, би сакала да кажам зошто ова масло е толку корисно и барано.

Кога говорев за кукрумата кажав дека има еден цел спектар на позитивни влијанија и тоа:


1. Ги намалува акните и црнките на кожата (има антисептичко дејство);
2. Благо ги избледнува црвенилата кои остануваат после акните (белези пост акни);
3. Ја спречува дехидратацијата на кожата;
4. Содржи голема количина на Ц витамин и има огромно антиоксидантно влијание врз самата кожа. Го спречува предвременото стареење и дејството на слободните радикали;
5. Ја оддржува еластичноста на кожата;
6. Го регулира производството на себум;
7. Има антивоспалително влијание врз кожата

Маслото од куркума претставува едно од најдобрите анти ејџ состојки за кожата, го спречува предвременото стареење на кожата и дејството на слободните радикали. Поради големото присуство на Ц витамин, претставува моќен антиоксиданс кој ја оддржува еластичноста на кожата и го враќа нејзиниот тонус.

Маслото од куркума е одлично и во случај на дерматит или премногу сува кожа, а исто така е од голема помош и кај оние кои страдаат од првут во косата.

За да го подготвите маслото од куркума потребни ви се само две состојки и тоа:

250 мл масло
1 ипол супена лажица куркума


Што се однесува до изборот на маслото кое треба да биде база на овој производ изберете го во зависност од типот на кожата помеѓу следниве масла: сусамово, сончогледово или маслиново.

Во една тегличка ставете го најнапред маслото, па потоа додадете ја куркумата и убаво промешајте. Затворете ја тегличката (најдобро ако имате со херметички затворач) и ставете ја на темно место (на пример во креденец) точно недела дена. Пожелно е да ја прекриете тегличката со алуминиумска фолија.

Во текот на тие недела дена сетете се убаво да ја протресете тегличката еднаш дневно.

Осмиот ден не ја протресувајте тегличката и внимателно прецедете го само маслото, оставајќи го талогот на дното на теглата.


Маслото кое е веќе готово за употреба, префрлете го во едно темно шишенце.

На кој начин може да го употребувате ова навистина корисно масло од куркума?

1. Масло од куркума како моќен анти ејџ за лице

Како што веќе напоменав, маслото од куркума претставува еден од најмоќните анти ејџ состојки за нега на кожата на лицето. Може да го користите чисто, во комбинација со масло од јојоба или авокадо (во зависност од типот на кожата) или пак да направите крем за лице.

Како чисто, ова масло употребете го навечер на убаво ичистено лице и благо навлажнета кожа (на пример по тоникот). Убаво нанесете го со благи и нежни движења.

Доколку сакате да направите сопствен крем за лице во тој случај ќе ви предложам две варијанти (во зависност од она што го имате дома на располагање):

Едноставен крем за лице со масло од куркума

За реализација на овој крем потребни ви се само три состојки и тоа:

- 10 мл дестилирана вода (една супена лажица);
- 30 мл. масло од куркума (две супени лажици);
- 10 гр. пчелин восок (едно помало парче)

Во еден сад на пареа најнапред стопете го пчелиниот восок, па додадете го маслото при крај. Оставете малку убаво да се спојат па тргнете го садот од пареа и почнете да мешате. Bодата малку стоплете ја, па кога двете смеси ќе бидат горе долу слична температура додадете ја полека водата во садот со маслото и пчелиниот восок, не цела одеднаш туку дел по дел и постојано мешајте со помош на мала машинка за нескафе (или со раката).


Не го избрзувајте ладењето на кремот, во смисла не го ставајте во фрижидер или надвор на тераса за побрзо да се стврдне, затоа што ризикувате фазите да ви се одвојат или пак да ви се создадат грутки. Оставете го постепено да се олади на собна темература со повремено мешање.

Откако кремот ќе се олади готов е за употреба и може да го чувате до 2 месеци на собна температура.

Доколку дома имате повеќе состојки во тој случај пробајте го следниов рецепт:

- 10 гр.пчелин восок
- 10 мл. дестилирана вода (две кафени кажички);
- 10 мл. масло од куркума (две кафени кажички);
- 10 мл. масло од јојоба или арган (доколку имате многу сува кожа може и авокадо или маслиново масло) исто така две кафени кажички;
- 10 гр. шеа путер (две кафени кажички);
- 5 до 7 капки етерично масло од лаванда (или некое друго по ваш избор)


Во еден сад или стопете ги на пареа најнапред пчелиниот восок а при крај додадете ги останатите состојки (без водата и етеричното масло) и оставете додека сѐ убаво да се спои.
Потоа тргнете го садот од пареа и почнете да мешате. На друго место ставете ја водата малку да се смлачи и кога двете смеси ќе бидат горе долу слична температура полека додадете ја водата во маслата и потојано мешајте. На крај се додава етеричното масло и се меша.

2. Масло од куркума за коса без првут


Доколку сакате да ги искористите бенефициите од маслото од куркума врз вашата коса, во тој случај на 200 мл. шампон (без силикони и нафтени деривати) додадете 50 мл. масло од куркума и околу 10 капки етерично масло од рузмарин и лимон 4 од рузмарин и 6 од лимон). Пред секоја употреба протресете го убаво шампонот.

Само да ве предупредам дека куркумата малку бои, така да доколку имате црна коса, направете претходно една проба на еден прамен да видите дали ќе има промена во бојата. Кај девојките со светла коса куркумата може само да ја истакне бојата или со текот на времето благо да ја осветли.

3. Масло од куркума за регулирање на себумот на лицето

Доколку имате масна кожа склона кон црнки, во тој случај ви советувам да ја направите следнава маска за лице со масло до куркума.

- зелена глина
- масло од куркума
- малку мед

Земете една кафена лажичка зелена глина и додадете малку мед и масло од куркума колку да добиете убава смеса. Нанесете ја на чисто лице на оние места каде кожата е масна и склона кон црнки (на пример челото, брадата, носот) и оставете да делува околу 10 мин.

По истекот на времето измијте убаво со млака вода и на крај миењето завршете со поладна вода за да ја подобрите циркулацијата и да ги затворите порите на кожата. На крај нанесете го вашиот секодневен крем за лице.

Со редовна употреба оваа маска го регулира прекумерното лачење на себум и ја прави самата кожа поубава.

4. Масло од куркума за нега на кожата на телото

Доколку сакате да направите убав крем за нега на телото кој ќе има за цел да ја оддржи еластичноста на кожата, да ја омекне и нахрани самата кожа и да ја намали појавата на стрии, во тој случај потребни ви се само две состојки и тоа:

- 80 гр. шеа путер
- 20 мл. масло од куркума

Во еден сад на пареа стопете го шеа путерот со маслото.
Тргнете го садот од пареа и почнете да ја работите смесата со мал блендер или машинка за нескафе сѐ додека не стане кремаста.

Користете го овој крем за нега на целото тело по туширањето на благо навлажнета кожа.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments