Природни методи за масни очни капаци и како сенката да трае подолго


Многу девојки кои имаат комбинирана до масна кожа имаат проблем со масни капаци и по 4 часа откако ќе се нашминкаат сенката им се собира на одредени делови на окотo. Јас лично сум една од нив, имам комбинирана кожа, меѓутоа имам масни капаци така да честопати треба да ја поправам шминката на пладне затоа што половина исчезнала :(

Секако, за овој проблем прајмерот е најлесното решение. Меѓутоа повеќето марки на прајмер содржат силикони, а ние сме поборници на природната козметика и секогаш во потрага по нови природни состојки и методи. Многумина од вас можеби и не сакаат да коритат прајмер секојдневно туку само за одердени пригоди.

Доколку и вие го имате истиот проблем не очајувајте, продолжете да читате затоа што ќе ви дадам навистина оригинални решенија за овој проблем кои истовремено се едноставни, лесни и економични. Со помош на овие масли совети вашата сенка подолго ќе трае и ќе изгледа поубаво на очите.

Сите совети кои ќе ви ги предложам во продолжение ги имам лично пробано.

Совет бр. 1 - Алое вера гел


Алое вера гелот е одличен доколку имате проблем со масни капаци на очите. Не ја суши кожата (иако благо затега и дава ефект на суво) туку напротив ја хидрира кожата и истовремено ја регулира маснотијата.

Откако ќе се измиете и го нанесете вашиот крем на лицето, најнапред со едно памукче и малку водичка поминете нежно врз очните капаци и потоа нанесете мал слој на алое вера гел.
Оставете да се впие и продолжете со шминкањето. На овој начин сенката ќе трае подолго и ќе изгледа поубаво.

Совет бр. 2 - Вода/Термална вода/Ружина вода

Ќе ви изгледа смешно меѓутоа понекогаш наједноставните состојки како на пример водата имаат огромно дејство. Кога ја нанесувате сенката нанесете најнапред еден слој со помош на прстите. Потоа со помош на четкичка земете малку сенка, испрскајте ја четката со малку водичка и нанесете ја на окото.

На овој начин сенката ќе остане подолго. Ова кај мене навистина одлично функционира. Внимавајте само да не ставите прво вода на четката па потоа да земете од сенката затоа што ќе се појави еден вид на трага врз самата сенка и нема повеќе убаво да бои како претходно.


Најдобро изгребете малку од сенката во едно капаче, па со мокра четкичка зимајте од неа или најнапред нанесете ја сенката на четкичката па потоа испрскајте ја со вода (може и термална или ружина вода, секако).

Совет бр. 3 - Моливче за очи

Некаде имав прочитано дека обично бело моливче за очи помага сенката подолго да трае.

Го испробав и овој метод и доста добро функционира (иако повеќе ми се допаѓаат првите два.

Најнапред целиот капак на окото се исцртува со бело моливче, убаво се измазнува со помош на една четка или со помош на прстите и врз него се нанесува од сенката во прав.

Совет бр. 4 - Камена пудра


Како една од состојките која помага во регулирањето на прекумерниот себум и масни капаци е и камената пудра (може и минерална пудра).

Најнапред очните капаци поминете ги со четка за пудра на која имате ставено малку пудра во прав или камена пудра и дури потоа нанесете ја сенката.

На овој начин самата сенка подолго трае и очниот капак останува сув подолго време.

Совет бр. 5 - Минерални сенки

Минералните сенки како што кажува и самото име се составени од минерали во прав, помеѓу кои силика, мика, цинк оксид, титаниум диоксид и.т.н. и со оглед на тоа што се во прав подолго траат од останатите сенки.

Може да ги нанесете суви или влажни во комбинација со вода алое вера гел или ружина вода.


Совет бр. 5 - Мицеларна вода

Пред да се нашминкате, поминете ги очните капаци најнапред со малку мицеларна вода на едно памукче, а потоа и со обична вода.

Мицеларната вода има специјална безмасна формула направена да ја впие маснотијата и нечистотијата.

Потоа нанесете од сенките за очи како што обично правите. Ова помага сенката за очи подолго да трае.

Како што веќе напоменав ги пробав сите овие методи, иако мој омилен секако останува оној ао алое вера гелот и со водата.

Запомнете дека сите сме различни и масна кожа не е исто масна кај секого. Затоа можеби она што на мене ми одговара кај вас нема да одговара и обратно.

Како вие најчесто се справувате со масни очни капаци и дали имате пробано некој од овие методи?

Вашите коментари се добредојдени под текстот.

Поздрав
Вики


Comments