Ланолин во козметичките производи и алтернативи за доилките


Здраво на сите,

денешнава статија ја посветувам на една многу интересна тема за која доста ме прашуваа во изминатиов период, особено бремените жени и доилките, а тоа е ланолинот и неговата употреба во козметички цели.

Што е всушност ланолинот?
Ланолинот претставува еден вид на природен восок со жолтеникава боја и многу интензивен мирис кој може да се неутрализира со процесот на преработка. Тoj е производ на лојните жлезди на овцата и се собира во волната од самата овца и има заштитно дејство. Човекот го добива ланолинот по пат на преработка на волната. Структурата на ланолинот е одлична за нега на нашата кожа и тоа не е спорно. Честопати се препорачува како нега на градите кај трудниците, меѓутоа има една многу важна работа за која би сакала да проговорам а тоа е чистотата на оваа состојка, а со самото тоа и сигурноста за нејзината употреба.

Проблемот е во тоа што честопати ланолинот е полн со пестициди. Овците кога шетаат по полињата доколку истите се третирани со пестициди од најразличен вид, ги собираат пестицидите во волната која за жал не може комплетно да се прочисти при процесот на преработка. Голем дел од тие пестициди завршуваат во ланолинот, а секако и во козметичките производи кои го содржат. Мора да напоменам дека не сите видови на ланолин се исти и постојат и видови на ланолин кои се навистина чисти под услов овците да се одгледувани во органско земјоделство, ранети со соодветна храна и во услови каде земјиштата не се прскани со пестициди. Проблемот е што не може да бидеме сигурни за потеклото на ланолинот со оглед на тоа што производителите го купуваат од набавувачите кои го набавуваат од пазарот за голема потрошувачка каде го носат одгледувачите. Многу тешко е да се открие потеклото на ланолинот освен ако директно не се земе од одгледувачите кои своите овци ги одгледуваат специјално за оваа намена.


Во Италија хемичари направија лабораториски тест на три вида на ланолин кој беше купен од аптеките: едниот беше чист, вториот имаше мал процент на пестициди, додека третиот беше рудник на пестициди. Обично ланолинот кој има потекло од Нов Зеланд се смета за еден од најчистите, меѓутоа сепак пред употреба потребно е да го видите картонот од лабораторискиот тест а тоа е малку невозможно кога ги купуваме производите. Затоа никогаш со сигурност не може да знаеме за каков ланолин станува збор.

Да бидам најискрена јас избегнувам и органски производи во кои има ланолин (а ги има навистина многу), токму поради ова што претходно го напоменав, а верувајте ми голем број на производи за нега на брадавиците кај доилките или пак органски кармини содржат токму ланолин. Во САД постои закон според кој на производите кои содржат ланолин мора да биде напишано “внимание содржи ланолин“ кој се подразбира како производ со потенцијално алергиско дејство.

Многу луѓе го препорачуваат ланолинот како нега на брадавиците во текот на доењето, меѓутоа има и такви кои воопшто не го препорачуваат со оглед на тоа што дел од ланолинот останува во брадавицата и после миењето и бебето преку цицањето може многу лесно да внесе дел од пестицидите кои ги содржи ланолинот. Со оглед на тоа што многу мајки во последно време ме прашаа што да корстат за оваа намена, се одлучив да дадам неколку алтернативи за нега на брадавиците.


Како алтернатива бр.1 може да го користите чистиот шеа путер кој е одлична замена за ланолинот, меѓутоа во Македонија многу ретко може да се најде чист шеа путер, така да негова замена би можела да биде какао путер кој може да го најдете во сите продавници за здрава исхрана.

Понатаму валидна алтернатива се и чистите растителни масла како бадемово, масло од невен, кокосово, маслиново и др. кои одлично го омекнуваат тој дел од женските гради. Уште подобро доколку истиве масла се од органско потекло.

За оние кои сакаат да направат сопствен оригинален производ за нега на брадавиците може да пробаат комбинација од масло од невен со какао путер или пчелин восок. Во наредната статија ќе ви дадам еден многу лесен рецепт за масен крем од невен кој може да се користи и за илјада други намени.

Дали ќе користите масла или ланолин, изборот го оставам на вас. Важно е да знаеме со што се мачкаме.

Се надевам дека статијава ви беше од корист и ви благодарам за вниманието со кое ја прочитавте.

Поздрав
Вики





Comments